„Mindset“ – Керол С. Двек
MINDSET – нова психологија на успехот
Верувам дека многумина од нас сретнале еден куп книги од модерната психологија, а секојдневно излегуваат нови и нови, кои нудат безброј совети, начини, методи за подобрување на квалитетот на нашиот живот, нашите односи, нашите врски и интеракции. Меѓутоа, сите тие книги, како што веќе знаете – може да бидат прифатени со огромно воодушевување од едни, додека, други може да ги сметаат како просечни, ОК, добри – но, без некоја значителна промена или влијание врз нив.
И, ќе се запрашате што е тоа што ги разликува луѓето, па дури и децата?
Сигурно сте слушнале за Mindset – или во превод, ментален став. Во својата книга, Керол С. Двек зборува токму за таа огромна поделба на луѓето, која што прави и огромна разлика во нашите животи.
Керол вели дека постојат два типа на луѓе кои се разликуваат по својот ментален став: луѓе со фиксен ментален став и луѓе со растечки ментален став.
Она што прави разлика, почнувајќи од реакциите, секојдневието, промените, па дури и подложноста на депресија – е токму оваа поделба.
Едните се навикнати да бидат најдобри, да се докажуваат, да слушаат пофалби и секојдневно бараат потврди за било што во нивниот живот. Додека пак другите веруваат дека е потребно труд – за да се постигне БИЛО ШТО!
Не веруваат дека коефициентот на интелигенција е пресуден, ниту пак дека е нешто конечно и зададено – туку, дека и можеби огромен број од највлијателните луѓе на планетава – некогаш не биле препознаени како исклучителни личности.
Она што ги издвоило од толпата – била нивната подготвеност да учат, да растат и да се развиваат. Да не потпаднат под грешките, проблемите и пречките – туку да продолжат со став дека со повеќе труд ќе добијат подобар резултат. Луѓето со фиксен ментален став пак, од друга страна веруваат дека доколку не успеат – нема потреба да се трудат, бидејќи, тоа едноставно не е за нив!
Книгава ќе ве наведе на многу размислување, преиспитување, барање на соодветната група во која припаѓате, наоѓајќи се де во една, де во друга – сè до моментот кога ќе станете свесни за своите избори кои ги правите.
Едноставно е, зошто да ги криете вашите недостатоци – кога едноставно, можете да ги надминете? Зошто да се повлечете, особено кога не ви оди добро – наместо да работите уште повеќе за да ги надминете пречките?
Ново и дополнето издание на книгата е достапно во нашата книжарница. Побрзајте по својот примерок!
Марија Колевски, сопственичка на книжарница „Букси“ во Куманово.