Почетна КОЛУМНИ 230 причини за пркос на просветните работници

230 причини за пркос на просветните работници

Пет долари за добротворни цели или како да се понижи учител во Македонија

Поминаа сто дена од работењето на новата Влада. Пензионерите веќе го добија првиот дел од линеарното покачување. Во Куманово, вообичаено, овие 2.500 денари се претвораат во долари, што изнесува околу 46 долари, наспроти цели 4,26 долари покачување за просветните работници. По денешен курс. Веќе утре може да падне доларот и тоа да изнесува дури 7 долари! Но, ние сме премногу зафатени и да ѝ се смееме на оваа фарса. „Владата им купува грицки за настава во природа на наставниците, наместо да ја купи иднината на оваа земја!“ – овде-онде имаше таков статус на социјалните мрежи и тоа, погодувате, од неопределените, неврзаните, разочараните и повредените просветари. По лајкови почнавме да се препознаваме. „Се сложувам, но не смеам да кажам јавно“ – е дел од првата стодневна програма на сите досегашни и идни владини тела и анти-тела.

Ама, ајде да „бидеме позитивни“ и покачувањето да го разгледаме од холистички пристап.

Luxury Catering Service

Зборот „холистички” потекнува од грчкиот збор „Holos“ што значи „цел”. Тоа значи гледање на човекот како едно цело, а не поделено на компоненти – тело, ум и психа. Едно цело, на годишно ниво е 51 долар. За една наставничка тоа се една ноќна крема, шолја за чај со принт „синдикатот мисли на вас“ и два билети за една претстава на „Денови на комедија“ (кој им е крив што не гаселе пожари цело лето па да си добијат гратиси). Инаку, сите три компоненти го претставуваат човекот на три различни нивоа кои се тесно поврзани и заедно делуваат како едно цело. Ако една од овие три компоненти не е во рамнотежа тоа се одразува на останатите две. Па така, ако некој наставник плаќа кирија или јаде по три оброци дневно или е самохран родител кој има дете на факултет, рамнотежата се одразува на умот и психата и се донесуваат погрешни одлуки, најчесто за промена на работното место, па имаме еден куп професори кои диспечираат камиони во нордиски земји. Се моли Вале да се јави на каса број три. Пензионерите масовно го трошат покачувањето од први до петти, гужвичка е на каса.

Сепак, најинтересни се оние кои макотрпно нè убедуваат дека стратегијата за образование и наука не е празнење на школските клупи, туку е полнење на џебот на просветните работници, макар и за 230 денари. Поради таквите без’рбетници (кога веќе е јасно дека се плашиме да го свиткаме ‘рбетот и да излеземе на протести или да кликаме лајкови), го предлагаме следново: наставници, земете го тоа покачување и ДОНИРАЈТЕ го секој месец во добротворни цели! Покажете им на сите раководства дека не се плашите да го занишате бродот што и онака тоне. Во систем каде и објава на фејсбук пост може да се сврти против вас и од пробиштипска Ратковица да ве пратат во дебарски Косоврасти за 4 часа руски јазик, на ваш патен трошок оти не сте парламентарец, покажете го своето достоинство, пркосот на еден образувач, насобраниот инает. Така, ние родителите, диспечерите, пожарникарите, касиерките, ќе знаеме дека сте навистина здружени, не против власта, туку против понижувачката идеја дека покачувањето чини како грицки за еднодневна екскурзија. Без сокче и сендвиче како што ви даваат во предизборни кампањи.

Ивана Аткинс