Дваесет и седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ ја објави програмата за 2024 година.
На 24 септември, фестивалот ќе го отвори претставата „Вечера за глупаци“ на велешкиот театар „Ј.Х.К. Џинот“. Од останатите домашни театри гостуваат: охридскиот, тетовскиот и штипскиот, како и театар „Комедија“ од Скопје, додека од соседството годинава ќе настапат драмaтично-куклениот театар од Враца, Бугарија; Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање; Драмско-куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен и Народно позориште од Ниш. Во улога на домаќини и оваа година се НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово со „Ноќ спроти Водици“ (што ќе ја играат на 8 октомври, премиерно и на 9 октомври репризно, за затворање на фестивалот) и Албанска драма со „Мажи во влечки“.
Продажбата на билети ќе започне од 20 септември (петок), во 12 часот, на билетарата на Центарот за култура. Цената е 200 денари.
Редакцијата на „Плоштад“ ќе се обиде, во текот на театарските денови, да одговори на прашањата каде се Хрватите оваа година, дали има повеќе интерес за српските отколку за македонските комедии, кој му ги купи патике на Сашка Коцевога…Единствено ќе се воздржиме од коментарите за модна усогласеност на публиката при влезот на претставите.
Есента во Куманово се поистоветува со МТФ „Денови на комедија“. Значи, уште една златна есен е пред нас!