Заморот после одмор е еден парадоксален феномен што може да биде резултат на повеќе невробиолошки и психолошки фактори.
Тајната на заморот после одмор: Невробиологија на нашата енергија
Многумина од нас после времето поминато на одмор наместо да се чувствуваат одморени, полни со енергија, ентузијазам, мотивација – чувствуваат замор, летаргичност, демотивираност, дури и благ облик на депресија.
Ајде да видиме зошто е тоа така. Што се случува со нашата невробиологија, што се случува со нашата енергија?
Замислете ја следната ситуација: сте поминале одредено време на одмор уживајќи во зајдисонцата и изгрејсонцата, во морските бранови, опуштени, релаксирани, далеку од секојдневние обврски. Но, со враќањето дома наместо да се чувствувате исполнето, освежено, полни со енергија, вие се чувствувате безволно, уморно, дури и благо депресивно. Влегувате во една состојба на преплавеност, без да можете да ја најдете причината за тоа, едноставно нешто ве блокира. Познато ви е тоа чувство, нели?
Доколку ви е познато, не сте сами. Поголемиот број на луѓе после одмор чувствува нешто што е познато како физиолошка привремена депресија. Но, не грижете се, тоа е една природна и минлива состојба.
Зошто е добро да се знае ова? Добро е да се знае дека ова е еден биолошки процес, една нормална состојба, на која, не би рекла погрешно, туку несоодветно реагираме и која често несвесно ја влошуваме, а тоа може да нè доведе до еден маѓепсан круг на хроничен замор.
А, што всушност се случува?
Заморот после одмор е еден парадоксален феномен што може да биде резултат на повеќе невробиолошки и психолошки фактори.
Еве што се случува со нашата невробиологија и зошто се чувствуваме уморни после одмор:
Премин од состојба на релаксација во состојба на стрес или невробиолошко ресетирање
За време на одмор, мозокот се прилагодува на порелаксирана состојба, со пониски нивоа на хормони на стрес како што е кортизол. Враќањето на секојдневните обврски бара брз премин од оваа состојба на релаксација во состојба на зголемена будност и стрес, што може да биде заморно за нашиот нервен систем.
Чувство на стрес
Кога ќе се вратиме во стресна средина, телото може да реагира со зголемен замор како одговор на враќањето на рутината која бара повеќе.
Нарушен циркадијален ритам (тоа е деноноќен, биолошки ритам во човечкото тело кој регулира бројни неврохуморални процеси во мозокот и на тој начин ги контролира и координира дневно-ноќните и бројни други функции на сите најважни органи во телото).
Промени во ритамот на спиење
За време на одморот, често има промени во шемите на спиење и будност, како што се легнување подоцна или подолго спиење. Овие нарушувања во деноноќниот ритам може да го направат предизвик враќањето во работната рутина, што доведува до чувство на замор.
Прекин на менталниот фокус- Когнитивна адаптација
Одморот може привремено да ја намали менталната острина или фокус, бидејќи умот и телото се фокусирани на релаксација. Враќањето на задачите кои бараат високо ниво на концентрација може да предизвика чувство на когнитивно оптоварување и замор.
Емоционални фактори- Блуз по одморот
Враќањето на секојдневните обврски може да предизвика чувство на тага или загуба поради крајот на одморот, што дополнително може да влијае на енергијата и мотивацијата. Овој емоционален пад може да се манифестира како замор.
Очекувања и притисок
Враќањето од одмор често значи враќање на обврските и задачите што се наталожиле, што може да создаде притисок и да доведе до чувство на преоптоварување и замор.
Промени во физичката активност– Помала активност
На одмор често се движиме помалку или се занимаваме со различни активности во споредба со нашата секојдневна рутина. Промените во нивото на физичка активност може да влијаат на енергијата и чувството на замор по завршетокот на одморот и враќањето дома.
Нерамнотежата на два клучни невротрансмитери – допамин и серотонин – лежи во коренот на овие чувства по одморот. Додека сме на одмор, го трошиме допаминот, молекулата на мотивацијата, но неговите залихи не се надополнуваат пред повторно да ни биде потребен. Во исто време, серотонинот, молекулата на релаксација, не се произведува во доволни количини поради стресот на кој се враќаме.
Каде всушност грешиме кога се чувствуваме така?
Кога се чувствуваме уморни и летаргични, често инстинктивно посегнуваме по кофеин, шеќер или дури и посилни супстанции како што се антидепресиви или стимуланси. За жал, овие супстанции краткорочно го подобруваат расположението, но долгорочно само го влошуваат и продлабочуваат проблемот. Оваа негативна спирала може да кулминира и да доведе до дополнително влошување на расположението, до пролонгирање на проблемот и зголемена употреба на стимуланси.
Да сумираме .Заморот по одморот е резултат на комбинација на биолошки, психолошки и емоционални фактори. Нашата невробиологија се прилагодува на состојба на одмор, но транзицијата назад во стресна и напорна рутина може да биде предизвик.
За да се намали чувството на замор, се препорачува постепено враќање на дневната рутина, одржување на редовен ритам на спиење и обезбедување време за адаптација и релаксација дури и по враќањето од одмор.
Едноставно кажано – бидете нежни кон себе и дајте си време.
До следното читање ви посакувам мир и многу љубов.
Продолжува…
Фросина Здравковиќ
III МУБ бр. 35 (по скали до градска пекара)