Почетна Вести Еден поинаков осврт на МТФ „Денови на комедија“

Еден поинаков осврт на МТФ „Денови на комедија“

Некаде, во Егејска Македонија (?!?) летово…лауреатот Сашко Коцев на градоначалникот Максим Димитриевски: „Поголеми глумци од нас глумци сте ви политичари!“

Денови на комедија

27 издание на МТФ „Денови на комедија“

И сега, кога сите медиуми во градов и пошироко ќе ја пренесат веста дека во вторникот, на 24 септември 2024 година, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово, беше отворено дваесет и седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, на редакцијата на „Плоштад“ не ѝ преостанува ништо друго, освен да ја потврди оваа радосна вест. Така е. Се отвори, поточно го отвори познатото ТВ лице, Татјана Стојановска, во преубав фустан и глас со кој е навикната да чита вести од соседството. Малку монотоно, особено кога почна да ги реди и непотребно поздравува членовите на Владата, директорите и „видните личности“. Но, добро. Зарем не треба да се поздрават најзаслужните во нашата држава, кои ете, веќе 27 години ни приредуваат ваков „шегобиен“ фестивал? Понекогаш и ние претеруваме. Зошто да земе хонорар некој кумановец со стенд-ап настап, каков што приличи на едно отварање на реномираниот фестивал, кога може да се ангажира некоја позната фаца од главниот град?

Тања му даде збор на таткото на Куманово. Господинот Максим Димитриевски, како и секогаш, немаше потреба да чита долги, здодевни говори, туку беше, ако смееме да употребиме позајмица во јазикот, „сувисао“. Тој изненади со соодветна иронија, поздравувајќи го Министерството за култура, кога рече дека оваа година „се покажале“ со цели 600.000 денари да го помогнат фестивалот, не пропуштајќи прилика притоа да спомене дека Општината Куманово дури помогнала со 350.000 денари. И пак истото, секоја година, никој од „отварачите“ на фестивалот не испушта прилика да го истакне кумановскиот дух и смисла за хумор, побркувајќи ја шегата со комедија, мајтапот со уметноста на засмејувањето на публиката. Годинава, кога сме кај публиката, мора да се истакне и дека сме се значително освестиле и дека конечно сме сфатиле како на ваков фестивал не треба да водиме деца. Не дека тие не знаат што е „пичкин дим“, туку затоа што не разбираат комедија, шега можеби. На градоначалникот Димитриевски ќе му ја простиме усилената „шега“ дека се видел неодамна со Сашко Коцев, лауреатот на овогодинешната манифестација, кој му рекол дека „поголеми глумци од нас глумци сте ви политичари“, но не ја разбравме комичноста на еден политичар како него кога рече дека се сретнале во Егејска Македонија. Кој крак, човече? На Грција да не мислевте? Шегобијно, нема што.

Luxury Catering Service

А, лауреатот, ни се виде како и секогаш, млад, талентиран, комичен, но и сериозен што прима ваква награда, од свои луѓе, од неговите најдраги кумановци.

Претставата „Вечера за глупаци“, во изведба на театрот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес, работена по текстот на Франсис Вебер, а во режија на Ненад Витанов, го отвори фестивалот навистина како што доликува на неговото реноме. Мајсторски режирана, неверојатно тешка за изведба со оглед на должината и тежината на репликите, лесно восприемлива за публиката поради адаптацијата со алузија на нашите политичко-општествени збиднувања и неверојатната дарба на актерската екипа да импровизира без тоа да се забележи. Најпознатите рецензенти на театарската уметност имаат кажано дека е вистинска вештина да се глуми во комедија и да се насмее публиката, а уште поголем предизвик за еден актер е да глуми пијаница или некој со говорна маана. Фаик Мефаилоски е првиот претендент за наградата најдобра машка улога на фестивалов. Една таква лежерност во улогата на „глупак“ кој треба да биде доведен на вечера од страна на пропаднат буржуј за да се исмеваат со него, одамна немаме видено од актер. За оваа претстава, доколку е на репертоарот во велешкиот театар, вреди да се отиде макар да се спореди со синоќешната изведба пред табиетлиската кумановска публика.

И така драги гледачи, слушатели и читатели, и ние ја користиме оваа прилика да ви посакаме убави вечери со сите претстави на годинешниот „Денови на комедија“ со кој се гордееме, и секако, да ги поздравиме сите спонзори на фестивалот, организатори, стрпливи купувачи на билети, градската администација, членовите на општинските комитети на најголемите политички партии, директорите, замениците, министрите и нивните помошници, даночните ревизори, издавачите на книги и нивните љубовници, холивудските режисери и да не ги заборавиме, пожарникарите.

Со најнови вести ќе се јавиме утре за „Секс, лаги и љубомора“. Убав ви ден, што би кажала скопската водителка.

Р.П.