Кумановските тврдини пред Овче Поле
Регионот на Куманово отсекогаш претставувал важна природна крстосница и точка која ги конектирала северот и југот. Дури и денес, ако се погледнат модерните автопати што водат кон Грција, кај Куманово се дели таа северна трансверзала – па така, од Србија, едниот крак од Куманово води кон Скопје (античко Скупи) или кон Стоби, а другиот крак води кон Свети Николе, и оттука, кон античките градови кај Штип, Радовиш и Струмица. Особено е интересна контролата на патот што водел кон Овче Поле, каде што во минатото се наоѓал богатиот антички град кај с. Кнежје (за кој се претпоставува дека е најголемиот пајонски град Билазора), а преку оваа населба, лесно можеле да се освојуваат и сите појужни населби, и тоа и кон Виница, и кон Штип, и кон Велес и Стоби. Конекцијата со Овче Поле преку нашиот регион била и сè уште е преку преминот Кампур, па така, патот од денешното село Орашац, па сè до селото Градиште, претставувал своевидна „Железна врата“ , и јасно е дека оној кој ја контролирал оваа делница, ја контролирал и судбината на сите појужни градови, сè до Демир Капија. Па сепак, и понатаму изненадува големиот број на тврдини што биле изградени на овие десетина километри, за коишто ние денес скоро и да не знаеме дека постојат, и не сме свесни за туристичкиот потенцијал што го нудат.
Имено, источно од Орашац, на ридот Црквен рид, над црквата Св. Никола, се наоѓала моќна тврдина со кула на јужната страна. Оваа тврдина, која имала и внатрешен бедем, несомнено е од доцното римско доба, но не знаеме дали постоела и постара тврдина на ова место. Извонредната контрола и визуелната комуникација со сите околни ридови, ја прави една од централните тврдини во кумановско, и заслужува особено внимание за идните истражувачи. Особено изненадува густината на локалитетите во полињата источно од тврдината, сè до селото Скачковце. Тоа значи дека главната населба, која очигледно била голема, се наоѓала покрај патот, а тврдината служела за одбрана и набљудување . Дури и денешната црква св. Јован, која припаѓа на Скачковце, е дел од таа доцно римска населба, и во дворот може да се забележат повеќе остатоци од античкиот период.
Од спротивната, источна страна на античкиот пат, како пандан на орашачката тврдина, се наоѓа најинтересниот одбранбен систем во околината. Непосредно над селото Мургаш, скоро на секој врв од ридовите, била изградена тврдина. Така, од северната страна се наоѓа Мургашкото Градиште, кое претставувало помало утврдување и од каде што се набљудувал целиот кумановски регион – оттука се гледа подрачјето од Скопска Црна Гора, па сè до Овче Поле. Југоисточно од Градиште – Мургаш, се наоѓа многу поголемата и подобро утврдена Мургашка Кула. Овој долг и маракантен рид опстојувал долго време како тврдина – на него е наоѓан материјал од праисторијата па до средниот век. Јужно од кулата, се наоѓа ридот Липец, кој исто така претставува добро укрепена тврдина, со двоен ѕид. На Липец, претежно се наоѓа раноантички материјал, како и материјал од времето на Пајонците и македонското кралство. Немаме податоци до кога оваа тврдина била во употреба.
Првиот повисок рид јужно од Липец, исто така бил искористен за градење на тврдина – ридот Градиште, кој се наоѓа над Кутлибег, а припаѓа на Пезово, претставувал помала доцно римска тврдина со голема видливост над регионот. Многу поголема и поважна била пезовската тврдина Вукасија, сместена на шилестиот врв веднаш до денешниот пат кон Св. Николе. Како и кај Орашац, и тука населбите биле покрај полињата и пониските делови од ридот, а највисокиот дел се користел за одбранбени цели.
Системот на тврдини од источниот дел од патот кон Свети Николе завршувал со утврдувањето на Бабин Град, над Кокошиње. Скоро целосно непозната во науката, од оваа тврдина уште се видливи камените остатоци, како и ѕидови од градбите, внатре во тврдината.
И ако од источната страна постоеле најмалку 6 тврдини поставени во само 10 километри, од западната страна на патот, покрај тврдината кај Орашац, постоела уште само една тврдина. Се работи за утврдувањето на ридот Градишки Врв, с. Градиште. Оваа силна тврдина знаеме дека имала и постари остатоци, од предисторискиот период, но и од времето на македонското кралство. Сепак, денешните едвај видливи ѕидови се од доцнорисмкиот и средновековниот период, а такви се и наодите од скромните археолошки истражувања кои се изведени при поставување на антените на врвот. Но, големината на оваа тврдина јасно зборува за важноста што таа ја имала, како последна точка од контролата на преминот што водел кон Овче Поле. Според истражувачите, тука можеби бил античкиот град Анаусаро, кој е наведен на Појтингеровата мапа, на делницата Скупи – Стоби.
Поминувајќи го Градишки Врв, пред нас се простираат плодните полиња на Овче Поле, но, во антиката, преку системот на кумановските тврдини, овој пат бил извонредно добро обезбеден и тешко можел да се пробие системот на тврдини. На само 10 км долгата рута од Орашац до Градиште, биле поставени најмалку 8 тврдини, од кои најголемиот дел фукционирале истовремено. Најсилни биле Кула – Орашац, Градишки Врв – Градиште, Кула – Мургаш и Вукосија – Пезово. Сите овие тврдини може да се истражат, конзервираат и презентираат за туристички цели. А до тогаш, лесно може да одговараме на прашањето кое често ни го поставуваат и странските и домашните туристи – „Зошто во Западна Европа има толку многу тврдини, а всушност ги нема?“
– Затоа што воопшто не се грижиме за нашите и не ни знаеме дека постојат, ете затоа.
Дејан Ѓорѓиевски, археолог