Милисав Серафимовски (1944) е име кое лесно се поврзува со шахот, бидејќи неговиот придонес кон афирмацијата на овој спорт е огромна, не само во рамки на Куманово, туку и на државно ниво.
Тој за прв пат во својот живот почнал да игра шах на својата 11-12 годишна возраст и по само неколку години потоа или поточно на својата 16 годишна возраст, во 1960 година поради својот огромен шаховски талент станал член на ШК Куманово, а првиот настап за својот клуб го имал на пријателски шаховски натпревар против екипата на ШК Софија, Р. Бугарија. Во матичниот клуб Куманово тој останал се до крајот на својата шаховска кариера, односно до 1992 година кога против ШК Кочани во истоимениот град, во рамките на екипното првенство на Македонија го одиграл и последниот меч во неговата долгогодишна шаховска кариера.
Во кумановскиот шах, Милисав Серафимовски до ден денес важи за еден од најдобрите кумановски шахисти со постигнати солидни резултати, а како негов најголем резултат се смета освојувањето на првото место во екипното шаховско првенство на Македонија во 1985 г., кога со ШК КУманово станал првак на Македонија – резултат што сам по себе говори за квалитетот на кумановските шахисти во тоа време и токму поради тоа бил именуван и поставен за капитен на екипата.
И покрај тоа што Серафимовски во тоа време важел за еден од нашите најдобри шахисти, сепак, неговиот најголем придонес во афирмацијата на кумановскиот шах тој го дал во функцинирањето и организацијата на шаховскиот клуб, останувајќи секретар на шаховскиот клуб Куманово.
Во својата кариера тој бил првиот кумановец кој ја отворил и првата шаховска школа на ШК Куманово, која што ја посетувале 18 деца, а која што школа тогаш шест месеци работела по своја сопствена програма.
Освен долгогодишната клубска функција, тој поради своите афинитети како успешен шаховски работник од нашиот град, станал и член на извршниот одбор на шаховскиот сојуз на Македонија, како и претседател на шаховската судиска комисија за делегирање на судии за шаховското првенство на Македонија.
Своите најдобри резултати Милисав ги постигнува како долгогодишен шаховски судија, кој освен во шаховските првенства за сениори и младинци на Македонија, учествувал и судел и на две светски шаховски олимпијади и тоа во Скопје (1972) и во Нови Сад (1990), што воедно и ја крунисува неговата шаховска кариера.
По пензионирањето во 2008 г., тој и понатаму останал активен во шахот и продолжил да настапува за екипата на здружението на пензионери на Куманово во првенството на пензионери на Македонија, во јавноста попознато како Пензионерска олимпијада која што важи за едно доста силно натпреварување и во кое што тој еднаш бил првак на Македонија, а неколку пати го освојувал второто и третото место.
Според Милисав Серафимовски, шахот и ден денес е недефинирана спортска дисциплина, но според начинот на натпреварување и тој спаѓа во спортот и покрај тоа што според останатите толкувања шахот спаѓа и во научна дисциплина бидејки без стручна литература и теоретска едукација не може да се стигне до врвни резултати.
Негова препорака до младите генерации е да се занимаваат со шахот бидејки во животот и научно е докажано дека луѓето кои играат шах се повеќе мотивирани да се образуваат, па затоа денес шахот сè повеќе и повеќе се воведува во нашето образование и тоа како изборен наставен предмет.
Т.Д.