Почетна КОЛУМНИ Скандинавска среќа

Скандинавска среќа

Среќата на Скандинавците: вистина или само занимливост за утринската програма на телевизиите

 

Во последниве години редовно имаме информации во медиумите за анкети што ја мерат среќата на нациите. И редовно на врвот на листата на најсреќни се луѓето во скандинавските држави: претходно Данска, во последнава година Финска, а и Шведска, Норвешка и Исланд се секогаш меѓу првите неколку.

Од моментот кога слушнав за ваквите анкети ми се постави прашањето: како е можно цел народ да се прогласи за среќен, па дури и најсреќен, како се мери тоа? Објаснувањето гласи – има критериуми и се прават анализи, односно се собираат поени според тие критериуми. Ова значи дека основата на истражувањето е повеќе математичка отколку емотивна, а среќата е доминантно емотивна категорија.

Luxury Catering Service

До слична дилема дошол и еден англиски новинар, кој решил да ги посети скандинавските земји за да се обиде да открие во што е тајната на нивната среќа. Пред неколку дена ја гледав емисијата во која ги прикажа разговорите што ги снимил таму, изнесувајќи ги своите заклучоци.

Дефинитивно, не се работи за среќа од која се скока во воздух и се гушка секој што е до тебе, туку за „критериуми“, односно математичка анализа на општествата. Суштина на скандинавската среќа е тоа што луѓето таму живеат во средени држави: висок животен стандард, одлична работа на јавните служби, бесплатно образование, квалитетно здравство, ниско ниво на корупција, доверба во правосудниот систем, квалитетна инфраструктура, релативно предвидлива иднина…Сето ова е јасно и секако дека сите овие и уште многу други нешта во истиот контекст суштински придонесуваат за среќата на народот.

Но…Мене тука ми се јавува едно големо „но“, поврзано со она што го споменав претходно: среќата, сепак, не е математика, туку емоција. Иво Андриќ има напишано: „Ако не боли – не е живот, ако не поминува – не е среќа“. Со други зборови: не може да бидеш среќен цело време, 24 часа во денот, седум дена во неделата, 365 дена во годината. Како ќе знаеш дека си среќен ако нешто што ти е убаво не отстапува од редовните случувања во животот? Кога нешто немаш, па ќе го добиеш, јасно дека таа добивка ти носи среќа. На пример, си живеел во несредена држава, па си се преселил во средена, или твојата почнала драстично да се менува, секако дека тогаш ќе бидеш среќен. Некое време, а потоа тоа ќе ти стане нормално, и веќе нема да те возбудува како што те возбудувало на почетокот. Ако неколку години живееш во средина каде улиците се чисти и без дупки, зеленилото е одржувано, јавниот сообраќај е ефикасен, а сообраќајните правила се почитуваат, тоа веќе не го доживуваш како „светско чудо“, и сѐ повеќе мислиш: „А, како поинаку?“. Се сеќавам, на почетокот на мојата новинарска кариера еден стар новинар ми кажуваше како изгледало вадењето пасоши во 50-тите години, кога Југославија почнала да се отвора кон надворешниот свет. „Со голем страв одев да го поднесам барањето, бидејќи од волјата на службеникот таму зависеше дали ќе добијам патна исправа или не. Десетина години подоцна, само ги предавав документите и чекав тој да си ја одработи својата службена работа и мене да ми го даде пасошот по одреден број денови. Веќе не чувствував дека мојата судбина зависи од него“. Стариов новинар многу поголема среќа за добиениот пасош чувствувал во 50-тите, кога со страв го поднесувал барањето, отколку подоцна, кога не ни размислувал дека тоа барање може да му биде одбиено. Верувам дека ми ја сфаќате поентата.

А главната поента ми е дека ваквите анкети, во суштина се слични на она што познатиот хуморист Џон Оливер го кажа за голем дел од „науката“ што денес се презентира во медиумите: „Најчесто тоа е на ниво на занимливости за утринската програма на телевизиите“. Желни за внимание, финансиери на нивните проекти и подобри услови за работа, не мал број научници своите „научни истражувања“ ги презентираат во јавноста уште на самиот почеток, кога има само назнаки за некое евентуално значајно откритие (или нема ни толку), и таквите истражувања навистина во таа фаза најчесто се на ниво на занимливости. Мислам дека така е и со „најсреќните народи на светот“ („најинтелигентните“, „најталентираните“ итн).

За крај, ќе ви дадам два примери за тоа колку е среќата, особено на национално ниво, релативна категорија. Во годините кога беа прогласувани за најсреќна нација на светот, Данците беа и едни од најголемите корисници на антидепресиви. Значи, во исто време и среќни и депресивни!? Во последнава година први на листата на среќни нации се Финците, а во еден многу сериозно направен телевизиски прилог на „Дојче веле“ беше изнесено дека во Финска има 40.000 тешки зависници од хероин (на пет милиони жители), повеќекратни повратници на лечење од зависноста. Процентуално гледано, според бројот на населението, тоа е повеќе отколку што ги има во Македонија. Кај нас не постои толку прецизна статистика како таму, но некои проценки велат дека овде има околу 10.000 зависници. Дури и да имаме 15.000, што би бил процентуален пандан на финската состојба, сепак не би требало да е сосема исто, бидејќи нели ние сме „параспур држава, со едни од најнесреќните луѓе, меѓу најглупавите во Европа, со просечен IQ од 82…“ итн итн.

Не дека некои од овие работи не се точни, но ни глорифицирањето на некои народи не се поклопува сосема со вистината. Всушност, мислам дека станува збор за самодоверба и за односот кон себе. „Среќата“ на Скандинавците се базира на нивната увереност дека се најдобри, и од тој момент произлегува дека се најсреќни. Прво се убедуваат себеси во тоа, а ако си доволно убеден ти самиот, по некое време ќе ги убедиш и другите. Особено ако се работи за тема, која е на ниво на „занимливост за утринската програма на телевизиите“.

Миодраг Мишолиќ