Почетна СТЕТОСКОП Загрижувачки пораст на депресија

Загрижувачки пораст на депресија

Таа е лиценциран психолог, европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер. Драгица Стаменковиќ – само за читателите на Плоштад, секој четврток во рубриката Стетоскоп, ја покажува својата стручна раскош.

Депресијата кај децата и адолесцентите

Депресивното расположение е една од развојните карактеристики на адолесценцијата.

Luxury Catering Service

Сепак, бројот на млади луѓе кои покажуваат знаци на депресија забрзано расте. Тенка е линијата од депресивно расположение до депресија како психолошко нарушување и заради тоа е важно навреме да се препознаат симптомите и да се реагира.

Можни фактори

Голем е бројот на факторите што влијаат во настанување на депресијата кај млади луѓе. Биолошките, наследните, психичките и телесните промени, заедно создаваат комплексна структура на потенцијални влијанија врз појава на оваа болест.

Генетското наследство го зголемува ризикот и веројатноста за депресивна реакција при стресни ситуации.

Биолошките промени предизвикани од неврохемиските реакции во мозокот и хормонското влијание, заедно со социјалните фактори можат да бидат само дел од причинителите. Во социјалните фактори влегуваат: нарушени односи со родителите, однос родител-дете во кој детето е потценето, обезвреднето или навредувано, релација во која нема почитување, емоционална поддршка и грижа, семејно насилство, брачни проблеми, развод или загуба на член од потесното или поширокото семејство, врсничко насилство и други стресни ситуации, заедно со погоре наведените фактори од биолошка природа се само дел од важните потенцијални причинители за појава на депресија кај младите.

Иако депресијата може да се јави во кое било животно доба, сепак симптомите се различни.

Генерално, сите кои страдаат од депресија се нерасположени, тажни, немаат воља и се чувствуваат хронично уморни.  Депресијата нарушува и некои телесни функции и се манифестира преку пореметувања на сонот, намален или зголемен апетит, тромост, чувство на немир, раздразливост, исцрпеност, намалена концентрација и расеаност.

Депресија кај млади и адолесценти

Иако овие карактеристики се составен дел од клиничката слика на депресијата, сепак кај малите и школски деца се забележува дека изгледаат тажно, движењето им е успорено и честопати се осамуваат. Помалите деца се жалат на болки во стомакот и главоболки. Не учествуваат во игри со други деца, постојано бараат контакт, имаат напади на плач или бес, а присутни се и ноќни стравови, ноќни мокрења, нарушување на сонот и апетитот.

Пред-адолесцентите се жалат дека им е здодевно и немаат интерес за вообичаени активности. Најчесто се повлекуваат од социјални контакти, иритабилни се, тешко се соочуваат дури и со најмала фрустрација и често покажуваат лутина. Школскиот успех најчесто се намалува.

За разлика од нив, адолесцентите губат смисла, сè им станува залудно и без перспектива. Кај најтешките случаи, присутни се суицидални мисли.

Депресивните адолесценти се жалат на апатија, недостиг на енергија, пореметувања во сонот или апетитот, што води кон тоа да се прејадуваат или не внесуваат доволно храна.

Посклони се кон конзумирање алкохол и други средства кои создават зависности, раздразливи се и импулсивни и имаат зголемено чувство на безнадежност.

Сите овие случувања најчесто водат кон намалување на школскиот успех, проблеми на училиште, промени во однесување, бегање од школо или домот, како и склоност кон насилство и други ризични облици на однесување.

Прим. Д-р Мара Трипковиќ вели дека во денешниот модерен свет една од причините за појава на несигурност и депресија кај младите е отсуството на реална комуникација. Привидната комуникација од компјутери и мобилни телефони е само копија на реална комуникација. Средбата со реалниот свет за некои адолесценти може да биде трауматично искуство, кое уште повеќе ја разнишува и така нестабилната сигурност во овој период.

Лекување

Раното препознавање на симптомите е од круциијално значење за поставување на навремена дијагноза и избор на облик за лекување.

Во третман на млади, депресивни луѓе се користат различни психотераписки техники, психосоцијални интервенции, а ако станува збор за потешки облици на депресија се препорачуваат и антидепресивни лекарства од стручно лице.

При избор на соодветна фармакотерапија мора во предвид да бидат земени физиолошките карактеристики на детскиот организам, како и нивните психолошки карактеристики, за да може стручното лице на најсоодветен начин да ги информира децата и адолесцентите за лекот, но и да добие навремен одговор за евентуалните нуспојави.

На родителите преку советување треба да им се даде поддршка и да им се помогне полесно да го прифатат влијанието на депресијата врз семејниот, училишниот и поширокиот социјален систем.

Најчесто се применува комбинација од повеќе техники и за секој клиент се планира посебен пристап.

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, Европски сертифициран психотерапевт, М-р по клиничка и советодавна психологија, тренер