Почетна Спорт Реџеп Реџеповски – златните раце на сребрениот кумановски медал

Реџеп Реџеповски – златните раце на сребрениот кумановски медал

Според резултатот што нашиот сограѓанин Реџеп Реџеповски го постигна во 1984 година, кога како учесник на Летните олимписки игри во Лос Анѓелес, го освои сребрениот медал во категоријата „мува“, тој дефинитивно остана нашиот најуспешен спортист на сите времиња.

Меѓутоа, Реџеповски таа 1984 г., на своја 22 годишна возраст, до овој успех не стигна толку лесно, бидејки пред тоа до пласман во финалето мораше да победи дури шестмина боксери во својата мува категорија (за боксери до 51 кг), за да најпосле во финалето во кое што противник му беше домашниот американски боксер, Стив Мекрори, на поени загуби многу тесно, со што на крајот го освои сребрениот медал, при тоа постигнувајќи го најголемиот успех во историјата на кумановскиот спорт.

Инаку, тој за прв пат како боксер настапил на својата 17 годишна возраст како член на БК Куманово каде што прв тренер во тоа време му бил познатиот боксерски тренер, Мирослав Петровиќ, од кого што тој ги научил тајните и вештините на боксот, за да потоа прерасне во познат, врвен и многу квалитетен боксер.

Luxury Catering Service

Во својата боксерска кариера Реџеп Реџеповски настапил на вкупно 426 мечеви на кои што извојувал дури 424 победи и доживеал само 2 порази, со што постигнал огромен успех и резултати за почит, рамни на многу врвни европски и светски боксери од тоа време.

Кога сме кај победите на Реџеповски, тука постои еден многу важен детал, а тоа е дека од вкупниот број на неговите победи, 424, дури повеќе од 300 се постигнати по прекин и фрлање на крпата од страна на противничкиот агол и тоа најчесто во првата или втората рунда за што пак, од друга страна, гледачите на неговите мечеви многу му се лутеа оти пред време ги завршуваше мечевите, ускратувајќи им ја можноста што подолго време да уживаат во неговите боксерски вештини.

За неговите извовредни настапи, но пред сè за неговата искучителна техника на боксување, еден од нашите најпознати македонски боксерски коментатори, Зоран Михајлов, јавно искоментирал дека тој како боксер е брз како оса, а техничар како пеперутка и дека според него како спортски коментатор тоа била причината за така успешна боксерска кариера.

Освен својот најголем успех, сребрениот олимпски медал од Лос Анѓелес, има освоено и многу други титули како што се: шампион на Македонија и на Југославија во папир категорија и тоа на своја 17 годишна вредност, шампион на Медитеранот, како и првак на неколку многу силни и во тоа време многу популарни ревијални боксерски турнири: Златна ракавица во Крагуевац (два пати) и Златен гонг во Скопје (два пати), како и на боксерскиот турнир Белградски победник каде што 1982 г. ја зема наградата за најмлад боксер – учесник на турнирот.

Освен овие официјални трофеи и титули, Реџеповски во својата кариера има освоено и безброј други вредни награди во вид на пехари, признанија и благодарници што денеска ги красат витрините во неговиот стан, како спомен на време во кое го дал својот огромен придонес за афирмација на спортот, за што државата и го награди со доживотна државна пензија. За жал, таа му беше доделена со „мало“ задоцнување од неколку години, а за неговиот сребрен олимписки медал од страна на општината наместо да биде соодветно и пристојно награден спрема своите заслуги, тој како награда доби само двособен стан под кирија.

Денеска, нашиот сограѓанин Реџеп Реџеповски живее мирен семеен живот, тагувајќи по своите деца и седумте внучиња кои живеат во Германија кои не ги гледа толку често колку што би сакал. А, што се однесува до неговиот омилен спорт – боксот, и покрај неговиот потенцијал и знаење за него, во моментот нема никаков ангажман ниту во родниот град Куманово, ниту пак во БФМ, поради што се чувствува разочаран, заборавен и неоправдано тргнат на страна.  Реџеп смета дека во боксерската федерација на Македонија треба да има повеќе место за поранешните искусни и докажани боксери кои со своето огромно боксерско знаење и искуство можат да дадат голем придонес  за иднината и напредокот на македонскиот бокс.

Т.Д.