Јасмина Спасовска, директор на „изгорено школо“, во последно време попозната како „тета“, ексклузивно за „Плоштад“ одговара на прашањето дали „некад треба престати са борбом, јер је и то нека врста победе“
Можевме да Ве прашаме „како започна новата учебна година во ООУ „Браќа Миладиновци“? – но, ние не сме лицемери. Затоа, отворено Ве прашуваме, што се случува во централното ни основно училиште деновиве? Мириса на хајка против Вас лично, ако се земат предвид шпекулациите дека градоначалникот Димитриевски и неговиот довчерашен прв соработник, Даниел Стојчевски, се раздружиле? Размислувате ли за оставка, по принципот на „некад мора престати са борбом, и то је нека врста победе“?
На почетокот на мојот одговор морам да бидам брутално искрена дека на еден дел од прашањето бев затечена и неподготвена , додека за другиот дел си реков: па добро, еве ми можност да кажам и јас нешто како „тета“.
Инаку прекарот „тета“, наместо моето име и презиме, последниве четири години го користат исклучиво мои „пријатели“ кои неверојатно многу ме „сакаат“, а истите најверојатно не ја почувствувале љубовта на тетките кон децата од своите сестри или браќа – ШТЕТА !!!
Без лицемерие, ќе кажам дека Даниел Стојчевски е дете на мојата единствена сестра, но неговите интерперсонални односи со луѓето, како и неговиот политички ангажман, не се мој фокус на интерес, бидејќи семејството и семејните односи за мене се пред сè и над сè.
Пред четири години бев именувана од градоначалникот Максим Димитриевски за директор на ООУ „Браќа Миладиновци“, со земена лиценца за директор од 2008 година, а не од 2020 година. Довербата се темелеше на триесет и осумгодишната воспитно-образовна работа со деца и родители, валоризирана од релевантни институции и авторитети. Верувам дека се нема покаено, или сепак се има…
Професионално и посветено работам во интерес на учениците, наставниците и родителите. Годинава имаше незадоволство од еден мал дел на родители кои не беа задоволни од распределбата на учениците во шесто одделение.
Имено, одредени родители инсистираа учениците заедно да останат во иста паралелка како што биле во петто одделение, што практично беше неизводливо.
Направивме напор да ги задоволиме барањата на родителите, но, од понуденото решение не беа сите родители задоволни.
Бев мета на навреди, клевети, закани и омаловажувања од поединци, истите ги слушам, гледам, читам, а на прашањето како гледам на нив ….тоа само јас си знам.
Мојата мисија и законска обврска да излезам во пресрет на учениците и наставниците е исполнета и можам секого да го погледнам во очи.
Училиште сме кое во шесто одделение нуди изучување на три јазика како втор задолжителен изборен странски јазик и тоа: германски, италијански и француски јазик. Самата организација на воспитно-образовниот процес и задоволување на законските одредби не дозволуваше да се излезе во пресрет на сите барања од родителите. Училишниот тим ги подели учениците според сите критериуми кои се важни за учениците, а најважно од сè е тоа што секој ученик со распределбата е заедно во иста паралелка, со половина од своите соученици со кои бил во петто одделение.
Учениците се во училишните клупи и веќе почнуваат со добро позната рутина на освојување медали, награди и признанија на многу натпревари.
Ние кумановци често знаеме да кажеме дека „фалба е „рѓа “, но зад мојата четиригодишна работа како Директор на ООУ „Браќа Миладиновци“ стојат видливи и мерливи резултати.
Поддржана од градоначалникот Максим Димитриевски, МОН, Совет на Општина Куманово, општинска администрација, многу невладини организации, општествено одговорни компании и лични пријатели, за овие четири години успеав:
- Да направам тоалети во училиштето во село Студена Бара каде затеков полски нужник со врата од две скапани даски;
- Централното училиште немаше парно греење. Направено!
- Централното училиште имаше кровен покривач кој течеше од сите страни Направен е со големи маки и трауми !!!!!
- Десет училници во централно училиште опремени со ПВЦ врата и прозорци;
- За училишната зграда на ул. „Тане Георгивски“ преку UNDP претходно имаше добиено проект кој се реализираше со нов кровен покривач, столарија, подови, варосување – подоцна истиот беше приклучен на гасоводна мрежа и зградата се загрева со гас;
- За учениците со ПОП добиени се донации од сензорни реквизити, како и донација на мала спортска сала опремена со спортски реквизити наменети за децата со посебни физички потреби;
- Во централната училишна зграда имаме инклузивно игралиште, како и мултифункционално игралиште;
- Во реонските паралелки кај Соколана направена е библиотека-медијатека, со книжен фонд, поставена е енергетско ефикасна фасада и во моментов се гасифицира;
- Подрачно училиште во село Пчиња, целосно реконструирано, опремено со донација од клупи и столчиња, а претходно опремено со мултифункционално игралиште;
- По добиени четири закани за поставена експлозивна направа во училишните згради е поставен видео надзор на сите влезови.
Секогаш и секаде постои незадоволство, во зависност од очекувањата, гледиштата и исходите. Јас како одговорно лице на ООУ „Браќа Миладиновци“ стојам на располагање на вработените, родителите и учениците, отворена за разговор со секого што смета дека е засегнат и не се испочитувани личните или правата на детето.
Што се однесува до прашањето за мојата оставка и работен однос во училиштето, ќе кажам дека јас сум борец и не потклекнувам на провокации и туѓи гледишта. Нема да се откажам, бидејќи мене и училишните тимови нè очекува работа за подобрување на условите за учење на нашите ученици. Наредната недела нè чека аплицирање на нови грантови за проекти, кои се од капитална инвестиција, а истите финансиски се поддржани од МОН.
Секогаш се водам од своите лични убедувања и начела за правда и правичност. Хајка, хмм, па, не знам, според сè она што се случуваше…може да е…
На крајот од денот, среќна сум што мојот скоро четириесет и двегодишен работен стаж го посветив на децата и родителите, а чувството дека јас му се оддолжив на човештвото ми дава сила да дишам, да постојам, а зарем тоа не е сосема доволно? Ви благодарам.
Р.П.