Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Александар Јовановиќ

Азбука на Александар Јовановиќ

Раководителот на секторот за образование во нашата општина, Александар Јовановиќ, можеби е единствениот во рубрикава кој на буквата Ѓ не спомена ѓон. Под „р“ изненадува колку е посветен на својата функција. Под „ѕ“ и „њ“ е досетлив. Азбуката нека биде прирачник за сите ученици на кои им посакува добредојде во школските клупи за оваа учебна година.

А

Азбука, нешто што ме асоцира на почеток, подредено, основно и најважно. Азбука на животот.

Александар, универзално светско античко име кое го носеле многу видни луѓе во човековата историја.

Luxury Catering Service

Б

Буквар во издание на Просветно дело, од авторот проф. д-р Ѓорѓи Делчев. Буквар е учебникот со кој ги научивме печатните и ракописните букви.

Буквар печатен, не дигитален!

В

Вода – симбол на животот,  бидејќи до 78% од човековото тело е вода.

Водата покрива речиси три четвртини од површината на Земјата.

Водата не само што ја гаси жедта, туку го прочистува организмот и врши рехидратација. Затоа пијте вода!

Г

Говор, претставува основен темел за комуникација.

Говор со кој се служат луѓето на едно подрачје – кумановски дијалект.

Говорот е она што човекот го разликува од другите.

Д

Давид, библиско име, што во превод значи: „Сакан, драг и почитуван човек“.

Давид, цар на Израелско – Јудејското Царство. Малото дете кое го победи големиот Голијат.

Давидова ѕвезда, симбол за среќа и обединување.

Ѓ

Ѓорѓе Балашевиќ. Панонски морнар со гитара, бунтовник и остар критичар.

Ѓорѓе Балашевиќ. За секој негов напишан и испеан стих, кој во тебе побудува длабоки емоции.

Ѓорѓе Балашевиќ: „Луѓето се како школки – треба да отвориш илјадници од нив за да го најдеш бисерот“.

Е

Ернест Хемингвеј и мојот омилен роман: „За кого бијат камбаните“.

Ернест Хемингвеј  со „Теоријата на санта мраз“.

Ернест Хемингвеј кој рекол да се стави на хартија сè она што гледаме и доживуваме на најдобар и најинтересен начин.

Ж

Живот, период од раѓање до смрт, сè она помеѓу се нарекува живот.

Желба, да се надоврзам. Секое живо суштество мечтае, посакува и сонува да му се исполни барем една желба.

З

Здравје, бидејќи здравјето секогаш е на прво место и најважно од сè.

Здравје, како добра физичка и психолошка состојба на човекот.

Здравјето бара чување, негување и заштита. Па затоа, чувај го здравјето!

Ѕ

Ѕуница. Оној прекрасен небесен лак кој излегува после дождот.

Ѕуница, преплетена со најубавите бои.

Ѕуница, виножито на кое се воодушевуваме сите.

И

Илинден – Крушево, 1903 година.

Илинден – АСНОМ, 1944 година.

Илинденски секавици. Секавици за сопствена држава и идентитет, секавици на слободата.

Ј

Јован Крстител, важен светец во христијанството.

Јован Крстител, човекот што го крстил Исус Христос во реката Јордан.

Јован Крстител, моја домашна слава и патрон на моето семејство Јовановиќ.

К

Кирил и Методиј – сесловенските просветители.

Кирил и Методиј, светите браќа кои ги удрија темелите на македонската, балканската и европската писменост.

Крсте Петков Мисирков, авторот на книгата „За македонцките работи“.

Л

Литература, најголемото јазично богатство на еден народ, преточено во пишани дела.

Литературата претставува вистинска уметност чие изразно средство е зборот.

Литературата не би постојала во писмена форма, доколку не беа писателите.

Љ

Љубов, инспирација со која можат да се достигнат и највисоките цели.

Љубов кон: семејтвото, работата, науката, спортот, животните, татковината и др.

Љубовта е основа на нашето постоење, рекол Далај Лама.

М

Македонија, нашата прекрасна татковина.

Матеа.

Милена.

Н

Наставник – најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија.

Наставник, мотивиран и подготвен покрај сите препреки и неправди во денешното општествено живеење, од ученици да продуцира успешни луѓе.

Наставниците  се тие кои ни придонеле на сите да се искачиме таму каде што сме!

Њ

Његош, Петар Петровиќ и делото: „Горски венец“.

Његош, Петар II – како духовен и световен владетел.

Његош: „Кој стои на ридот и малку гледа повеќе од оној под ридот“.

О

Опсесија, бидејќи сите сме биле или сеуште сме опседнати со некоја мисла.

Опсесија кон броевите. „Ако ви е јасно значењето на броевите 3, 6 и 9, тогаш ќе го имате клучот на универзумот во ваши раце“, рекол големиот научник Никола Тесла.

Опсесија за совршенство – К. Роналдо, од авторот Лука Кајоли.

П

Петре М. Андреевски и неговиот роман „Пиреј“.

Петре М. Андреевски: „Племето наше е пиреј и не го крши ни една војска, ни една болест“.

Петре М. Андреевски и најубавите „Касни – порасни“ и „Шарам барам“, со прекрасната „Зелката има кошули триста“.

Р

Раководител, лице што раководи со нешто, а во исто време носи огромни одлуки и одговорност.

Раководител, менаџер, организатор и претприемач, човек со одлични вештини за комуникација.

Раководител како: класен раководител, раководител на смена, раководител на сектор, раководител на претпријатие, стопански раководител и др.

С

Септември или гроздобер, во народното живеење месец од Крстовден до Петковден, месецот на виолетово – сината боја.

Септември, месец за старт на учебната година.

Септември, и тоа осми, Денот на независноста на Р.Македонија.

Т

Татко –  маж, родител, творец, основач, зачетник.

Татко, не секој може да се нарече татко, тоа се оние посебни луѓе, посветени на своите деца за да ги изведат на правилен пат.

Татко и ќерка – нераскинлива врска. Kаков татко – таков син.

Ќ

Ќеф, чувство на радост, задоволство и среќа.

Ќеф (Ќеиф) во смисла, гледај си го ќефот – гледај си ја работата.

Ќефот си го гледа и не се оптеретува со ништо.

У

Успех, бидејќи патот до успехот не е права линија.

Успехот се достигнува преку сите поминати издигнувања и падови, искушенија, тоа е една планина исправена пред вас. Таму на врвот на планината ве чека успехот.

Успехот е медал што го освојуваат само најупорните.

Ф

Физичко и здравствено образование, мојот омилен и најзначаен наставен предмет.

Физичко и здравствено образование. Преку вежбите, игрите, спортските содржини прилагодени на детската возраст и правилната исхрана, до целосно физичко здравје и благосостојба на децата и адолесцентите!

Физичко и здравствено образование, преку концепт за здрав и активен начин на креативно живеење со стекнување на навики за редовна физичка активност.

Х

Хомер – слепиот поет, авторот на монументалните епопеи „Илијада“ и „Одисеја“.

Хомер вели: „За секој добар човек најдобро е да си е мерило самиот за себе, но за лошиот човек тоа е најлошо“.

Ц

Цар, не само по титула владетел или монарх, туку по заслугите и успесите.

Цар на животните.

Цар далеку, Бог високо.

Ч

Чест, морална особина за достоинство на човекот.

Чест, преку стекнување на име и репутација во општеството, сè до целосно внимание, почит и признание.

Чест и чист образ.

Џ

Џокер, маската која под неа крие тајни и претставува симбол на смеата, меѓутоа и на тагата.

Џокер, картата што ја имаме во ракавот.

Џокер, личноста која симболизира радост, воодушевување, победи и успех – Никола Јокиќ (Joker).

Ш

Шанса, добра можност и момент за остварување на нешто што го посакуваме.

Шанса и тоа како: историска, реална, втора, единствена итн.

Шанса, се укажува во животот исто како и во спортот, ќе ја искористиш или не, зависи од тебе.