Почетна Спорт Миливоје Арсовски – Биљан, еден од најталентираните фудбалски голмани од нашиот град

Миливоје Арсовски – Биљан, еден од најталентираните фудбалски голмани од нашиот град

Миливоје Арсовски – Биљан, иако во тоа време бил многу талентиран и многу надежен голман, од страна на тренерите никогаш не ја добил вистинската шанса и доверба бидејќи кај тренерите предност имале постарите и поискусни голмани кои што управата ги ангажирала од страна, наместо предност да имаат домашни кумановски фудбалери.

Можеби многумина го имаат подзаборавено човекот кој беше еден од најталентираните фудбалски голмани, нашиот сограѓанин Миливоје Арсовски – Биљан (1951), кој во седумдесеттите години од минатиот век ги бранеше боите на нашиот фудбалски клуб „КСК“, подоцна преименуван во ФК „Куманово“ (име што го носи и ден денеска, со мала додавка на буквата Г-градски, небаре претходно клубот бил СФК, а не градски). Потсетувам, клубот што денес треба да слави 100 години од постоењето и да биде гордост на градот, а истиот се наоѓа во навистина незавидна и многу лоша состојба, така што денеска истиот се натпреварува во една од најниските лиги во државата – клуб со префиксот ГФК, наместо да ги игра своите натпревари на градскиот стадион во Куманово,  за жал како домаќин ги игра во селото Доброшане.

Инаку, Миливоје својата фудбалска кариера ја започнал на својата 17 годишна возраст и тоа во подмладокот на тогашниот ФК „КСК“ каде што прв тренер му бил познатиот поранешен кумановски фудбалер Трајан Стевчевски – Џина, чие што семејство во тоа време важело за едно од најпознатите фудбалски семејства од градот.

Luxury Catering Service

Веќе наредната година, како многу талентиран и надежен голман, а поради повредата на првиот голман на клубот, Радован Вулетиќ, со само 18 години бил прекомандуван во првиот тим каде тренер му бил кумановецот Александар Стојмановски – Зеко, под чие водство тој дебитирал за првиот тим на натпреварот против прволигашот ФК „Вардар“ од Скопје за тогашниот таканаречен куп на весникот „Вечер“ – во тоа време многу силно и популарно натпреварување на кое што учествувале и неколку екипи и од Република Србија (ФК Бор, ФК Мајданпек, ФК Динамо од Врање и ФК БСК од Бујановац).

Но, Миливоје Арсовски – Биљан, иако во тоа време бил многу талентиран и многу надежен голман, од страна на тренерите никогаш не ја добил вистинската шанса и доверба бидејќи кај тренерите предност имале постарите и поискусни голмани кои што управата ги ангажирала од страна, наместо предност да имаат домашни кумановски фудбалери.

Во тоа време (1969), во клубот од страна на управата за тренер бил поставен Мите Атанасовски – Шуга и тоа со двојна улога како тренер – голман, а кој пред тоа настапувал и за прволигашот ФК „Вардар“ од Скопје и кој и ден денес важи за најдобар кумановски голман на сите времиња. Поради тоа, тогаш младиот Миливоје Арсовски покрај искусните голмани Мите Атанасовски и Радован Вулетиќ станал само трет голман во клубот.

Во наредниот период, поради лоши резултати бил сменет тренерот – голман Мите Атанасовски, а за тренер на негово место дошол Александар Петаковиќ и во клубот биле ангажирани двајца голмани од страна: Лазаревиќ – Мерџо од Бујановац и Ѓорѓи Дронов од Богданци, а клубот го напуштиле голманите Мите Атанасовски и Радован Вулетиќ поради што Миливоје Арсовски повторно останал трет голман.

Во 1971 година, под водството на тренерот Александар Петаковиќ, нашиот ФК Куманово влезе во тогашната втора сојузна лига на Југославија и го постигна најголемиот успех во историјата на кумановскиот фудбал, при што во клубот бил доведен познатиот голман Алберт Цветиниќ како и десетина други фудбалери од надвор.

Подоцна (1972/73), Миливоје заминал на отслужување на воениот рок, додека во меѓувреме, по заминувањето на тренерот Петаковиќ во клубот бил ангажирани прво тренерот Мирко Роскандиќ (1972), а подоцна и тренерот Ѓорѓе Качунковиќ (1973), така што по враќањето од ЈНА тој пак немал среќа да брани и бил само втор голман или прва замена на искуснуиот голман Алберт Цветиниќ.

Во наредниот период за клубот ФК Куманово настапувале и кумановските голмани Трајче Младеновски – Трајо, Светислав Ивановски – Лигаш и голманот Насер Љатифи – Кацо, како и голманот Алексо Мацков од Скопје.

Миливоје за време на својата голманска кариера во ФК Куманово добил шанса да стане прв голман во сезоната 1975/76 кога тренер бил Андон Дончевски и кога ФК Куманово во есенскиот дел бил есенски шампион со предност од 7 бодови пред штипска „Брегалница“, па тој како прв голман бранел на првиот пролетен натпревар на дербито против „Брегалница“ во Штип, натпревар што Куманово го загуби со 1:0, по што на крајот од таа сезона Куманово не стана првак и не влезе во втората лига, за да потоа екипата полека почна да игра сè послабо и послабо и така во сезоната 1977/78 испадна дури и од Македонската фудбалска лига и се најде во таканаречената Регионална лига во која што Миливоје Арсовски својот последен настап за екипата на ФК куманово го имаше против екипата на „Алумина“ од Скопје, а во меѓувреме го повреди и коленото, по што мораше да замине на операција на менискус и беше опериран во Белград од, во тоа време најдобриот југословенски хирург, д-р Нешовиќ, по што тој всушнот ја заврши и својата фудбалска кариера.

Факт е дека Миливоје Арсовски – Биљан, и покрај неговата не толку долга голманска кариера (1968 – 1977 со паузата од ЈНА), и покрај тоа што во тоа време имал можност и  шанса да работи со познати и квалитетни тренери како што биле Александар Петаковиќ, Мирко Роксандиќ, Ѓорѓе Качунковиќ, Андон Дончевски, Василије Шијаковиќ, Зоран Мишиќ, Мирко Дакиќ и Кирил Дојчиновски – тој никогаш во кариерата не добил вистинска шанса за докажување, за да евентуално стане голман – стартер и тоа најмногу од причина што во тоа време политика на управата на клубот била да се ангажираат исклучиво фудбалери – голмани од страна, при тоа не водејќи сметка за домашните кумановски  фудбалери, кои пак со својот квалитет воопшто не заостанувале од тaканаречените „купени“ фудбалери.

А како резултат на таквата лоша, погрешна и погубна политика на тогашната управа на ФК Куманово, Миливоје Арсовски – Биљан бил само една од стотината жртви кои не направија успешна фудбалска кариера. Последиците од таквата политика во кумановскиот фудбал се чувствуваат и денеска, и после неколку децении, поради што и ФК Куманово денеска се натпреварува во една од најниските фудбалски лиги во државата.

Т.Д.