На 22 август, Центарот за Интеркултурен Дијалог успешно организира панел дискусија на темата „Младите дејствуваат: Градење на интеркултурни односи преку волонтерство“. Настанот се одржа во Куманово и привлече млади учесници од повеќе градови, вклучувајќи ги Куманово, Битола, Струмица и Скопје.
Целта на дискусијата беше да се отвори платформа за размислување и споделување искуства и добри практики кои промовираат интеркултурни односи меѓу младите преку активна вклученост во волонтерски активности. Учесниците дискутираа за важноста на волонтерството како средство за развој на локалните заедници и зајакнување на меѓуетничката соработка.
Панелот беше отворен со поздравен говор од Нами Исаки извршен директор на Центар за Интеркултурен Дијалог кој го презентираше проектот „Млади – агенти на промената“. Една од клучните презентации беше одржана од Јована Јордановска, која го претстави проектот „Интер ЕУ“, фокусирајќи се на важноста на интеркултурното учење и соработка меѓу младите од различни европски земји. Андријана Ташевска ги информираше присутните за Правилникот „Општини – пријатели на волонтерите“. Ѓорги Милушев го претстави Прирачникот „Локални Младински Патеки“, кој е наменет за поддршка на младите во нивните волонтерски активности на локално ниво.
Посебен акцент беше ставен на презентацијата на Мартин Крстиќ, службеник за млади во Општина Куманово, кој ја истакна важноста на волонтерството за развојот на општината. Ивана Стојчевска, во својот говор, понуди решенија за тоа како да се вклучат младите од различни етнички групи во волонтерски активности, додека Евгенија Герамитчиоска го презентираше проектот „Танцуваме, Готвиме, Волонтираме“, кој има за цел да ги обедини младите преку заеднички активности.
На дискусијата присуствуваше и Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, кој во своето обраќање го истакна значењето на културата и спортот како средства за промовирање на интеркултурните односи и социјалната инклузија преку волонтерство.
Настанот заврши со вмрежување и коктел, каде што учесниците имаа можност да споделат идеи и искуства, како и да изградат нови партнерства.
Центарот за Интеркултурен Дијалог продолжува со своите напори да ја поддржи и унапреди активната вклученост на младите во општеството, промовирајќи интеркултурни односи и создавање на пријателски и инклузивни заедници преку волонтерски активности.
Р.П.