Моќта на зборовите што ги користиме: Клучот за внатрешна трансформација
Замислете еден стар мудрец кој, шетајќи низ селото, сретнал млад човек кој бил очаен поради своите неуспеси. Младиот човек се чувствувал изгубен, рекол дека никогаш нема да постигне ништо во животот и дека секој чекор го водел до разочарување. Мудрецот само го погледнал со насмевка и рекол: „Да ти покажам нешто. Да замислиме дека твојот ум е градина, а зборовите што ги кажуваш се семето кое го сееш во таа градина. Ако продолжиш да го садиш семето на страв, несигурност и пораз, какви растенија мислиш дека ќе израснат од нив“? Младиот човек замолчел, сфаќајќи го значењето на зборовите на мудрецот. „Но, ако почнеш да садиш семе на храброст, самодоверба и самољубие, твојата градина ќе процвета во нешто убаво и силно“. Мудрецот додал: „Секогаш избирај ги зборовите како семиња, затоа што она што ќе го засадиш денес ќе стане твоето дрво на животот утре“.
Зборовите што ги користиме секој ден имаат многу поголема моќ отколку што честопати сфаќаме. Тие не се само средство за комуникација, туку и алатка со која ја обликуваме нашата реалност, ги насочуваме нашите мисли и ги поставуваме темелите на нашиот внатрешен свет. Зборовите се енергетски печат на нашите желби и намери. Сè што кажуваме остава трага не само во туѓите уши, туку и во нашата свест. Зборовите стануваат семиња кои можат да донесат плодови на мир, љубов, самодоверба, но исто така и стрес, страв или несигурност.
Кога размислуваме за моќта на зборовите, важно е да се потсетиме колку често си кажуваме фрази како „не можам“ или „не сум доволно добар“. Овие зборови стануваат окови на нашиот ум, нè ограничуваат и влијаат на тоа како го гледаме светот и себеси во него. Спротивно на тоа, кажувањето зборови како „можам“ или „доволно сум…“ нè ослободува и нè поттикнува на акција. Зборовите што ги избираме ги обликуваат нашите мисли, а нашите мисли го обликуваат нашиот свет. Според мене, на рафтовитe каде што се продаваат рeчници би требало да стои назнака “внимание, опасно оружје”.
Познатата авторка и мотивациска говорничка, Маја Анџелоу, еднаш рече: „Луѓето ќе заборават што сте кажале, но никогаш нема да заборават како тоа ве натерало да се чувствувате“. Зборовите носат вибрации што имаат моќ да влијаат на емоционалната состојба на другите, како и на нас самите.
Еден од најпознатите зборови што ја симболизира моќта на зборовите е „Abraкadabra“; често се гледа во магични трикови, но неговото потекло има многу подлабоко значење. Потекнува од арамејскиот јазик и оваа фраза првично значи „создавам додека зборувам“ или „создавам зборувајќи“. Овој збор нè потсетува на суштинската моќ што ја поседуваме – создавањето на реалноста преку зборовите што ги зборуваме. Во древните култури се веруваше дека зборовите имаат моќ да го преобликуваат светот и да создадат нова реалност, користејќи го нашиот глас. Тоа е универзална вистина: зборовите што ги зборуваме, за себе, за другите или за светот, стануваат наша реалност.
Ако е тоа така, полезно е да знаеме како да ја искористиме моќта на зборовите за позитивна трансформација, зарем не? Изберете ги вашите зборови внимателно. Кога зборуваме за себе, да обрнеме посебно внимание на тоа дали овие зборови се позитивни и охрабрувачки. На пример, наместо „не можам“ кажете „ќе се обидам“. Заменете ги негативните фрази. Секој пат кога ќе се фатите во негативна мисла, застанете и трансформирајте ја во позитивна. На тој начин го преобликуваме и нашиот ум. На пример, наместо „никогаш нема да успеам“, кажете „секој ден учам и се доближувам до мојата цел“. Зборувајте со многу сочувство кон другите. Зборовите што им ги кажуваме на другите можат да имаат големо влијание врз нив. Да се погрижиме нашите зборови да бидат извор на поддршка и охрабрување. Користете афирмации. Редовното кажување на афирмации како „јас сум доволно добар“, „заслужувам љубов и успех“, може да го промени начинот на кој се перципирате себеси и вашите можности.
Се разбира, тука е и изреката која вели: „Внимавај што посакуваш, можеби ќе се оствари“. Taa е директно поврзана со моќта на намерите и зборовите што ги користиме за да ги обликуваме нашите желби и цели. Она што многумина не го разбираат е дека нашите желби и зборови, кога ги кажуваме или ги формулираме во нашите мисли, не се само празни фрази. Тие носат енергија која може да стане дел од нашата реалност, па затоа е важно да бидеме свесни за тоа што точно сакаме и како го изразуваме.
Можеби сега се прашувате зошто е тоа така? Нашата потсвест не препознава шега или сарказам, туку сè зема здраво за готово. Кога ќе кажеме нешто како „никогаш нема да успеам“ или „постојано привлекувам лоши ситуации“, тие зборови ги испраќаме како сигнал до универзумот и нашиот ум. Како резултат на тоа, нашите мисли стануваат огледало на тие зборови, па почнуваме да веруваме во сопствените ограничувања, не сфаќајќи дека самите ги создаваме. Внимавајте што посакувате, бидејќи случајно можете да го привлечете она што не го сакате. Нашите желби мора да бидат внимателно дефинирани и искрени. На пример, ако постојано велиме „сакам повеќе пари“, но во исто време веруваме дека парите се „изворот на проблемите“ или „не заслужувам успех“, нашиот внатрешен конфликт создава бариери кои нè спречуваат да го постигнеме она што сакаме. Затоа клучот е во јасното изразување и поставување на кристално јасна намера со позитивен став. Така наместо да кажете: „не сакам повеќе проблеми“, подобро е да речете: „јас привлекувам решенија и мир во мојот живот“. Фокусот треба да биде на она што го сакаме, а не на она што сакаме да го избегнеме.
Ајде за крај да бидеме малку практични. Да видиме како всушност е полезно да ги формулираме своите желби. Еве еден краток предлог како водич.
Како да ги поставите вистинските желби?
Бидете јасни и конкретни. Кога сакате нешто, замислете точно што сакате да постигнете и како тоа ќе придонесе за вашиот живот.
Изразете ги вашите желби на начин кој е позитивен, јасен и во согласност со вашите вредности.
Фокусирајте се на она што го сакате, а не на она што го избегнувате. Наместо да кажете „не сакам да бидам под стрес“, кажете „сакам повеќе мир и рамнотежа во мојот живот“. Размислете за последиците. Размислете што значат вашите желби на долг рок. Дали се во согласност со вашите вредности и дали ќе ви донесат среќа?
Користете потврдни зборови. Кога поставувате намери, користете афирмации кои ве водат кон она што сакате да го постигнете, како на пример: „се отворам себеси за нови можности што се усогласуваат со мојата благосостојба.”
Зборовите се многу повеќе од средства за комуникација – тие се алатка за трансформација, семе кое може да го промени нашиот внатрешен свет. Изберете ги со намера и свесност за нивната сила. Како што ни кажува „Абракадабра“, ние го создаваме светот околу нас додека зборуваме.
Зарем не е убаво да се знае дека волшебното стапче е во наши раце? Се прашувам што ќе создадете со вашите зборови денес?
До следното читање ви посакувам мир и многу љубов.
Продолжува…
Фросина Здравковиќ
Бул. „Октомвриска Револуција“ 15/3, во непосредна близина на економско училиште