Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Игор Југ

Азбука на Игор Југ

На некогашното култно КМР (кумановско музичко радио) ги водеше најслушаните ноќни програми. Тогаш беше во „фјака“ и можеше да „гушта“. После го навјаса „пегула“, а тој не е од оние кои трпат „приш“ или „гринт“ во животот, па постана „идан“ и беше принуден да се служи со „бештимје“. Не се колеба да нарече некој политичар „ретај“ или „редикул“. Кумановскиот „Хајдук“, единствен фан на ФК Сенегал и „шјор“ кој го „про(е)дадоа“ за многу „шолди“, но не и неговиот „дишпет“ – ексклузивно за Плоштад, Игор Југ.

А

Анускратија и анален алпинизам. Наука и спорт, што најлесно водат до успех во кариерата.

Б

Бирократија. Карцином што оваа држава ја мачи уште од времето кога беше дел од претходната држава.

Luxury Catering Service

В

Васко, на Ниџу другара ми син. Једини ријечанин којег сам волио.

Г

Гок или Овчар, еден од ретките луѓе со кои останав близок цел живот. Можеби затоа што тој е многу поубав човек од мене.

Д

Демократија. Систем што уште од времето на Стариот Рим реди неуспеси, а упорно се турка како идеално уредување.

Ѓ

Ѓон. Не ѓон од обувки, ѓон како опис на образ кај луѓето кои всушност немаат образ.

Е

Емпатија. Речиси изгубено чувство кај човечкиот род. За разликата од апатијата во која западна стариот континент.

Ж

Жуљање. Многу луѓе ме „жуљаат“ како тесни кондури, ме жуља неправдата, ме жуља непотизмот, болниот кариеризам, полтронството, ароганцијата на докажано глупавите луѓе, ме жуља игнорантскиот однос од страна на луѓе за кои си направил 1.000 работи што ги вивнале во орбитата. Ме жуља глумењето чесност од страна на луѓе „кварни к’о шупаљ зуб“.

З

Затвор, затвори. Институции во кои живеам речиси една деценија, црна дупка во институционалниот систем на државата, легло на корупција, двојни аршини, место каде што неписмени клучари врз затворениците (не врз сите, само сиромашните и незаштитените) лечат комплекси и фрустрации предизвикани од нивните жени кои дома не им даваат, од посилните и помоќните кои ги понижуваат, а овие молчат од страв, зошто се п…и во душа и зошто се продаваат за една плескавица или четврт бурек. Затворите најоригинално го отсликуваат нивото на гнилост во општеството во кое живееме.

Ѕ

Ѕвоно. Ме иритира, зошто во затворот ѕвони по 4 пати на ден, за да го означи времето за проверка, кога нè бројат како овци, да не се изгубила некоја овца, да не избегала или да не ја изел волкот.

И

Иронија. Уживам во неа. Таа е идеална за одговарање на глупави прашања, во разговор со лицемерни луѓе, со умислени величини, со неписмени функционери, со режимски бизнисмени и партиски подгузни муви.

Ј

Јовица Весковски Јокан. Познат антиквар и хроничар на настаните во Куманово. Контроверзна личност со сомнително минато. Внук на баба Велика, брат на Љубиша, син на Миле, чичино дете на чичо Јосе. По потекло од познатото калабриско семејство „Мајмунци“. Потеклото на неговиот капитал и изворите на неговите ексклузивни информации се нерешлива енигма дури и за најспособните истражни органи и за најеминентните истражувачки новинари.

К

Се двоумев помеѓу Карабаја и Кокан Џељо. Ама нека биде Карабаја. Лик од песната на  „Забрањено пушење“, моторџија кој бил избоден до смрт од автостопери кои му го украле моторциклот. Познат по тоа што сред ноќ им се појавува на возачи кои ги бира според само нему познати критериуми, им помага со возилата и ги праќа до моторџискиот клуб за да им кажат на неговите другари моторџии да му го најдат моторот, зошто не може без него да оди на небото. „Karabaja mora dalje, Karabaja naci mora, Karabaja ne moze na nebo otic’ bez motora“.

Л

Ливаја Марко. Мојот омилен фудбалер, моето бегство од реалноста, момче кое еднаш неделно ме носи надвор од затворските ѕидови по 90 минути. Симбол на далматинскиот пркос и дишпет (инает), фудбалски мајстор кого парите никогаш не го интересирале. Сплитски суперхерој и икона на сплитски Хајдук. Тој е на иста возраст со мојот починат син Мартин, може и тоа придонесува Ливаја да го чувствувам и сакам како мој втор син. Никогаш не сум сакал некој спортист како што го сакам Марко Ливаја!

Љ

Љубчо Георгиевски. Човек кој нè зарази со политика, што на многумина од нас ни го заеба животот. Додуша, нему му донесе само бенефиции и привилегии, но никој не може да му оспори едно нешто: беше најхаризматичниот лидер на партијата, членовите го третираа како божество, беше единствениот лидер кој членовите го нарекуваа војвода. Истото членство сега го плука и го нарекува предавник, истиот тој Љубчо, но тоа е нормален тек на збиднувањата во светот за „уметноста на мамењето“ наречена политика.

М

Мали. Моето омилено куче, мојот најдобар пријател, белгиска Малиноа која има поголемо срце и мозок од голем процент на луѓе кои ги познавам. Компјутер за извршување наредби, хируршки прецизен, суров кога е потребно, мирен, но бестрашен по природа. Уникатно живо суштество за кое сум сигурен дека би го дал својот живот за мене. Јас него го спасив од смрт кога беше мал, тој мене ми е другар кога ми е најтешко. Знаеме и да се скараме, но бргу се смириме, не можеме еден без друг.

Н

Национализам. Благородното чувство кое вечно и неизлечиво неписмениот народ го меша со шовинизам и со сето она што го сметаат за зло. Нема омраза во национализмот, само љубов кон својот народ, земја, обичаи, фолклор, историја…Но, на слеп да црташ и на глув да пееш е исто како на глупавиот да му докажуваш и објаснуваш.

Њ

Њофра – Драган Илиќ Мусо. Мојата омилена урбана легенда и омилениот лик од стриповите кои Макс и Бункер никогаш не ги објавиле во јавноста. Споменик човек. Колку се променила бистата на Боро Менков во последните 40 години, толку Мусо се променил во истиот временски период. Неуништива протува, на која промискуитет ѝ е средно име. Вечити младиќ, идол барем на десет генерации, ама на возраст до 17 години, после децата почнуваат да разбираат, нели? За него важи познатата изрека „Колико је Мусо попио, просјечни Далматинац није препливао!“. Иначе, (ова мора да го напишам на кумановски), да не дојде до забуна – мустаке не ги бричи зашто су му аманет од покојнога чика Милана.

О

Опрем. „Чест усклик у севдалинкама“ или универзален глагол кај руралниот дел од кумановската популација со кој ја потенцираат својата некреативна и интелектуално закината смисла за хумор. Руралците може немаат смисла за хумор, ама чика, теча, ујка или барем комша работив у полицију или су изнагњетени по буџетски установе и влечев целу фамилију и комшил’к барабар сас њима. Постои една стара поговорка, што во буквален смисол го објаснува овој феномен, а гласи: „Од в’шке се истребисмо, од сељаци не можемо!“.

П

Подгузни муви. Тип на карактер кај луѓето, најчесто застапен во редовите на политичките партии. Луѓе без срам и без перде, ташакозанесувачи, неспособни полтрони и лижачи на долниот дел од грбот, во народот попознат како газ. Обично, тие неспособни кретени се подметнувач за претходно споменатиот газ, на суетните функционери. Подгузните муви и нивните семејства, по правило добиваат одлични работни места за кои поседуваат ZERO способности и стручност, членуваат макар во општинските комитети и партиципираат во неколку управни одбори. Тркачите и жртвите на партискиот реваншизам обично се „наградени“ со работа на шалтер за наплата на комуналии и се „благословени“ со минимални месечни примања. Наравоучение: „Не биди лојален, не се жртвувај, бидни подгузна мува!“.

Р

Радикализам. Мислам дека околностите во кои сум доведен, не по своја волја, ме натерале да го засакам овој начин на размислување и делување. Идеален е за дотерување на умот на залетаните фришки функционери, кои заборавија на чија мака седнаа во фотељите. Носи со себе многу ризик, но чувството кога некој залетан ќе го спуштиш од облаците е бесценето. Радикализмот не е оружје против подгузните муви, за справување со нив поадекватен е садизмот. Значи, ова нè доведува до заклучок дека и садизмот е облик на радикализам, но е за пониските ешалони и слоеви на раководниот талог.

С

Семејство. Институција чија вреднот доцна ја запознав и сфатив. Единствено нешто за кое вреди да се жртвуваш и единственото кое за тебе безрезервно ќе се жртвува. Сè освен семејството и семејните вредности е лага и илузија. Богат е оној кој има семејство. Материјалното богатство е душевна сиромаштија.

Т

Татковина. Втора работа по вредност, веднаш по семејството. За жал, поимот Татковина најчесто се злоупотребува во политички цели. Во име на татковината, политичарите навлекуваат млади, а и постари емотивци за да им го расчистат патот до целта. Кога ќе ја постигнат целта, ги отфрлаат емотивците и борците и заедно со подгузните муви формираат режим. Наравоучение: Ако не сакаш да бидеш жртва на режимот, не паѓај на форите на политичарите и нивните приказни за одбрана на Татковината.

Ќ

Ќуран. Не мислам на бившиот премиер, тој е женски род од оваа именка. Со зборот ќуран се опишува тип на човек каков сум јас. Човек кој цел живот води туѓи битки, плаќа туѓи долгови и лежи туѓи робии. За сето тоа е награден со нула благодарност, со никаков фидбек, со долгогодишно измачување на сопственото семејство и со мноштво тешко решливи проблеми во чие решавање никој, освен семејството, нема да му помогне. Не биди Ќуран, повторно подгузната мува ќе ти ги лапне заслугите!

У

Установи за ментално здравје. Најретко посетени установи, со најмногу пациенти на слобода. Лудаци на секој чекор, зад секој агол, најмалку ги има во Бардовци и Демир Хисар, кај што треба да им е централата. Апел до овие установи: „Приберете си ги пациентите!“ Ако не знаете како и каде да ги најдете, само влезете на социјалните мрежи, веднаш ќе ги препознаете.

Ф

ФК Сенегал. Нешто што на овој свет мораше да му се случи многу порано, само преЦедникот Миле беше зафатен со градењето на музичката и маратонската кариера, додуша најмногу со „Запечување лепче на скару“, ама за тоа во друга прилика. Елем, се свести Миланче и заедно со Васко Ријечанин и група млади ентузијасти го формираа овој спортски гигант. Клуб со строги критериуми при избор на играчи. Од секој играч се бара елементарно непознавање на фудбалската игра и сериозен анти-талент и непрофесионализам. Клубот не прима играчи кои не пијат пред, за време и после натпреварот, значи најстрога селекција! На управата и играчите на ФК Сенегал им посакувам многу успеси во натамошното постоење и неработење! П.с. Миле, опљачкај гу благајну док е време!

Х

Хрватска и Хајдук, не можам да исфрлам едно, ниту да одберам помеѓу нив. Земјата од која доаѓам и клубот за кој живеам. Мојата Татковина и мојата прва љубов, што ќе трае додека постојам и јас. Горд сум на мојата земја и на мојот народ, горд сум на моите претци. Хајдук е моја религија, мое второ семејство, начин на живот, моја радост и тага, прва и доживотна љубов! Ме влече Хрватска, ме влече крвта, сè повеќе го чувствувам тоа како стареам. Хајдук ми ги буди сите емоции – мога’ би због њега и ‘јубит и бештимјат’. TUDJI COVIK NIKAD NECE ZNATI!!!

Ц

Цироза на јетру. Болест од која умираат градските боеми и еснафи, раскажувачите на приказни пред маалскиот гранап, уметничките души, заборавените градски легенди…болест на емотивците и хедонистите. Тивок убиец и писател на последните страници од многуте несреќни и „сањарски“ животни приказни.

Ч

Чамуга. Сликовит опис за неизделкана сировина со не претерано развиен интелект. Чамуга може, ама не мора да биде добар човек, но задолжително треба да е глупав. Чамуга се користи за тешки физички работи: бутање тополе у Драгоманце, растоварање џакови на жито у млин, у Речицу после жетву, рушење на куќе, у изградбу чамуге не се користив; мозак им работи деструктивно, никад креативно!

Џ

Џукела. Збор што може да се користи кога опишувате успешен бизнисмен во денешно време, се користи и кога бабата го опишува бившиот зет, а и свекрвата бившата снаа. Често се употребува кога комшија зборува за комшија, работникот за директорот, професор за ученик и обратно…А, може да се употреби и кога јас, Милош Стаменковиќ, Драган Илиќ Мусо, Мими Петрушевски Вештер, Милан Ел Бараби и Даљо Општинар сме во прашање. Само што тогаш на именката „џукела“ ѝ се додава придавката „стара“.

Ш

Шушљак. Кумановска единица мерка за вредност (кај луѓето). Шушљак е најдевалвирана карактерна валута во Куманово. Шушљак е личност, непожелна за во секое друштво. Шушљак е синоним за неуспешен абортус и омилена навреда на кумановци. Шушљак може да биде секој, само треба да ти е доволно антипатичен и иритантен.