Почетна РЕТРО … И ЗА КРАЈ ЕДНО ГОЛЕМО БЛАГОДАРАМ

… И ЗА КРАЈ ЕДНО ГОЛЕМО БЛАГОДАРАМ

РЕОБЈАВА

Плоштад, Објавено на 30 мај, 2014

Пишуе Киро Солар

Искрено би сакал да ја искажам мојата голема благодарност до главниот уредник г-нот Марјан Петрушевски и до редакцијата на неделникот „ ПЛОШТАД“, кои најдоа доблест во неколку броја да ми го отстапат овој простор за да ја искажам мојата „жалост“ за старо Куманово.

Во почетокот бев малку скептичен и исплашен како оваа рубрика ќе биде прифатена од читателите, но, на мое изненадување, таа беше прифатена и наиде на позитивни коментари. Со оглед на тоа што не сум доволно квалификуван за пишаниот збор и на фактот што од големиот број на теми и случки од минатото не можев да ги опишам сите во кратки црти и на ваков мал простор, на мнение сум дека барем успеав да ги „нафрлам“, а постручните од мене нека продолжат да пишуваат во оваа рубрика.

Luxury Catering Service

Размислувам зошто поединци кои се фамилијарно поврзани со одредени занаети не би го опишале тоа подетално и поавтентично. На пример, зошто Борис Стаменковски, чиј татко Павле бил познат ќурчија и кој има голем фонд на фотографии од тоа време, подетално не би го опишал тој занает. Зошто д-р Бранислав Даштевски не би напишал неколку збора за татко му Благе кој бил познат и признат моден кондурџија или многу наши сограѓани да не напишат по нешто за заборавените занаети: абаџии, самарџии, ковачи, качари, рабаџии, пајтонџии и друго. Се прашувам зошто на овие страници д-р Јордан Пачков не би ги објавил кумановските вицеви и случувања кога за тоа има огромен материјал или зошто Слаѓана Стојанова да не ги објави шегобијните текстови на „Мица Домаќица“. Тоа секако ќе бидат интересни теми за Вашите читатели и сигурен сум читани со задоволство.

Не очекувајќи кој змае какви реакции од рубриката, сепак бев изненаден што беа искажани повеќе позитивни зборови (но, за жал, повеќето од постари луѓе), а посебно бев изненаден кога поединци срејќавајќи ме на улица ми велеа: „Абе Солар, убаво си га напишаја тој, ама чекај да ти кажу да напишеш и за овој“ и се редеа предлози, случувања кои ним им се драги и на кои се потсетуваат. Е, тоа ми го наполни срцето, значи луѓето си го сакаат овој град, живеат во него и сакаат да се потсетуваат на она што било.

Во сите текстови преовладуваше желбата за минатото, а во битие за младоста, но не знам дали младите не го читаат неделникот или не се заинтересирани за овие теми бидејќи не сум го чул нивниот коментар кој би бил интересен и некаков репер за теми кои им се поинтересни и за кои би го искажале своето мислење. Сметам дека без нивното мислење ќе произлезе оти имаме едностран став, а сигурен сум дека во отворена дебата за многу прашања ќе се сложиме.

Како граѓани кои си го сакаат и почитуваат Куманово, би требало да направиме усилба овој неделник да опстане и да биде подобар оти не треба да се заборави дека најголемата општина во Македонија нема скоро никаков пишан медиум. Пропаднаа „НАШ ВЕСНИК“, , ,КУМАНОВСКИ ВЕСНИК”, РАДИО Куманово згасна и се сведовме само на „ТВ НОВА“ кои даваат информации за градот кој со околината има над 130,000 жители. Едно не ми е јасно: како во моето време секој стопански субјект, установа и јавни претпријатија имаа средства за вработените да обезбедуваат тираж од весникот „НАШ ВЕСНИК“, а денеска тоа ќе му дојде како мисловна именка. Зошто денешните стопански субјекти преку рекламирање да не обезбедат по некој број од „ПЛОШТАД“ за своите вработени, со Што ќе му се даде поддршка и можност за опстојување. Ова вистина можеби е жално, но мора да признаеме тоа е нашиот менталитет.

Со надеж дека оваа рубрика ќе опстане, уште еднаш им се извинувам на Вашите ценети читатели доколко имаат примедби за напишаното и ги молам за разбирање бидејќи, како што веќе реков, ниту сум доволно талентиран ниту доволно стручен. Сепак, во мене постои надеж дека оваа рубрика ќе опстане.

Сосема на крај на сите вработени во „ПЛОШТАД“ им пожелувам многу успех во работата и надеж дека уште долго ќе опстојуваат и ќе ги полнат страниците со она што е актуелно и интересно за Куманово. Доколку Вие и Вашите читатели сте на мнение дека има потреба да „нафрљам“ уште нешто, Ви стојам на располагање, особено што има уште многу теми за кои треба подетално да се елаборира, како што се големиот број на вицеви за кумановци, теми од игрите на нашето време како што се: ЏИЛИК, НЕКА БИЕ, КРИВА МАГАРИЦА, НА ЗИНГИЈУ, ВРКА, НА ПАЈУ – МАЛКО ПИЕ МОР и други, а тука се и играње на ЦУПАЛА, ПАРТАЊИВКА, ЏАНДАРИ И ЛОПОВИ итн. Секако дека можат да опишат и поедини занати, сокаци, детали од игранките во Гимназија, Соколана, Дом на ЈНА и др.

На оние на кои не им се допаѓа напишаното и кои не се сложуваат со тоа, им дозволувам слободно да си го изразат онака по кумановски АЈ, ДОСТА, НЕ ГА ТУПИ.

ПРОДУЖУЕ