Логиката „нека се зборува, па макар и лошо“ е лоша за „Браќа Манаки“
Слоганот на новото издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, „Еден е Манаки“ покрена бројни полемики.
– Како тоа „Еден е…“ кога се двајца?
– Ама, се мисли на фестивалот дека е еден (и единствен).
– Тогаш зошто не ставиле слоган „Еден е Браќа Манаки“?
– Идејата е генијална и браво за тие што ја смислиле. Доказ е што сите зборуваме за неа.
И така, дебатата продолжува, со тие два основни става: „Глупаво е за двајца да речеш еден“, и „Супер е, секаде се зборува за тоа“.
Мојот став во врска со слоганот на „Браќа Манаки“ ќе го започнам со последново. Дали е добро сите да зборуваат за тебе, макар и лошо, макар и со потсмевање? Да, ако спаѓаш во категоријата на контроверзни јавни личности (старлети, пејачи без глас и музикалност, глумци без талент и квалитетни улоги, квази-шоумени, политичари со екстремни ставови…). За нив е секогаш корисно да се зборува, без оглед што. За политичарите со екстремни ставови е дури подобро да се зборува лошо отколку добро, бидејќи кога се „лоши“ се и „опасни“, а оние на кои им се блиски екстремните политички гледишта, сакаат оној што го избрале да е „опасен“, макар и во наводници.
Меѓутоа, „Браќа Манаки“ не е таква манифестација. Барем, не била во најголемиот дел од својата досегашна историја. Баш напротив, тоа е класичен, конзервативен фестивал, во позитивната смисла на зборот, односно некој што својот имиџ го градел со квалитет, а не со контроверзи. Затоа, за „Манаки“ не е добро да се зборува лошо. Многу слично како за „Струшки вечери на поезијата“, „Охридско лето“, театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, МТФ „Денови на комедија“… Поради ова, никако не би се согласил со тезата: супер е слоганот, дури и ако глупав, бидејќи покрена голема полемика. Повторно ќе речам, за некоја бизарна манифестација – да, меѓутоа за „Браќа Манаки“ не личи тоа.
Втора тема што ми се чини интересна во врска со овој случај е прашањето на симболиката. Се разбира дека ставањето на скратено име на фестивалот – само „Манаки“ – не е од незнаење, туку со намера слоганот да пренесува одредена симболика, со што ќе биде пократок и поефектен. Океј, тоа има логика, но оваа област крие една голема маана: ѓаволски е тешко да се направи добра симболика. А тешко е затоа што во исто време треба да каже нешто што не е директно кажано, а тоа некажано да го разберат сите, или барем поголемиот дел од јавноста. Постојат безброј случаи кога авторот на некое дело (филм, претстава, книга…) мора да објаснува која му била пораката, чудејќи се зошто луѓето не ја разбрале. А, ако повеќето не ја разбрале, или не им се допаднала, или мислат дека е глупава, голема е веројатноста дека симболиката што ја избрал е неуспешна.
Еден од најдобрите модели за објаснување на симболиката, според мене е оној – математичкиот. Тој гласи: два плус два е еднакво … (2+2=…). Не ти кажува колку, треба да заклучиш самиот. Сите знаеме дека два плус два е еднакво четири, и затоа ова би било наједноставната симболика. Но, што ако е: квадратен корен од четири плус квадратен корен од четири? Тоа е повторно два плус два, но малку покомпликувано, бидејќи претходно мора да знаеш дека корен од четири е два. Или, што ако е: во првата заграда – пет на нулта степен, плус седум на нулта степен, плус во втората заграда – три на нулта степен плус еден на нулта степен? Тоа е повторно два плус два, но веќе прилично покомпликувано, зашто претходно мора да знаеш дека секој број степенуван на нула е – еден. Математичарите ќе изнесат уште десетици вакви и многу посложени пример, кои всушност се два плус два, но мора да имаш одредено предзнаење за да го сфатиш тоа, или во случајот со симболите – да ја сфатиш симболиката.
Ете затоа е ѓаволски тешко да се осмисли и реализира добра симболика, која во исто време нема да биде преедноставна (два плус два), а сепак ќе можат да ја сфатат сите, или барем поголемиот дел од јавноста.
Поради ова јас спаѓам во групата луѓе кои мислат дека ПР-мозоците на „Браќа Манаки“ (или тие што работат за нив) требало да се потрудат повеќе, и да смислат некој, можеби сличен, но секако помалку „контроверзен“ слоган.
Миодраг Мишолиќ