Голема Богородица се празнува на 15 август според јулијанскиот календар или на 28 август според грегоријанскиот календар, во спомен на смртта на Богородица и вознесувањето на небото. На Успение на Пресвета Богородица му претходи двонеделен пост што завршува на самиот празник, но бидејќи оваа година 28 август се паѓа во среда, постот ќе биде на риба.
Според преданието, Пресвета Богородица живеела долго време по вознесувањето на нејзиниот син Исус Христос. Додека умирал на крстот, ја предал на чување на свети Јован Богослов. Во неговиот дом, во Сион, таа живеела во постојана молитва, чекајќи го денот кога ќе оди кај својот син. Таа често ги посетувала сите оние места кои потсетуваат на големите настани и големите дела на Исус Христос. Таа со своите молитви, совети, кроткост и трпение им помагала на светите апостоли во ширењето на Божјото слово. Најдолго се молела на Јелеонска Гора, молејќи го Бога што поскоро да ја земе кај Себе. И така еден ден, додека се молела, ѝ се јавил Архангел Гаврил и ѝ рекол дека ќе почине за три дена, што многу ја израдувало. Таа сакала да ги види сите апостоли уште еднаш пред нејзината смрт. Носени од ангелски крилја и на облаци, сите апостоли се собрале за последен пат да ѝ се заблагодарат на оваа Мајка над мајките, Пресвета Богородица. Простувајќи се со нив, таа му го предала својот дух на Бога. Ковчегот со нејзините свети мошти, во придружба на многу христијани, бил однесен во Гетсиманската градина, на гробот на нејзините родители, светите Јоаким и Ана. Додека го носеле низ градот, од него постојано се разлевал сладок мирис. Еден од еврејските свештеници се осмелил да посегне со рацете по ковчегот, но во тој момент му паднале и двете раце и тогаш тој поверувал во Христа и така рацете пак му се вратиле на телото.
Радувајте се Христијани, и верувајте – Пресвета Мајка Богородица е со вас за навек!
Честит празник,
Редакција Плоштад