Не припаѓам во онаа група на луѓе кои сметаат дека за СДСМ не треба да се зборува. Наводно, поразени и казнети треба сами да си ги лечат своите рани, а јавноста да ги остави на мира. Напротив, мислам дека за нив треба да се зборува отворено, гласно и јасно. Особено сега, кога сè повеќе има кавги и поделби во ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово и во таборот на проектот Максим Димитриевски, скратено наречен ЗНАМ.
Точно е дека после нокаутот што го доживеаја на претходните избори, секоја критика кон нив може да се протолкува како „вадење нож на мртвога Германца“, но СДСМ му треба на Куманово и Македонија. Секако, не онаков како до сега, но нов и реформиран, целосно променет, сигурно да.
Во овој момент опозиција на владеачката коалиција на државно ниво е само левицата, предводена од нејзината ударна тупаница, Димитар Апасиев, а на локално ниво опозиција се само двајца луѓе: советниците Миле Андоновски и Александар Јовановски. Толку. Ќе се сложите со мене, тоа не е доволно. Затоа ајде да го кажам гласно она во што верувам и некако пречувствувам дека сите во СДСМ го знаат.
На СДСМ му треба револуција, ремонт, нов почеток. Не шминка и залажување. Никако „make up“ на леш.
Каков бенефит за партијата ќе биде ако се помират скараните кланови?
Како и до сега, мирот ќе трае до првата можност пак да си вадат очи.
Револуција, другарице и другови, револуција! Внатрепартиска револуција, па потоа пред народот и со народот. На СДСМ во Куманово му треба човек кој ќе има два пара „кохонес“ и решителност на поедници да каже: другари, фала за све до с’га, али ви сте завршена прича. Во СДСМ сте добредојдени само кога ќе ве повикаме, ако ве повикаме.
Кој може да биде носител на тие промени, не можам да кажам. Немам име кое можам да го предложам. Имам само долг список на оние на кои треба да им се забрани да влегуваат во партските простории и да бидат на било какви листи за избори или функции.
Сепак, еве само еден мал предлог.
За почеток, СДСМ во Куманово треба да избере портпарол кој ќе излегува пред јавноста и ќе биде гласноговорник на незадоволниот народ. Доволно е само да биде ново лице. Никој да не може да му каже „ти ли бе најде да збориш?“.
Некој кој нема опашки дека е дел од скараните кланови, кој во минатото имал високи партиски функции, кој е грдото лице на ОО СДСМ Куманово.
Да биде глас на незадоволните граѓани кои сè повеќе и погласно зборуваат против политиката на владеачката коалиција. Само така ќе бидат спремни за ново соочување со ВМРО-ДПМНЕ.
Проектот ЗНАМ е небитен за приказнава. Тие и така се во фаза на распаѓање.
Марјан Славко