Почетна МЕГАФОН

„М’бубе М’бубе“ е јужноафриканска детска игра. „Мхубе“ е Зулу збор за лав. Целта на играта е да му помогне на „лавот“ со врзани очи да лоцира и да фати „импала“ (јужноафрикански пари). Оваа игра е одлична кога имате 6 или повеќе играчи.

Во Куманово се играше во среда вечерта, кога на платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ настапи бендот „Solution“. Но, метафората не се однесува на нив, како ни на сите претходни музички уметници кои во овие тропски ноќи се трудат со својот перформанс да го „освежат“ вкусот на малубројната публика. Намерата не е да се критикува машкиот вокал на „Solution“, кој треба да избегнува да ги интерпретира песните што ги имаат отпеано Тифа и Бебек, (нарочито у доњим лагама), туку да се апелира организаторите да престанат да нè понижуваат сите нас кога донесуваат одлуки за местото на културниот настан. Во нормален град (автоматски и држава), без оглед на тоа дали ечи „Хајде да лудујемо ове ноќи“ или некоја друга, да ни простите, поквалитетна музика, тоа не се приредува на допола „реконструиран“ мини плоштад! Барем да има и дисциплина „ќорава бака“ на паузите од концертите. „Рок т’мно“, прашината од недовршените бекатони се лепи за белите дробови, овде-онде по некоја заплеткана црвена мрежа што служела како браник за „внимание, градежни работи во тек“, се слуша само „пази, гледај куде одиш, очи да не извадиш!“. Катната гаража како грд лимен бедем ја сопира и последната надеж дека ќе пирне некој ветрец. Од една корпа за смет се смее изгрицкана скапаница од лубеница. Бубашвабите се движат „у ритму музике за плес“. Од кај Комитет чкрипат гуми на кабриолети. Божем асфалтот не е доволно запален. Скопските дуќани ја акумулираат врелината од кумановската августовска ноќ и како шкорпии планираат освета за наредниот ден. Со фишек семки си заминуваат сите накај кејот во прегратките на штурците. Не е фер за бендовите, уште помалку па за граѓаните. Сите градски лавови сакаат да фаќаат импали. Јасно ни е. Ние само бараме да не ни ги врзувате на нас очите. Да се потсетите што ветувавте за Дом на пионери, за концесии на кубуси во Центар за култура, за Соколана, за пешачки големи зони, за паркинг, за мир во светот…

Бонус: упатство за играње на „М’бубе, М’бубе“ – играчите формираат голем круг; двајца играчи се избрани да бидат лавот и импалата.

„Лавот“ и „импалата“ се со врзани очи и се вртат наоколу. Останувајќи во кругот, лавот се движи наоколу ловејќи ја импалата. Импалата може да се движи.

Luxury Catering Service

Децата кои го формирале кругот почнуваат да му викаат на лавот: „М’бубе, м’бубе“. Како што лавот се доближува до импалата, пеењето станува погласно и побрзо. Меѓутоа, ако лавот се оддалечи, пеењето станува потивко и побавно.

Ако лавот не ја фати импалата во рок од една или две минути, мора да се избере нов лав.

Ако импалата ја фати лавот, тогаш се избира друго дете да биде импала.

Р.П.