Поради обвинувањата во наводите на дел од социјалните мрежи, а кои се однесуваат на згрижување на деца од училишна возраст во целодневен престој, изјава побаравме од директорот на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, Марина Алексовска, која одново ги потсетува граѓаните на дејноста на оваа установа, се разбира, согласно Законот за заштита на децата.
Поради голем притисок од родители на деца од училишна возраст за згрижување на нивните деца во целодневен престој за училишни деца, јас, Марина Алексовска, директор на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово ве известувам за следново:
Ние сме единствена градинка во државата што обезбедува целодневен престој на училишни деца, во 3 (три) објекти, и тоа во: „Кокиче“, „Пчелка“ и „Бамби“, во само 4 (четири) воспитни групи. Во целата држава, но и во соседните земји, целодневен престој на училишни деца се обезбедува во нивните училишта.
Оваа година, поточно во јуни, 415 деца од голема група беа мини-матуранти кои се запишаа во училиште. Родителите на овие деца, односно голем број од нив имаат поднесено барање за целодневен престој на училишни деца во овие објекти. Факт е дека во тие училишни групи има старо запишани 153 деца, кои минатата година биле прво, второ или трето одделение и кои продолжуваат да ги посетуваат тие групи, така што реално, места за запишување на нови деца од таа возраст има многу малку.
Дејноста на нашата установа е згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, а деца од училишна возраст можат да бидат згрижени доколку постојат услови за тоа, согласно Законот за заштита на децата.
Овој проблем е повеќегодишен, меѓутоа неколку години по 2016 година, ООУ „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“ и „Вук Караџиќ“ имаа организирано целодневен престој за нивните деца, за кои ние како установа, им носевме храна. Од кои причини престанаа да функционираат тие групи за целодневен престој, не ми е познато.
Оваа година,директорот на ООУ „Вук Караџиќ“ ме контактираше бидејќи планира повторно отворање на групи за целодневен престој на нивните деца, а ние да им носиме храна, како и претходно.Ова можат да го направат и преостанатите основни училишта во општината, за кои многу пати имам говорено на Советот на Општина Куманово, и проблемот ќе биде решен. Ние како установа можеме да им излеземе во пресрет и да им носиме храна.
На ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово како предучилишна установа, приоритет ѝ се предучилишни деца, од кои над 400 се на листа на чекање. За жал, последен изграден објект во нашата Општина е далечната 1983 година, во 2018 година преадаптиран е дел од Пионерски дом иво 2021 годинаизвршена е доградба на две простории во објектот „Синоличка“, кои што воопшто не ги задоволуваат потребите на граѓаните.
Во годишната програма за работа на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, секоја година бараме изградба на нови објекти со капацитет од 120 до 150 деца, во населбите „Тоде Мендол“, „Перо Чичо“ и „Вера Которка“, со што делумно би биле задоволени потребите на граѓаните за нашите услуги, направен еден баланс и децата рамномерно би биле распоредени по сите објекти. Покрај изградба на нови, бараме и преадаптација на постоечки објекти во градот во градинките, и тоа: адаптација на амбуланта во нас. „Перо Чичо“, преадаптација на дел од амбуланта во нас. „Тоде Мендол“ и преадаптација на поранешна касарна во нас. „Карпош“.
Овие наши заложби се во интерес на граѓаните на нашата Општина кои имаат неопходна потреба од наши услуги за згрижување на нивните деца.