Голем број на објекти во Куманово, лоцирани по старите кумановски сокаци, изградени во првата половина на ХХ век, си имаат своја скриена историја. Си имаат своја приказна од минатото, малку позната за нас во сегашноста. Постојат голем број на куќи во Куманово, со интересни архитектонски белези што во минатото биле сопственост на некои видни луѓе во градот.
Една таква куќа е и куќата на Сифрид Трајковиќ(ски) – Миладинов, во кој денеска се наоѓа кафе барот „Јард“.
Тогаш, кој е Сифрид Трајковски – Миладинов, кој во минатото имал права палата на тогашна ул. „Караѓорѓева“?.
Сифрид Трајковски бил роден во 1895 година во Куманово, во семејството на Трајко и Лена, инаку родена сестра на Георги Малински. Трајко и Лена имале уште четири деца и тоа: Јован, Михајло, Методи и Љуба.
Сифрид Трајковски – Миладинов (по својот дедо Миладин), бил познат фотографски мајстор во Куманово, кој занаетот го учел во родното Куманово, кај својот вујко, Георги Малински. Инаку, Георги Малински (1878-1952), по сè изгледа бил најстар фотограф во Куманово и меѓу првите во Македонија. Бил ученик и соработник на познатиот и единствениот на Балканот Милтон Манаки. Малински бил прочуен и како прв есперантист на Балканот.
Модерното фотографско ателје на Сифрид се наоѓало на почетокот на Нагоричкиот сокак. Неговите редовни муштерии биле угледни кумановци, познати трговци и мајстори.
Неговото фотографско ателје „Фото Јупитер“ се сметало за едно од најсовремените во тој период. Тој во Куманово самостојно се бавел со занаетот од 1919 година.
Сифрид бил и член на КПЈ од 1919 година, а едно време и секретар на кумановската партиска организација.
Едно време Сифрид бил закупник на првото кино во Куманово „Едисон“, некаде во 1922 година.
Од 1923 година бил член на Занаетчиското здружение на Куманово, од 1937 година отворил свое ателје во Скопје. Во 1939 година токму Сифрид Трајковски-Миладинов го снимил првиот македонски документарен филм во колор со назив „Галичник”. Со својата сопруга Нада и синот Ангел, во 1947 година заминал во Загреб, каде останал до крајот на својот живот. Починал во Загреб во 1962 година.
Според М. Арсовски (2009), Сифридовата семејна куќа во Куманово на Велешкиот сокак, тогашна ул. „Караѓорѓева“ (денес ул. „Народна Револуција“), изградена во третата деценија на XX век, според современиците на тоа време, претставувала вистинска палата и со извонредни архитектонски белези била една од најубавите во градот. Со железна ограда и широк двор, со цветни алеи и разнобојни кугли, цементирани патеки, а првиот кат во вид на голема тераса со архитектонски украси.
Проектот на објектот го изработил инж. Владимир Антонов, Белоградеец од Русија.
Денеска, баш во дворот на таа куќа, се наоѓа кафе барот „Јард“, во сопственост на Еманоил Ивановски и Милан Младеновски, отворен во мај, 2016 година.
Инаку, „Јард“, меѓу кумановци е познато место за дневно и ноќно излегување. Во еден дел од годината, секој викенд се одржуваат настапи на различни бендови и пејачи, како од Куманово, така и од другите градови од државата. Во барот некогаш се одржуваат и стенд-ап комедии со различни комичари, а љубителите на спортот, во барот, некогаш бурно го следат фудбалот и лига на шампионите, навивајќи за својот омилен клуб.
Инаку, во дворот на Сифридовата куќа, долги години постоеше и кафе барот „Цитадела“, уште пред двеилјадитата година, со менување на различни сопственици. Еден извесен период од 1993 до 1998 година, Цитадела ја држеше Сашо Веселиновски, а куќата под кирија тогаш ја изнајмуваше од познатиот во Куманово, Ратко сликар. По кажувањето на г-дин Веселиновски, Цитадела постоела и пред тоа, а еден период после него, кафулето со друго име го држел и сопственикот на денешната „Скара кај Жмара“, г-дин Крсте Петровски.
Последен пат, големо отворање на кафе барот Цитадела се случи во јуни, 2014 година.
И за крај, кога станува збор за семејството Трајковски-Миладинов, не смееме а да не го споменеме и синот на Сифрид, Ангел Миладинов (Куманово, 27 мај 1928 – 4 јануари 1984, Загреб).
Ангел Миладинов бил еден од најпознатите ТВ режисери и уредници на овие балкански простори. Во мај 2005 година телевизиското студио на популарната ХТВ го доби името „Ангел Миладинов“. Како што запиша еден критичар: „Да случајно немаше телевизија, Миладинов би ја измислил“. Трагично загинал во 1984 година.
Користена литература:
М. Арсовски – Болто: За семејството на старите фотографи од Куманово, Трајковски-Миладинови и таткому на Ангел, Сифрид-Трајковски-Миладинов, Списание Корени, (Год. 8, бр. 31/32, септември/декември 2009, стр. 5105-5112)
М. Арсовски – Болто: Стари кумановски фотографски мајстори, Списание корени.
Д. Масевски: Ангел Миладинов, Списание Корени, (Год. 8, бр. 31/32, септември/декември 2009, стр. 5104).
Фото бр. 5: Blue Nomad 7g espresso / фб. страница, пристапено, 10.10.2024.
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник