Тој е еден од ретките ракометни тренери од нашиот град кој за време на својата тренерска кариера во женскиот и машкиот ракометен клуб на Куманово настапувал исклучиво со домашни кумановски играчи, што во тоа време секако важело за добар тренерски потег, но и за добра ракометна стратегија за иднината на кумановскиот ракомет.
Димитар Антевски – еден од доајените на кумановскиот ракомет.
Димитар Антевски, во спортските кулоари познат и по прекарот „Диме професорот“ со спортските резултати што ги постигна во својата ракометна тренерска кариера има направено многу за афирмацијата на кумановскиот ракомет, па затоа слободно може да го вброиме во групата на еден од најголемите доајени, како на женскиот, така и на машкиот ракомет во градот.
Меѓутоа, и покрај тоа што Антевски важи за еден од нашите најдобри ракометни тренери, малкумина, дури и добри познавачи на кумановскиот спорт, знаат дека тој на почетокот на својата тренерска кариера, цели 7-8 години (1971 – 1978) бил тренер на кадетската кошаркарска екипа на КК Куманово, од која што генерација меѓу најпознатите кошаркари биле: Зоран Петрушевски – Џана, Страше Тодоровиќ, Мирослав Ангеловски, Зоран Стојковски – Манц, Борка Наумовски и Душан Радевски.
Во наредната 1979 година, Димитар Антевски за прв пат во својата тренерска кариера станал ракометен тренер и тоа на женската екипа на РК Куманово и веќе на стартот, во првите две-три години од кариерата, најпрвин станал шампион на Република Македонија, по што со женската екипа влегува во ново формираната републичко – покраинска лига. во која се натпреваруваат екипи од Македонија, Црна Гора и Косово, за да веднаш истата година екипата во дебито од лигата на РК Куманово станала првак, со што во 1982 г. обезбедува директен пласман во првата „Б“ југословенска лига, што се смета за еден од најголемите резултати и успеси во историјата на кумановскиот женски ракомет.
Димитар Антевски тој период како тренер не женската екипа на Куманово за цели 3-4 години со екипата остварил и еден голем рекорд на непобедивост на домашен терен и со само еден нерешен резултат. Во кариерата тој зависно од потребите на клубот наизменично бил тренер час на машката, па час на женската ракометна екипа на РК Куманово, но најголема негова специјалност била создавањето и работата со млади ракометарки и ракометари и тоа во ракометната школа на ОУ „Браќа Миладиновци“ каде освоил дури 25 титули „Првак на Македонија“, но и покрај тој голем успех тој како тренер од страна на ракометната федерација на Македонија никогаш не бил повикан да работи со млади категории во репрезентацијата на Македонија.
Тој е еден од ретките ракометни тренери од нашиот град кој за време на својата тренерска кариера во женскиот и машкиот ракометен клуб на Куманово настапувал исклучиво со домашни кумановски играчи, што во тоа време секако важело за добар тренерски потег, но и за добра ракометна стратегија за иднината на кумановскиот ракомет.
Како една од најуспешните ракометни сезони во неговата тренерска кариера, а преку работа со млади генерации, се смета сезоната 2017/2018 кога тој со кадетската екипа на РК Куманово станал шампон на Македонија, а од таа квалитетна генерација произлегле нашите ракометарки Мила Трајковиќ, Јована Кипријановска (која денеска настапува во првата француска лига), Тамара Ивановска, Сара Цветановска, како и голманката Марија Јовановска, а дел од нив настапувале и за репрезентацијата на Македонија, што пак од друга страна и на дело само го потврдува квалитетот на тренерот Димитар Антевски.
Во наредната 2019 година поради годините, но пред сè поради појавата на Ковид пандемија, решава да се пензионира, така што во последните пет години, освен во животна, се наоѓа и во ракометна пензија.
За него колегите и добрите познавачи на кумановскиот ракомет, се разбира, во шега ќе речат дека тој е можеби единствениот ракометен тренер во државата кој поради неговата огромна љубов и посветеност кон ракометот во својата долгогодишна кариера повеќе време поминал на ракометниот терен отколку дома со членовите на своето семејство. Исто така, тој е еден од ретките тренери чие мото може да послужи и како пример за идните тренери – дека за работата како тренер, во прв план никогаш не треба да биде платата, односно хонорарот на тренерот, туку неговата стручна едукација, посветеност и неговиот професионален однос кон работата што ја работи, но сето тоа ништо без основниот двигател – љубовта кон тоа што се работи.
Димитар Антевски, дипломец на Факултетот за физичка култура во Сараево, и покрај своето дебело ракометно „CV“ и неговата долгогодишна, успешна тренерска кариера, од страна на челните луѓе на РК Куманово во неколку наврати бил оспоруван и понижуван, па така се случувало тој да биде сменет од местото прв тренер на екипата и тоа во моментите кога со својата екипа ја освоил титулата „Шампион на Македонија“ и влегол во втората сојузна лига. Можеби тоа го прави да биде единствениот спортски работник кого управата на клубот го сменува поради успех, а не поради неуспех.
Сепак, од страна на Општина Куманово го добива признанието за животно дело, како и Ноемвриската награда, во 1996 година. А, тука се и неговите ученици кои сеуште ги паметат и ги прераскажуваат неговите вредни лекции по физичка култура.
40 години, со незначителни прекини, кариера за восхит и авторитативен глас што ќе одекнува уште долго во спортските сали, како екот на правилно усмерување и развивање на млади спортисти од Куманово. Тоа е нашиот Диме професор со кој се гордееме сите.
Т.Д.