Уште еден релативен успех на европската крајна десница, овој пат на изборите во Австрија. Големо прашање е дали ќе успее да состави Влада, бидејќи нема доволен број пратеници за самостојно владеење, а сите други засега велат дека не сакаат коалиција со таа партија, но фактот што убаво средената алпска земја е поединечно најсилната политичка сила, е прилично загрижувачки. Загрижувачки затоа што гласовите се добиени врз ксенофобна, расистичка, антиимигрантска, нетолеранта реторика. Слични или идентични сигнали дојдоа неодамна и од покраинските избори во некои региони на Германија. Подемот на екстремната десница во Европа веќе не е инцидент, туку се шири, ако не како шумски пожар, тогаш како вулканска лава, која полека но сигурно ги голта куќите и улиците, и ништо не може да ја сопре.
Речиси сите аналитичари констатираат дека ни националните влади, а ни европската администрација во Брисел не се снаоѓаат (најблаго речено) со евидентната опасност. Тоа го користат популистите, кои нудат „брзи и ефикасни решенија“, секогаш базирани на сила, што звучи убаво на голем дел од јавноста, беа оглед на фактот дека таквите „решенија“ се лага. Но, додека се открие лагата, поминале изборите. Тоа го видовме во Шведска, Финска, Словачка, Франција, Италија…, а цела деценија го гледаме во Унгарија. Пред неколку месеци еден аналитичар изјави: „Да се изразам со фудбалски жаргон, на сите овие изјаснувања на народот, националистичката десница шутира во празен гол“.
Тоа е многу добра метафора што важи за сите успеси на популистите. Тие успеси не се плод ниту на нивните партиски програми, ниту на нивната уверлива реторика, ниту на угледот што како личности го имаат во јавноста, туку на фактот дека „шутираат во празен гол“.
Прашањето е: зошто остана голот празен? Каде се загуби левицата (која не е наци-левица), социјалистите, социјалдемократите, работничките партии…?
Според мене, има објективна и субјективна причина за тоа. Субјективната е во кадровскиот потенцијал на луѓето кои се претставуваат како левичари, а воопшто ја немаат во себе таа идеологија, ниту пак професионалните квалитети да ја осмислат и спроведат во дело.
Секако, такви квалитети немаат ни десничарите, но тука доаѓа до израз објективната причина за повеќедецениското тонење на левицата. Објективно, многу е потешко да се биде успешна левица, отколку успешна десница. За вториве е доволно да се „патриоти“ (само на зборови, се разбира), да се „непопустливи“ (пред „диктати од надвор“, на пример), и последно, но не помалку важно – да го ослободат граѓанинот од одговорност, вклучувајќи ослободување на омразата. Да се биде одговорен и пристоен бара одреден напор, понекогаш е дури и тешко, па кога некој ќе ти го симне тој товар, не е неочекувано да чувствуваш благодарност кон него. Кој сега ќе мисли на глобалното затоплување и уништувањето на природата, кога уште не е дојден крајот на светот? Кој смее да ти каже дека ти не ги сакаш своите деца, иако со негирањето на климатските промени ќе им оставиш пустина од планетата? Кој сега ќе мисли дали се загрозува демократијата, кога „види Американците што прават, и кај нив, и во цел свет? Па тие ли ќе ни делат лекции“?
А ослободувањето на омразата е големо психичко олеснување. Да може без законски последици отворено да се мразат соседите, другите религии, раси, народи, поинаквите… е форма на психичко ослободување. Сето тоа го нуди екстремното крило на десницата, што е нејзината голема објективна предност.
Да се биде левица е потешко, бидејќи таа ги нема на располагање овие емотивно-фиктивни категории. За да бидат популарни и посакувани на власт, социјалистите и социјалдемократите мора да понудат квалитетна социјална програма. А за да имаш квалитетна социјална програма, мора прво да имаш успешна економија, која не е нешто емотивно и фиктивно, туку баш напротив – таа е нешто многу конкретно и реално. И, бидејќи не можат да го испорачаат тоа, нивниот главен „аргумент“ останува дека десницата е неодговорна, лажлива и криминална, што не е неточно, но не е доволно, кога главните очекувања се социјала, економија и правда. На пример, СДСМ беше донесен на власт (не дојде самиот, туку граѓаните го донесоа со масовна излезност на изборите) за да ги промени практиките на претходната влада. Популарноста ја загуби веќе по втората-третата година, кога се виде дека немаат капацитет (веројатно ни намера) да го направат тоа. Точно е дека ја зголемија минималната плата, како и просечната, но исто така е точно дека тоа зголемување не се базира на подобрена економија, зголемено производство и повисока продуктивност, туку на државни финансиски интервенции, односно на задолжувања на државата. Поупатените тоа го знаат врз база на анализи, но го знаат и луѓето кои немаат теориски познавања од економијата. Поточно, тие го чувствуваат потсвесно.
Да заклучам, десницата може да го лаже и залажува народот, дури и релативно долго време, додека левицата ја нема таа „привилегија“, и ако не испорача реална вредност – готова е. Во последниве 10-20 години сѐ повеќе сме сведоци на тоа.
Миодраг Мишолиќ