Професор Филип Ѓошевски за „Плоштад“ го опишува Куманово низ годините.
Денешната улица ,,Народна Револуција”, во минатото била нарекувана уште и Велешки сокак. Велешки сокак бил наречен по велешките трговци, кои во Куманово доаѓале да продаваат некои свои производи. Во оваа маала и сокак, меѓу првите се населиле и некои башиноселци (Велешани), па така започнало нејзиното оформување.
Овој сокак била значајна градска артерија со сконцентрирана трговија и дуќани и куќи на стари градски семејства.
Едно од тие семејства, кои се доселиле од Башино Село во периодот од 1912-1914 година, е и семејството Атанасови, каде подоцна, во нивната куќа се наоѓаше “Арт-кафе Цариград“.
Според М. Арсовски (2008), Јордан Атанасов бил еден од поимотните велешани во Куманово. Неговите родители Атанас и Ленка се доселуваат од Башино Село. Јордан Атанасов важел за мошне претприемничка личност со богато трговско искуство. Се занимавал со производство на вино, ракија и трговија на големо, кој секоја година, од Србија набавувал грозје во големи, долги сандаци. Со него работел Трајко Наковски. Семејството Атанасови, на денешната улица “Народна Револуција“ поседувале две куќи и една кафеана “Рудник“. Една од тие две куќи е и куќата како што напоменавме, во која се наоѓаше “Арт-кафе Цариград“. Инаку, Јордан Атанасов бил во брак со кумановчанката Гора. Немале пород, така што се грижеле за Динка и Славка, ќерките на покојниот Јорданов брат.
Куќата на кат, во која се наоѓаше „Арт-кафе Цариград“, со интересна овална тераса, од спротивната страна на сегашното ООУ “Крсте Мисирков“, беше една од најубавите во градот, посебно интересна со богатата архитектонска пластика. Подоцна, куќата ја купил Петар Перо – Поте, кого кумановците го паметат како адвокат и претседател на Судот во градот Прешево, а по него и едно споредно сокаче уште го нарекувале и Потево сокаче. Куќата била изградена во периодот меѓу двете светски војни.
Сопругата му била Германка и целиот мебел во куќата бил донесен од Германија. Потоа, од семејството Потеви била продадена на тројца браќа Албанци од тетовскиот крај, кои во приземјето на објектот држеле бурекџилница “Плави Јадран“, а потоа преименувана во “Три брата“, додека просториите на спратот кои биле запуштени, не ги користеле. Додека Албанците ја држеле бурекџилницата, тие брашно набавувале од кумановската пекара “Златен Клас“, кои добро соработувале со газдата на пекарата. После војната од 2001 година, споменатите Албанци, му ја нудат и ја продаваат куќата на газдата на “Златен Клас“.
Потоа, во 2004 година, куќата под кирија ја изнајмува сопственикот на тогашното “Арт -кафе Цариград“, Борис Митковски, кое пред тоа локациски се наоѓаше во трговскиот центар „Гарнизон“, а претходно беше отворено во 2003 година и во 2004 година се сели во споменатата некогашна куќа на Јордан и Поте. Тогаш, внатрешните делови и простории, од страна на Елена Радошевиќ, Магдалена Величковска, Неда Кујунџиска и др., биле редизајнирани и направени во нов ориентален стил. Тогаш и ѕидовите биле одново бојадисани.
Во разговорот со Борис Миктовски, се сетивме на времето кога арт-кафето Цариград работеше во полн сјај. Во ,,Цариград” секој викенд имало програма со настапи на бендови, диџеи, изложби, промоции и други културни настани. За една Нова година, настапила групата “Фолтин“, додека „Цариград“ се наоѓал во Гарнизон. Потоа, на новата локација, истата група во “Цариград“ вршела промоција на нивниот нов албум „Lo-Lee-Ta-Too“, и тогаш имало најголема посетеност откако постоел „Цариград“.
Секој ден во „Цариград“ од четврток до недела имало журки. Настапувале различни диџеи и бендови. Настапувале Вера Јанковиќ, Диџеј Зоки Бејбе, Јани и Тони од 103, „План Б“, група „Баклава“, Стефче Стојковски, Киклип итн. – се присеќа Митковски.
Арт-кафето Цариград, на новата локација на ул. „Народна Револуција“ работеше цели две години, сè до јули 2006 година, кога објектот беше урнат и на негово место се изгради станбена зграда.
Потоа, се враќа на старата локација во трговскиот центар „Гарнизон“ и таму работи сè до 2011 година, каде трајно се затвора и оттогаш наваму, останува само во спомените на кумановчаните, но како расадник за културолошките настани и муабети.
Извор:
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.
М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646)
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник