Почетна СТАРО КУМАНОВО Романовски сокак – нашето несудено шеталиште

Романовски сокак – нашето несудено шеталиште

Еден од главните белези на кумановската архитектура – Романовскиот сокак, долги години е во план на градската администрација да се претвори во шеталиште. Засега е едносмерна улица, што баш и не се многу почитува сообраќајно. Здравје, ќе биде!

Куманово, како населба со далечно минато, на оваа локација егзистира повеќе од пет века.

Како последица на многуте миграциони движења кои го зафатиле кумановскиот крај во почетокот на XIX век и кои воглавном биле насочени кон градот Куманово, довело до зголемување на бројот на населението, до просторно уредување на градот и оформување на неговите улици, плоштади и сл. Всушност, во XIX век се пробиени и трасирани главните улици и сокаци во Куманово, од кои најголем број постојат и денес.

Luxury Catering Service

Во тој временски период биле трасирани: Нагоричкиот сокак, Проевскиот сокак, Велешкиот сокак, Романовскиот сокак итн.

Ако Нагоричкиот сокак името го добил по селаните од селата Старо и Младо Нагоричане, кои при доаѓањето на пазар во Куманово морале да поминат низ него; ако Велешкиот сокак (денешна ул. „Народна револуција“) името го добил по велешките трговци, кои исто така при доаѓање на пазар во Куманово тука морале да поминат и почнале и да се населуваат, тогаш Романовскиот сокак името го добил по селото Романовце, бидејќи трасата водела кон ова село, или луѓето во градот доаѓале од ова село. Ист пример е и за Проевскиот сокак.

Романовскиот сокак, денешна ул. „Илинденска“, во меѓувоениот период во Кралството Југославија уште нарекувана и како улица „Војводе Путника“, започнувал од куќите и дуќаните на Мане С. Чевробенски, а на местото на денешниот комплекс „Гарнизон“ постоеле дуќани, сопственост на Гркот Нуша. Ги издавал под кирија на ковачите Евреи- Јусе и Соломон, а подоцна на ковачите Крсто Миниќ и Душан Давидовиќ. Тука Нушо имал и куќа во која во 1915 г. живеел лекарот Душан Пчелиќ. (П. Трајковски, 1997).

Инаку, Мане С. Чевробенски (1864-1958), бил еден од првите членови на Организацијата во Кумановскиот крај, по занает трговец на жито и кожи. Тој е илинденец и е учесник во многуте организирани акции од Месната организација на ВМРО. За време на Илинденското востание, Мане Чевробенски од страна на месната организација бил оставен во градот, со задача да собира оружје, муниција и облека за востаниците, за префрлување на пакети со храна и пошта и дознавање акции што ги превземала турската власт. Истовремено, Мане Чевробенски, кого кумановчани го викале Благо-Мане, организирал чести состаноци со напредни илинденци од Куманово и кумановските села, како на пример со Панзо Соколов, Петко Стојановски, Боше и други. Состаноците ги држеле во Навков Ан каде ги претресувале прашањата за активноста на месната организација и за поедини акции на вооружените чети. Наеднаш во куќата на Мане Чевробенски почнал да престојува дел од вооружените чети и поединци, а честопати се криееле оружје и пошта.

Починал во 1958 година, на 94 годишна возраст.

На ќошето, спроти зградата на Чевробенци, се наоѓала куќата на Борис Христовски – Вардарбанка, во која подоцна имал кафеана, а најдолго ја држел Перо Лазаревски – Шајче. Тука имало и чешма, ја викале Таскина. Во една од куќите на Нушо била сместена еврејска црква. Лево се куќите на Наско Михајловски – Брада, Борис Златнозупче, Стојко и Ефрем Соларски. Инаку, двете куќи на браќата Стојко и Ефрем Соларски, изградени 1903 година, на кат, од цврст материјал, постојат и денеска, и беа најава на едно ново Куманово во сферата на станбеното градење.

Според Д. Масевски (2016), Ефрем Соларски бил угледен манифактурист и трговец, а во негова сопственост бил и познатиот Соларски Ан. Анот како мираз Ефрем го добил од својата сопруга Тана, ќерка на еден виден и богат кумановец. Може слободно да се каже дека Анот бил вистинска атракција во градот. Во својот состав имал кафеана и ашчилница, а гости се слевале од Куманово и другите околни градови. Овој модерн Ан постоел извесен период и по Втората светска војна, а по 1932 г, се среќава како Хотел „Солун“.

Потоа следуваа куќите на Денко Прекодолка, Тодор Паневски – Американец, на Гиго и Ино Белогрлци, на Санде Кокошчев, Георги Малински, а на оваа улица живееле уште и семејствата Отљанци, Ковачеви, Шеркови, Бумбулци, кои покрај куќата, имале и фурна, а пред неа чешма.

Кога сме кај семејството Паневски, нивната куќа на Романовскиот сокак била изградена некаде во 1925 година и, со куќата на браќата Соларски, го сочинуваат оваа интересна архитектонска низа.

Во неа денес живеат членовите на помладата генерација на семејството Паневски. Необичен и возбудлив е животниот пат на ова бројно семејство. Дедото Пано, по занимање брашнар, бил роден во Велес, каде поседувал брашнарски дуќан. Неговата сопруга Тима, од Башино Село, му изродила вкупно седум деца: Јордан, Киро, Тодор, Георги, Ванчо, Викторија и Марионка. Пано починал рано, оставајќи ја Тимка со малолетните деца.

Во тие тешки мигови, синовите одлучиле да заминат на печалба во многу посакуваната тогаш Јужна Америка. Најстариот од нив, Јордан, на 16 годишна возраст прв запливал во печалбарските води заминувајќи во Аргентина, а потоа во Бразил, во провинцијата Мато Гросо. Се жени со Марија, родена во Бразил. Во 1927 година, Јордан веќе збогатен се враќа со семејството во Куманово и се населува во купената куќа на Романовски сокак. Меѓутоа, по десетина години одново се отселил во Бразил. Во меѓувреме и неговите помлади браќа Киро, Георги и Ванчо исто така заминуваат за Бразил. Киро и Георги се занимаваат со трговија, отворајќи продажен простор за колонијална стока.

Киро останал засекогаш во Бразил, додека Георги се вратил да живее во Софија. Најмадиот Ванчо засекогаш останал да работи и живее во бразилскиот град Сао Паоло. Од вкупно петмината браќа, Тодор бил единствениот што останал да живее во Куманово. Работел како житен трговец и ортак во Манушевиот млин “Жеглигово”. За својата брачна сопатничка ја избрал Драга, ќерка на кумановскиот индустријалец и трговец Милан Крстиќ. (Арсовски, 2008).

Понатаму, во близина на денешниот зелен пазар, се наоѓаа куќите на Ване Анастасовски – Брале, Гмурчеви, на Спасо Фурнаџијата и некои други.

Од старите градски семејства треба да ги спомнеме Прокопиеви, на Владо Бејтов, Димко Тасевски – Штипјанец, Овчарпеткови, Младен и Саво Протиќ, учителот Ангелко Ристиќ, Трајан Митев, Зијо Кмет, Косиљаци, Пачемци, Ѓорѓи Јосифовски – Бамбалце, Коне Стоилковски, Санко Бајловски, поп Јован Поповски, Спасо Мицев, Благој, Тасо и Петко Јовчевски, Дуткини, Стојан Аџиспасов, Трајко Серафимовски – Гочко, Коста Цивковиќ, Заневи, Дојчинови, Поп-Михајлови, Хаџи-Зафирови, Јован и Ристо Мурговиќ, Ѓорѓе Хаџипоповиќ, Марко Цериќ и други. (П. Трајковски, 1997).

Инаку, денешниот назив на улицата Илинденска е даден по војната, каде дел од градот кој можеше да прерасне во нешто друго, ја изгуби првобитната врска со романовскиот крај откако беше пробиен преминот кон булеварот „Трета МУБ“.

Користена литература:

Наш весник бр.422 и 423, Четврток 1 август 1974 година, стр. 10.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.

Д. Масевски & М. Арсовски – Болто  – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.

М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).

Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.

Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.

Р.П.