Почетна Вести In memoriam: Бора Ѓорѓевиќ

In memoriam: Бора Ѓорѓевиќ

Роден за рокенрол, а не за политика

 

Бора Ѓорѓевиќ несомнено спаѓаше во врвот на југословенската рок-сцена. Сега, кога замина, не се за големо изненадување различните коментари за неговиот живот, делото, и конечно – за политичките ставови. Всушност, денес речиси сите контроверзи за Бора се вртат околу политичките ставови, иако контроверзноста не му беше туѓа ни како музичар. Ако не од самите почетоци на кариерата, тогаш секако од првиот сингл на „Рибља чорба“ – „Лутка са насловне стране“.

Luxury Catering Service

Во почетоците, додека членуваше во групата „Сунцокрети“, пееше стихови од типот:

„Текла вода кроз Калину,
Калино, Калино,
Кали-лили, вито перо зелено“.

Потоа, многу кратко, му се придружи на Ѓорѓе Балашевиќ во составот „Рани мраз“, но тоа траеше помалку од два месеци. Свесен дека во рацете има потенцијално голем хит, успеа да ги убеди басистот Миша Алексиќ, гитаристот Рајко Којиќ и тапанарот Вицко Милатовиќ да му се придружат, со што се раѓа „Рибља чорба“. Во тој состав ја снимаат „Лутка…“, и таа песна менува сè. За само неколку недели се продаваат повеќе од 100.000 сингл плочи, што преку ноќ го катапултира бендот во самиот врв на југословенескиот рокенрол.

Уште од тој момент, Чорба важи за група на бесни, бунтовни, непослушни млади луѓе, не баш во склад со профилот на социјалистичкиот млад човек од тоа време. Таа почетна контроверза се засилува на квадрат (или на трета) со првиот албум, „Кост у грлу“, на кој главен хит е „Остани ѓубре до краја“, а добро му терцираат и „Рокенрол за куќни савет“, „Још један шугав дан“, „Егоиста“, „Ја сам још она иста будала“… Всушност, сите песни од таа плоча имаат барем по нешто – стих или цела строфа, мелодија, или барем риф – за кои ќе се фати голем дел од публиката. Веќе станува сè појасно дека „Рибља чорба“ не е „чудо од еден хит“, туку дека има да каже многу повеќе и дека ќе трае долго.

Набргу по објавувањето на албумот, Бора оди во војска, каде продолжува да пишува текстови, за кои самиот компонира музика, а некои им ги испраќа на членовите на бендот, за тие да им ја дадат музичката содржина. Ова се покажува како исклучително плодотворна стратегија, особено соработката со последниот дојден во таа „чорба“, Момчило Бајагиќ. Бајага пишува три композиции за втората ЛП плоча на бендот, „Покварена машта и прљаве страсти“, и сите три се апсолутни хитови: „Два динара друже“, „Ево ти за такси“ и „Немој среќо, немој данас“. Кога на нив ќе се додадат „Рекла је“, „Хајде сестро слатка“, „Врло, врло задовољан тип“ и останатите, јасно е дека Чорба не само што успешно го помина таканареченото „проклетство на вториот албум“, туку се етаблираше како рок-гигант на југословенска сцена.

Ова го понесува Бора Ѓорѓевиќ, па сакајќи да го искористи моментот, тој ја објавува третата ЛП плоча на бендот, „Мртва природа“, само неколку месеци подоцна, во истата 1981-ва година. Критичарите констатираат креативна осека, и тоа не баш мала, но публиката не обрнува премногу внимание на таквите пишувања, и албумот го купува во рекорден број, а концертите се исто така масовно посетени. Ова дополнително ја зголемува еуфоријата на Ѓорѓевиќ, па тој прави невообичаена, еднострана кладба: ако на белградскиот концерт на, во тоа време најголемата југословенска рок-група „Бијело дугме“, која на турнеја го промовираше албумот „Доживјети стоту“ (објавен во декември 1980 г.) има повеќе публика отколку на свирката на Чорба, Бора ќе ја избричи главата!!! А, ако на нивниот концерт нема најмалку 10.000 гледачи, концерт нема ни да има. Речено, сторено: кога поминаа двата концерта, Ѓорѓевиќ се појави на насловната страница на едно музичко списание – со избричена глава. Бројките беа немилосрдно јасни: на Дугме – 20.000 белграѓани, а на Чорба – 10.000.

Некако од тој момент почнува постепеното одење по надолна линија на бендот. Се разбира, тоа нема многу врска со кладбата на Бора дека барем во својот град ќе има повеќе публика од Горан Бреговиќ, туку форите за бунтовност, непослушност и контроверзност веќе беа искористени, а од голема и етаблирана рок-група се очекува постојано да внесува нешто ново, место да го рециклира старото. Заминувањето на Бајага по уште два албуми снимени со него, секако дека не придонесе за унапредување на музичката понуда.

Можеби затоа, а можеби и поради личните ставови, кон крајот на 80-тите Бора Ѓорѓевиќ сè повеќе почнува со некаков „поетско-политички“ ангажман. Носи маици со натпис “SERBIAN POWER” и се изразува пофално за „агресивноста на Србија“ што ја симболизира Слободан Милошевиќ („Нè обвинуваат дека сме агресивни“ – вели со евидентна доза на задоволство во едно интервју). Пишува и песни во тој стил. „Србин је луд“, на пример. Но, набргу Милошевиќ му станува „прекомуњарски“, па се доближува до „вистинските патриоти“, и се декларира за четник.

Од тој период се некои изјави поради кои многумина престанаа да ги слушаат неговите песни. Всушност, најголемиот дел од контроверзите поврзани со името на Бора Ѓорѓевиќ се поради таквите изјави. Да не беа тие, речиси сум сигурен сега ќе беше испратен исто или многу слично како Ѓорѓе Балашевиќ.

Дали е Бора виновен за југословенската трагедија од 90-тите? Сигурно не, но и за него и за сите ќе беше подобро да се однесуваше помудро. Јас спаѓам меѓу оние кои престанаа да го слушаат Бора Ѓорѓевиќ откако прочитав и слушнав што зборува за другите југословенски народи, дека лично оди на фронтот, дека воени злосторници ги смета за свои пријатели… И покрај тоа, сметам дека е тој еден од побенигните учесници во целата таа военохушкачка пропаганда. Си стави самиот себеси дамки, што не може да бидат избришани со добрите песни од минатото, но сепак, Бора беше 10.000-та или кој знае која виолина во тој оркестар. Затоа, во овие денови кога се сели на оној свет, повеќе треба да ни се во мислите „Лутка…“, „Остани ѓубре…“, „Два динара…“, „…Анѓеле“…

Миодраг Мишолиќ