Почетна КОЛУМНИ Училиште, а не мучилиште

Училиште, а не мучилиште

Главниот проблем со нашето образование е целта која што треба да ја постигне. А таа цел е сите знаења и дела, собирани и создавани низ вековите, од науката и уметноста, да се научат до 18-тата година од животот. Сите формули, теореми, дефиниции, математички гранки…, и да се прочитаат најважните дела од книженоста. Тоа, едноставно, не е можно, особено што се однесува на сите ученици. Од таа нереална амбиција произлегува логичното прашање: како се случува, децата кои се по природа љубопитни и сакаат да знаат сè, кога ќе дојдат во школо, каде баш треба да ја задоволат својата љубопитност, многу бргу почнуваат да градат отпор кон институцијата училиште? Одговорот е јасен: градат отпор, бидејќи она што таму им се наметнува, најчесто не е соодветно на нивната возраст и не спаѓа во делот на љубопитноста, т.е. далеку ја надминува.

Според мене, цел на основното образование не треба да биде учениците „да научат многу“ и да покажат дека „децата се сунѓери“, туку таму да бидат откриени и развивани нивните таленти. Во средно училиште треба да се научи (ама, вистински научи) некој „занает“, а занает не значи само водоинсталатер и автомеханичар, туку секоја професионална вештина која ќе овозможи самостојно работење (медицинска, информатичка, сметководствена…). А, вистинското учење на науката, почнува на факултет, и не би требало да заврши со дипломирањето, туку да трае до крајот на работниот век. Секако, ова не ги спречува амбициозните поединци кои не завршиле факултет да се занимаваат со наука, доколку најдат услови за тоа, но генерално, мислам дека целите на трите нивоа на образованието треба да бидат тие: 1. развивање на талентите, 2. учење занает, и 3. вистинска наука.

М.М.

Luxury Catering Service