„Држете се до своите деца“ Гордон Нојфелд и Габор Мате
Пред нас е книга која ќе ни даде длабоки и опширни одговори на прашањето: „Зошто родителите треба да бидат поважни од врсниците?“ Имено, новиот дигитален свет кој се движи со брзина на светлината, се повеќе и повеќе ни ги краде нашите деца, а кога велам повеќе – мислам – се порано и порано! А, како се случува тоа? Книгата ќе ви донесе морници по целото тело уште од самиот почеток, кога ќе прочитате како токму ние, родителите, возрасните, сме оние кои сме врснички ориентирани – па што друго би можеле да очекуваме од нашите деца?
Се трудиме да исполниме нечии очекувања, константно сме во борба на докажување, имитирање, приложување нешто подобро, пооригинално, поубаво – од нашите пријатели, родители, роднини, соседи, сограѓани, оние кои не следат на социјалните мрежи… И, пополека, губејќи ја индивидуалноста – запаѓаме во замката каде на децата им сервираме пример кој треба да го следат…
И, ќе се запрашате, како ако се трудиме да донесеме нешто ново – ја губиме автентичноста?
Одговорот е – всушност, ние не се прикажуваме себе си – туку она што МИСЛИМЕ дека СВЕТОТ очекува од нас! Она што МИСЛИМЕ дека ќе ни донесе повеќе ПУБЛИЦИТЕТ.. А, дали е тоа – она што не прави среќни?
Што претставува врсничка ориентација? Габор Мате му помага на Гордон да ја напише книгата, всушност – да го преточи целото свое искуство во пишана форма – и да биде достапно за Светот – она што тој го решавал со многу семејства.
Габор Мате му се обраќа пред многу години токму на Гордон, мислејќи дека имаат проблематично дете..и со терапија доаќаат до одговорите кои денес мачат огромен број родители..
Зошто децата се обземени од комуникација со врсниците? Зошто гледаат непријатели во своите родители? Зошто се губи врската и близината со возразниот свет? Па, нели токму независноста е она што го бараме од нашите деца?
…
Се нижат прашања…а одговорот е еден…родителството ја губи својата моќ од конкуренцијата – врсниците! Децата стануваат се повеќе и повеќе изгубени, агресивни, нетолерантни, отсутни, несфатени, неприфатени, затворени – бидејќи проблемот е очигледен – нивниот авторитет и одгледувач е некој кој воопшто не е компетентен за тоа – а тоа се врсниците! И така, брзајќи кон автономија, кон социјализација, кон осамостојување на нашите деца – следејќи примери кои ни се сервираат – стануваме родители на се’ поотуѓени деца – за кои подоцна се бориме да ги вратиме назад… И, додека самите ги губиме контактите со нашите родители, баби, дедовци, возрасни роднини – мислејќи како времето е сменето и како повеќе ништо не е исто, како сите методи се застарени…пополека ја губиме и врската и правилната хиерархија и оние вредности кои се потребни да се сочуваат…
Потребно е цело село за да се израсне дете… сега проблемот е во нас, бидејќи селото го бараме во врсниците, кругот се стеснува, селото се сведува на мала, недоволна, дури некогаш и – отсутна поддршка – и остануваме сами, пополека губејќи ги и своите деца.
Книгата нуди одговори на многу прашања, нуди начини за повторно обновување на врската и комуникацијата со нашите деца, а, секогаш нагласувајќи го она дека сепак, секое семејство е различно и посебно.
Задолжителна лектира за родители на дечиња над 5 годишна возраст.
Марија Колевски, сопственичка на книжарница „Букси“ во Куманово.