Почетна РЕТРО Драгомир Шојиќ – Музиката на Шојиќ

Драгомир Шојиќ – Музиката на Шојиќ

Свирете, свирете, маестро,
ни остана само оваа празна чаша
и песната Ваша.
Донесете вино, уште две-три тури
и само нека свират неговите тамбури – тамбурите на Шоиќ.

РЕОБЈАВА

Сестран музичар образован виолинист, „доктор за гитара“, човек што свири на сите жичани инструменти, идол и идеал на младите од седумдесетите години кои живееја за игранките и гитаријадите, соло – гитарист во групите „Глечери“, „Лева патика“, „Нај“, основач и ѕвезда на оркестарот „Тамбурите на Шојиќ“, музичар познат на просторите на цела бивша Југославија.

Многу е тешко да се разговара за сестраноста и талентите со еден толку скромен човек, кој како и сите навистина способни и талентирани луѓе смета дека неговите дарби не се нешто за што треба да се зборува и пишува. Човек – кој како и сите луѓе што навистина вредат, не сака да се истакнува посебно, и се чувствува непријатно кога треба да се пофали или да зборува за себе.

Драган Шојиќ потекнува од старо градско семејство, роден е 1950 година во „Карап маало“, во куќа веднаш до Гимназијата, близу јавната чешма која ја паметат старите кумановци.

Luxury Catering Service

Паралелно со основното училиште, учел и во нижото музичко училиште „Панче Пешев“, отсек – виолина, кај прочуениот професор Балкански. Музичката наобразба ја продолжил во Скопје, во Средното музичко училиште.

„Од раната младост живеам самостојно и независно, додека учев во Музичкото училиште, живеев во својот стан во Скопје, а навечер свирев гитара со најразлични музички групи , заработував џепарлак со свирки на игранки, во ноќни клубови, барови, ресторани…Ние музичарите бевме главни „фраери“ тогаш.

После матурата заминав во ЈНА, во Краљево, каде бев шеф на воениот оркестар, (оркестри тогаш постоеја во секој дом на ЈНА). Со нашата придружба, која беше на многу професионално ниво, настапија без малку сите ѕвезди на тогашната белградска естрада, кои постојано гостуваа во Краљево.“

Во златното време на рокенролот, во Куманово се формира рок – групата „Глечери“ некаде во 1966/67 година, група составена од врвни музичари како Шојиќ, Ќусем, Вучиќ, Шуте, која истата година стигна до финале на Југословенската гитаријада во Белград. Освоија прво место и на Гитаријадата во Гевгелија. Настапуваа на сите македонски Гитаријади, нормално и на кумановската, а свиреа и на сите игранки во преполната сала на „Соколана“, во Гимназијата, во ОУ „11 Октомври“ во сали преполни со млади луѓе кои неуморно и без прекин играа и се забавуваа и ги знаеја сите песни напамет.

„Во она време, пристап до странската музика имавме единствено преку легендарното „Радио – Луксембург“, од музичката радио – емисија кој започнуваше во еден часот по полноќ ги снимавме странските хитови на касетофони, а после со неколку слушања ги „симнуваваме“ песните. Бевме секогаш први, публиката лудуваше по рокенролот, се чувствувавме како дел од светската музичка сцена“.

Во 1975, Шојиќ заминува во Германија, Дизелдорф, и таму останува две години. Работел како предавач на концерт – гитара на ученици во приватни и државни училишта.

Во 1977 година започнува да свири со групата „Нај“, најдобрата рок група во Куманово во седумдесетите години во стара Југославија.

„Групата ја формираа Цобе, Шејтан и Тони, а јас им се придружив. Шејтан свиреше бас – гитара, Цобе – ритам, јас соло – гитара, а тапанар беше Тони. Сите бевме и вокалисти, се разбира. Постоевме од 1977 до 1979 година“.

Генерацитте родени во пеесетите и шеесетите години на минатиот век, не можеа да замислат ниту пак некогаш доживеаја подобра забава од игранките на групата „Нај”. Просториите каде се одржуваа игранките ( од 19 до 22.30 часот секој петок, сабота и недела) се наоѓаа на местото на сегашната шеснаесеткатница. Салата, популарно наречена „Коњушница”(некогаш била фабрика за јоргани или така нешто), долга просторија со дрвен под и столбови, осветлена со романтична придушена светлост, и верувајте – веста дека нема повеќе да има игранки на „Нај“ зашто салата ќе се руши, беше најстрашната вест за генерации тинејџери од тоа време, кои беа луди по рокеролот, по незаборавните „сентиши“ на кои се играше „стискавец“ во бавен ритам, а беа феноменални доколку игравте со некоја симпатија.

„Во времето кога во Куманово се снимаше серијата „Наши години“, се запознавме со еден менаџер од српската естрада, и ни договори свирка за преку целото лето на Јадранот, сега веќе бев скопската група „Лева Патика“ во која свиреа Рамиз, Нито, Тони, јас.. Можете да замислите какво беше тоа лето исполнето со свирка, во Башке воде, Будва…“

Драган имал и добра соработка со Народниот театар во Куманово, каде настапувал како музичар во повеќе претстави, рецитали, свечености. Го раководел и легендарното бифе на театарот, во кое имаа пристап одбрани луѓе, кое беше собиралиште на вистински боеми од тоа време, обожаватели на убавата песна и гитарата.

„Тамбурите на Шојиќ“

„Од мал свирев на тамбурче, секогаш во друштво со постари тамбураши, и од сите жичени инструменти кои ги свирам, ми се чини дека ми е најблиску до душата. Најпрвин почнав да свирам како придружба на Нино Величковски, а после природно дојде до тоа да формирам тамбурашки оркестар, „Тамбурите на Шојиќ“. Настапувавме на тамбурашки фестивали во Бијело Поље, Ужице, Старчево, свиревме на концерти и фестивали со целата македонска естрада. Животот ми поминуваше во музиката и со неа, таа ми беше цел и задоволство, и мој верен придружник засекогаш“.

Во нова убава куќа во „Циганско сокаче“, живее со сопругата Сунчица, професор по македонски јазик, со која се во брак З6 години, имаат синови Далибор и Давид, снаа Катерина, внуче Тадеј кое е центарот на нивниот живот. Времето го поминуваат во планинарење и дружење со пријатели музичари од Радовиш, Скопје и нивните семејства. Планинарат по Пљачковица, на 3латибор каде што имаат своја куќа.

Го оставивме Драган Шојиќ да ги подготвува за зима своите цвеќиња, со чувство дека го напуштаме домот на голем сестран музичар и вистински уметник, чиста душа предадена на музиката. За него градот и државата никогаш не се сетиле, тој е во сенка, за разлика од купиштата сосила натурени „боеми“ опседнати со материјалното, кои ја деградираат целата музичка сцена со кич, невкус и своите негувани полуталенти.

Објавено на 22 ноември 2013