Од фестивалот „Распеано детство“ до меѓународни фестивали – Јана Трајковска и Ана Александра Илиевска, така се почнува музичка кариера
На осми јуни, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ се одржа деветнаесеттиот фестивал на детска песна „РАСПЕАНО ДЕТСТВО“.
Овој фестивал се одржува во рамките на чествувањето на 1 јуни – „Светскиот ден за заштита на правата на детето“.
Потсетуваме дека настапија 18 деца, според музичките критичари оценети како идни ѕвезди на македонското естрадно небо, како и гости од Србија и Бугарија кои го потврдија меѓународниот карактер на фестивалот.
Организаторите информираат дека подготовките за идното 20-то издание се веќе во тек.
„Распеано детство“ е фестивал што е вмрежен, односно пријател со најзначајните фестивали кај нас и во поширокото соседство. Како резултат на ваков пристап и организација, наши претставници ќе земат учество како гости на два фестивала и тоа: Јана Трајковска со песната „Школото е место добро“, која ќе се претстави на 27 септември на меѓународниот фестивал на детска песна „Златни јаболки“, во Ќустендил – Бугарија, а Ана Александра Илиевска со песната „Среќа ли е“ ќе учествува на меѓународниот фестивал на детска песна „Ја сам твој друг“, во Пожега – Србија, на 20 септември.
Детски, но сериозно распеани, извежбани од своите ментори, талентирани достојно да го претстават Куманово и фестивалот „Распеано детство“ – Јана и Ана – да ги добиете најгласните овации и да ни раскажете како сте поминале!
Р.П.