Почетна Спорт Александра Боризовска – успешна ракометарка пред донесување на важна одлука

Александра Боризовска – успешна ракометарка пред донесување на важна одлука

Во моментов Александра Боризовска е слободен играч и пред еден од најголемите предизвици во нејзината долгогодишна кариера, при што таа како спортист треба да ја донесе најважната и најтешката одлука во својата кариера – дали да продолжи да игра ракомет или пак да стави крај на својата досегашна успешна ракометна кариера.

Кога станува збор за кумановскиот женски ракомет тогаш не постои ниту најмала дилема дека кумановката Александра Боризовска е една од нашите најдобри и најуспешни ракометарки од поновиот период.

Првите ракометни чекори Александра Боризовска ги направила на својата 12 годишна возраст во ЖРК Куманово под водство на тренерот Димитар Антевски, кој во тој период важел за еден од најдобрите ракометни тренери во нашиот град. Во периодот кога таа настапувала за младинските категории на ЖРК Куманово, поради нејзинa добра игра на двапати во годините 2009 и 2011, добила признание за најдобра млада ракометарка и веднаш била „прекомандувана“ во првата екипа на ЖРК Куманово, каде што своето деби за првата екипа го имала под водство на тренерскиот тандем: Миодраг Јовановски  – Црни и Марјан Јаневски – Мачка.

Luxury Catering Service

Александра е еден класичен пример на спортист кој поседува неверојатна посветеност, одговорност и професионалност во приодот кон спортот, во случајов кон ракометот, без кои што еден спортист во својата кариера не би имал ниту минимални шанси за успех, но од друга страна пак, што е можеби и уште поважно, таа покажа и како еден спортист треба да се бори за боите на својот клуб за кој што настапува, а притоа да биде верен и лојален кон својот матичен клуб.

Таа тоа го докажа и на дело кон својот „ЗРК Куманово“, за кој што клуб настапуваше цели 12 години (2007/08 – 2018/19) и каде ги помина своите најдобри ракометни години, освојувајќи две титули – еднаш стана шампион на Македонија, а еднаш го освои и Купот на Македонија.

За врв во нејзината богата и долгогодишна ракометна кариера се сметаат годините 2017, 2018 и 2019, кога Боризовска три години по ред беше прогласувана за најдобра ракометарка во клубот во кој беше и капитен последните неколку години.

Во тој период, а како резултат на нејзините добри настапи во својот ракометен клуб  Куманово, беше поканета да настапува и за ракометната репрезентација на Македонија за која има одиграно на дваесетина натпревари.

По одличната игра во дресот на РК Куманово, но секако и поради настапите за нашата  ракометна репрезентација, таа беше забележана од европските ракометни менаџери, па така во 2020 г. за прв пат стана интернационалка и замина во РК Умаг во Хрватска, каде што остана само една полу-сезона, а од каде што по своја лична желба и по своја заслуга заедно со уште две клубски ракометарки од поранешните југословенски републики, Црна Гора и Босна и Херцеговина заминува за Грција каде станува член на РК Паок од Солун.

Во РК Паок како круна во нејзината кариера таа имаше три успешни сезони (2021 – 2023)  во кои освои најмногу клубски титули во својата кариера и тоа: две шампионски титули, два пати го освои купот и еднаш супер купот на Грција. Интересна информација во врска со Александра, поврзана со овој грчки ракометен клуб, е што таа во клубот наишла на неверојатен топол прием, а од раководството на клубот била прифатена многу добро и третирана со почит.

Во моментов Александра Боризовска е слободен играч и пред еден од најголемите предизвици во нејзината долгогодишна кариера, при што таа како спортист треба да ја донесе најважната и најтешката одлука во својата кариера – дали да продолжи да игра ракомет или пак да стави крај на својата досегашна успешна ракометна кариера.

На крајот да ги спомнеме и мотото, но и пораката на Алексанра Боризовска како успешен спортист, а упатена кон идните млади спортисти: секој млад човек треба да се занимава со спорт и при тоа да работи многу напорно и посветено и со одговорен приод кон спортот бидејки само на таков начин  може да се постигне добар резултат и да се стигне до посакуваниот успех, и најважниот лајт-мотив: да се одржува доброто здравје, негувајќи го спортскиот дух.

Т.Д.