Дека во нашиот град за среќа сеуште се раѓаат нови и нови фудбалски таленти говори и случајот со нашиот млад фудбалер и сограѓанин – Дамјан Антевски (2005)
Дамјан својата фудбалска кариера ја започнал на својата шестгодишна возраст во фудбалскиот клуб ФК Куманово, каде што прв тренер му бил еден од најдобрите кумановски фудбалски тренери за младински категории, Зоран Ристиќ, кој заедно со тренерот Борче Стојчевски (тренер кој го создаде нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски) досега важат за двајца најдобри тренери за млади фудбалери во нашиот град.
Пo пет-шест години поминати во фудбалскиот клуб ФК Куманово, каде Дамјан всушност ја совладал и фудбалската „абецеда“, тој заради напредок во фудбалската кариера, на својата дванаесет годишна возраст заминува во фудбалскиот клуб ФК Работнички од Скопје, каде и ги поминува наредните две години. Таму, како член на младинската екипа на ФК Работнички стана дел од првата генерација (2005 година), што преку ФФ на Македонија беше одберена од страна на лиценцирани скаути и менаџери на УЕФА при што во селекцијата од вкупно 227 млади фудбалери беа избрани само 27 фудбалери, меѓу кои што се најде и нашиот млад фудбалер Дамјан Антевски, што пак како податок сам по себе го потврдува неговиот голем фудбалски талент.
Во тој период, додека Дамјан сеуште бил член ФК Работнички, тој како талентиран фудбалер бил забележан од страна на скаути на фудбалскиот клуб ФК Хајдук од Сплит за евентуален негов трансфер, но истиот за малку не се реализирал поради неизнаоѓање на заедники јазик помеѓу родителите на Дамјан и турските менаџери, бидејки некои услови од договорот не оделе во полза на нашиот млад фудбалер поради што на крајот и трансферот пропаднал.
По поминати две успешни години во ФК Работнички тој во 2019 година станува член на ФК Македонија ЃП од Скопје и со оваа екипа во сезоната 2022/23 го освојува младинското првенство на Македонија, а во наредната сезона 2023/24 и Купот на Македонија. Тој како многу успешен младинец со сениорската екипа заминува на подготовки во градот Порторож во Република Словенија каде на пријателски натпревар против екипата на ФК Радомље имал успешен настап за првата екипа, а подоцна настапил и на натпревар против првата екипа на ФК Брегалница од Штип.
Оваа пролет, Антевски како позајмен фудбалер настапи на 7-8 натпревари и за нашата екипа ГФК Куманово и постигна неколку голови, а со истата екипа ја освои и шампионската титула во третата лига – Север. Во моментов Дамјан Антевски е член на ФК Кожув од Гевгелија и со него има шест месечен договор, по што се очекува конечно да го направи и својот прв меѓународен трансфер во некој од европските клубови. А на крајот, нам од спортската редакција на порталот Плоштад, не ни преостанува ништо друго освен на нашиот млад фудбалер и сограѓанин да му посакаме многу среќа во неговата идна фудбалска кариера, за која е талентиран и за која трудољубиво тренира. А, тоа, комбинирано со талентот, секогаш е добитна комбинација за успех.
Т.Д.