Почетна СТЕТОСКОП Децата не го уништуваат бракот, туку го менуваат!

Децата не го уништуваат бракот, туку го менуваат!

stetoskopДецата го уништуваат бракот?

Сурфајќи на интернет, налетав  на натпис „ Децата го уништуваат животот! Не треба да имаме деца!“

Боже каков наслов, си помислив и нормално, љубопитноста, моето второ име, ме натера да кликнам и да прочитам ред жалопојки.

Децата ти ги трошат парите, поради нив собираш купони, поради нив се откажуваш од големите соништа, поради нив ретко водиш љубов со партнерот и бла, бла бла… Се сожалив над децата чија мајка објавила ваков текст.

Luxury Catering Service

Но, сепак, некое црвче и мене почна да ме скокотка. Почнав да си споменувам и да се присетувам на сè она што сум го изговорила, прочитала, слушнала, поделила на некоја од женските седенки.

И, прашањето е дали децата го уништуваат бракот?

Сигурна сум дека го менуваат.

Во семејната психотерапија знаеме за фазите низ кои минува семејството и секоја од овие фази се соочува со развојни задачи и одговорности што со себе носат и можни кризи.

Така, едно семејство со мало дете ќе мора да ги редефинира своите улоги во семејниот систем, ќе треба да направи промени во внатрешната секојдневна организација, понекогаш ќе треба да побара помош од надворешен член, партнерите се учат на нова родителска улога, се поставуваат прашања и можни конфликти околу авторитетот, начинот на воспитување и сл.

Штом детето малку ќе потпорасне, ќе почне самостојно да се движи и штом ќе наполни околу 2,5 години, семејството влегува во нова фаза, а тоа е фазата на семејство со предшколско дете. Во овој период се очекува поактивна социјализација на детето, успешно надминување на индивидуалната фаза од развојот, успешно справување со Електра и Едиповиот комплекс и сл. Честопати во оваа фаза децата појавуваат антисоцијално однесување, ги тестираат границите на своите родители, може да се појават емоционални проблеми, соматски проблеми и проблеми во однесување.

Набрзо детето тргнува во училиште и започнува периодот на семејство со школско дете, а самото дете е во латентната фаза од својот индивидуален развој. Членовите во семејството повторно ќе треба да се реорганизираат, се зголемуваат секојдневните активности, се прошируваат границите, детето ги проширува своите социјални контакти. Овие граници постепено се шират, за да го подготват семејството за периодот на адолесценција, период во кој одеднаш сите членови во семејството некако влегуваат во криза. Родителите во криза на средни години, децата во својата криза на идентитет, родителите на родителите во своите здравствени кризи и на моменти се чини дека системот е во колапс и се распаѓа.

Притоа да не заборавиме дека паралелно во семејството има и други деца, на други возрасти, дека и тие поминуваат низ свои развојни периоди, дека се случуваат многу непредвидени настани и дека паралелно освен родителската, мора да тече и партнерската улога.

Како?

Како после кавга со адолесцент да се најде време за смирен разговор со партнерот?

Како после цела ноќ плачење и доење, жената да поднесе допир на таа иста града?

Како после тепачка на училиште и разговор со директор, да се вратиме дома расположени и да го планираме семејното патување?

И, уште многу „како“?

Како да не се самообвинуваме, како да не го обвинувме другиот, како да заборавиме на сметките, на екскурзиите, на ратата за кредит и да се посветиме?

Е, баш така.

Само со посветување. Посветувањето е и доверба. Верувајќи му на нашиот партнер, лесно ќе се справиме со кавгата од прееска, со непријатниот разговор со директорот и со тантрумот пред градинка. Таму каде што едниот нема да може, ќе превземе другиот. Кога едниот нема да стаса на време, ќе стаса другиот, кога едниот ќе е премногу уморен, другиот ќе биде одморен.

Како?

Само со договор и доверба. Сè друго само ќе си дојде.

И само тогаш децата не го уништуваат бракот, напротив го зајакнуваат!

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, Европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер