Почетна КОЛУМНИ Американски претседателски избори

Американски претседателски избори

Ти добиваш повеќе гласови од противникот, а тој победува

 

Обично се вели дека целиот свет ги следи американските избори со голем интерес, а светските прашања многу ретко играат значајна улога во изборот на Американците. Но, иако повеќето од нас сме заинтересирани за тоа кој ќе седи четири години во Белата куќа, малкумина знаат како всушност функционира американскиот претседателски изборен систем. Рака на срце, некои работи и се збунувачки, особено кога ќе слушнете дека едниот кандидат добил повеќе гласови, а сепак, победил другиот.

Luxury Catering Service

Навистина, како е можно повеќе луѓе да гласале да тебе, а да ги изгубиш изборите? Во САД е тоа можно, и во 21 век се случи двапати. Прво, во 2000 година Ал Гор освои повеќе гласови од Џорџ В. Буш, но противникот стана претседател. И потоа, во 2016 г. Хилари Клинтон имаше три милиони гласови повеќе од Доналд Трамп, ама знаеме кој ја даваше заклетвата на 20 јануари 2017. Затоа, во последните осум изборни циклуси за претседател на Америка, кандидатите на Демократската партија седум пати освоиле повеќе гласови од противниците, а пет станале претседатели.

Зошто? Еве го објаснувањето.

Американските избори за претседател не се одржуваат според принципот „целата земја една изборна единица“, туку секоја сојузна држава гласа посебно. Тоа значи дека на денот на гласањето таму има 50 засебни избори. Отприлика како нашите шест изборни единици. Но, разликата во однос на нашите изборни единици е тоа што во САД се применува таканаречениот мнозински модел, односно победникот во одредена сојузна држава, без оглед на разликата во бројот на освоени гласови од граѓаните, ги зема сите електорски гласови (Electoral college), (малку подолу ќе објаснам што се тоа електорски гласови). Потполно е сеедно дали си победил во државата (Калифорнија, Тексас, Ајова, Флорида…) со разлика од милион гласови или со еден глас. Поради ова настануваа таа, на прв поглед нелогичност, повеќе луѓе да гласале за тебе, а ти да си поразен. Се разбира, државите со поголем број жители даваат повеќе електори (Калифорнија – 54, а Аљаска, двете Дакоти, Вајоминг и уште неколку – 3), но сепак, пропорционално гледано, кога ќе се подели бројот на жители и електори, повеќе вреди гласот во државите со помалку население, отколку во понаселените.

Е сега, кои се тие електори?

Тоа се луѓе за кои обичниот Американец гласа (не гласа директно за претседателките кандидати), а тие подоцна го избираат претседателот. Зошто е ова направено така? За да се разбере, треба да се има во вид контекстот во кој е донесено ваквото решение. Повеќето правила во денешните американски избори се стари колку што е стара таа држава, односно донесени се во втората половина на 18 век. Во тоа време речиси никаде во светот немало искуства со слободни избори во денешната смисла на зборот, народот бил сметан за политички недоволно образован, па основачите на САД (т.н. Founding Fathers) процениле дека треба да има некои „попаметни и поинформирани луѓе“, доколку е потребно „да се поправи погрешниот избор на гласачите“. Така се измислени тие електори, и функционираат до денес. Се разбира, гласачот знае кој електор за кој претседателски кандидат ќе се изјасни подоцна, така што сепак одлуката ја донесува граѓанинот, и тука нема многу простор за манипулации. Многумина се прашуваа дали по изборите во 2016 г. барем некој од електорите ќе гласа „според својата свест и совест“ и нема да ја следи волјата на избирачите во својата држава, но не се случи тоа. Сите што беа одредени да гласаат за Трамп, гласаа за Трамп.

Сепак, засега нема сериозна иницијатива за менување на тој стар изборен систем. Претставниците на Републиканската партија се жестоко против какво било чепкање во електорскиот модел, бидејќи се свесни дека ако тој се промени веројатно веќе никогаш (или многу ретко), нема да победат на претседателските избори. Ни во Демократската партија нема позначајна желба за промена, со образложение: „Тој модел нѝ служи добро 240 години “.

И така, може да се случи во ноември, еден од кандидатите, пред сѐ Камала Харис, да освои не три милиони гласови повеќе (како Хилари), туку шест милиони повеќе, а да ги загуби изборите. Не е далеку, ќе видиме што ќе биде.

п.с. Има уште една занимливост во врска со американските избори – зошто се одржуваат во вторник? И тоа е традиција долга речиси два ипол века. Во недела тогашните Американци оделе во црква, а во понеделник на пазар. Во 1770-тите години тие две работи им биле поважни отколку кој ќе им биде претседател. Барем, така вели легендата.

Миодраг Мишолиќ