Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Даниела Стојановска

Азбука на Даниела Стојановска

Поддржувач на ученици и критичар на уништувачи на етички и професионални вредности, професор по математика, ментор, автор на наставно – научни трудови и специјалист за математичкото образование. Тоа е Даниела Стојановска, поборник на заложбата учениците да имаат училиште по своја мерка, а не по мерка на луѓето од власта. Најзините ставови никогаш не ја „држат“ страната која не „држи“ вода, па оттука и нејзината аверзија кон партиски членски книшки.

А

Ајнштајновите теории за релативност и бесконечност. Сè е релативно, бесконечна е само човековата глупост;

Б

божем, божем сме професионални, божем сме одговорни, божем сме политичари, божем си го сакаме Куманово…;

Luxury Catering Service

В

вечноста на „покровителите“ на политичките кампањи, кои училиштето го „средуваат“ по мерка на власта, наместо по мерка на детето (ненаучена лекција);

Г

Годо, „Чекајќи го Годо“, драмата на апсурдот на С. Бекет, синоним за општественото живеење;

Д

Дана, баба Дана, слаткарница Корзо, Занаетчиски дом. (Чоколада и ванила, сладолед или кремче и зелена лимонада од крушка. Кој пробал, памети);

Ѓ

ѓубре, како често користен опис на психолошки профил на човек;

Е

единствени вредности: наука и уметност;

Ж

желби, остварени или неостварени, важно, да ги има;

З

забошотување, да се прикрие вистината од другите, додека да се заборави;

Ѕ

Ѕука, прекар кој со генерации го носат членовите на мојата фамилија, синоним за правичност, одговорност, стручност и професионалност;

И

Институт за математика при ПМФ, на кој му ги должам професионалните постигања;

изгрејсонце, нов ден, со нова надеж;

Ј

Јована Ѕука, го прави светот поубав одошто е;

К

Кумановски џез фестивал со Влатко Стефановки, Теодоси Спасов и Мирослав Тадиќ во бавча на кино Козјак;

Л

„Лет во место“ на безвременскиот драматург Горан Стефановски;

Љ

е за љубопитните од секторот за оговарање и тревожење во мојот колектив.(не е за Биљана, за Билјана е);

М

математика или наука за нештата кои сами по себе се очигледни. Математичко образование, мастер студии, математичка креативност;

Н

не смее и не треба неверојатно да се пишува одделно;

Њ

Њутновиот закон за акција и реакција;

О

образованието да е закон, а законот да е образуван;

П

Петар, кој ме научи дека тетка е институција за безрзервна љубов и безусловнии отстапки;

Р

размислување, критичко размислување како интелектуален процес со кој се нуди решение на проблем, подобар од сите претходно понудени решенија за истиот проблем. Сè друго е просто критикување;

С

создавање смисла, сочувствување, систематичност;

Т

тетратката е со квадратчиња и не може да се нарекува тетратка во коцки;

Ќ

ќерамитчиња неопходни за играта „кленѕа војска“, од времето кога децата играа игри на сокак;

У

ученици, моите седум генерации ученици, нивните будалаштини и нивните успеси;

училиште кое живее со будалаштините на децата, а изумира од будалаштини на возрасните;

Ф

факти, нешта кои се земаат за точни само ако се докажани;

Х

харизма, харизматичност (денешен раритет);

Ц

центар на кружница, центар на град и комплексите на луѓето кои мислат дека се центар на светот;

Ч

чест, чесен, чесност;

Џ

Џонатан Ливингстон, галебот од басната на Ричард Бах;

Ш

шах, секогаш ќе се најде некој коњ со желба да те матира.