Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Наташа Пешевска

Азбука на Наташа Пешевска

Таа е убедливо, не еден од нашите, туку нашиот најдобар едукатор. Барем кога станува збор за правописот, книжевната реч, убавиот збор, дијалектологијата на кумановското поднебје. Се вика Наташа Пешевска. Професорка е по македонски јазик. Единствената личност во Плоштад азбука на која нема потреба да преправаме „спејс“ после запирка. Плус, рокерка е. 

А

Агора кафиќ, алфа и најверојатно омега на мојот социјален живот.

Б

бурек (со месо) во Башчаршија во Сараево;

Luxury Catering Service

В

Владе, татко ми, човек без кој не можам и со кого често не можам да излезам на крај, хахаха.

Г

е за „Господ да ни е на помош“ и за категоријата „господин човек“ кон која треба да се тежнее;

Д

детство, дете, добрина кон себе и кон другите;

Ѓ

Ѓоковиќ само поради апелот да не го пишувате и изговарате како [џокович], зарем ѓон е џон?! (Апелот не се однесува на кумановци.)

Е

елитно во смисла на елитна и масовна култура, никако поинаку;

Ж

жар, именка што има два рода: жарот, жарта;

З

за здрави заби одете на забар;

Ѕ

ѕитче или „ѕ’тче“ пред „Браќа“ каде што со мојата генерација почнавме да излегуваме навечер;

И

избор, како ќе избереш, така ќе живееш; да избираме мудро за да не се повторува историјата;

Ј

јуфки домашни и јорган, иде зима;

К

Куманово и кумановци, сас кумановски език, посебни и автентични до бескрај;

култура или кич, не одат заедно, едното преовладува на сметка на другото;

кума ми Циге– мојата поддршка низ годините;

Л

лебот наш насушен за кој многу векови сме биле желни; „еде ми се леб“ – во превод: гладна сум;

Љ

љубопитност и тоа онаа детската;

М

Македонија, мајка, милост и уште многу други меки зборови;

Н

негација не со која се поставуваат здрави граници;

Њ

Њузнет поткаст, омилен;

О

„Животот е како огледало, ако му се насмееш и тој ќе ти се насмее“- Васил Иљоски;

П

за почеток почит кон правописот;

патувања надвор од границите на државата и на егото;

Р

радост, ама животна радост кај секого;

С

презирам скржавост и материјална и духовна;

светоглед-сѐ повеќе го слушам овој збор;

Т

„Толи Зордумис“ училиште, мое второ семејство и мој втор дом;

тага, ако си дозволиме тагување, ќе имаме добро ментално здравје;

Ќ

со ќеф го користам овој турцизам, ама на кумановски како „кеф“, а ги подзаборавам „ќулафка“ и „ќушне“;

У

убавината ќе го спаси светот и најсериозно верувам во ова;

Ф

професорот Драган-Фантом, кој францускиот јазик ни го предаваше како филозофија на животот;

Х

хоризонт, херој, хигиена, телото како храм на душата;

Ц

Цариград кафиќ и сѐ е кажано;

Ч

е за чичо ми Круме, еден и единствен;

Џ

Џемс Џојс со неговите џиновски реченици;

„Џабе работи-џабе не седи“-поговорка која во денешнинава нема смисла;

Ш

шеесет се пишува со три „е“ и не се шегувам.