Ивана Аткинс
Кога професионално се прави анкета, без разлика за колкав број на испитаници станува збор, многу е важно најпрвин да се дефинира целта на таа анкета. Кога Фондацијата за култура и спорт истапи со вакво испитување на јавното мислење кај кумановци за тоа кој би настапил на „мега концертот“ по повод 505 годишнината на градот, беше безмалку симпатично што конечно ни се дава шанса да учествуваме во изборот на „нашата забава“. Многу е дискутабилно дали и колку се забавуваме на такви настани, но тоа е сосема друга тема за „гласачите“ и тука сигурно треба да се спроведуваат многу анкети за да се дојде до некакво сознание. Исто така, кога е во прашање една јавна анкета, важно е и да не се наведува испитаникот да гласа за евентуалниот фаворит, како и да се избегне матрицата на очекуваните одговори затоа што не се опфатило население од сите возрасти, образовни и културолошки структури и многу други фактори што ќе гарантираат фер пристап на самото анкетирање.
Нашата фондација за култура и спорт си пукаше во сопствената нога. Во анкетата што ја спроведе на својот фејсбук профил понуди имиња од шоу бизнисот кои, се разбира, дека ја „запалија“ кумановската јавност само поради едно име – Јелена Карлеуша. Фондацијата како да ја стави пред нас онаа некорисна и никогаш употреблива „кутија со предлози“ што често ја гледаме во некои институции и синџири за брза храна, а која најверојатно е полна со пајаци, наместо со конкретни идеи и сугестии. Секако, тоа беше „испитување на пулсот“ за „шведската маса“ со полу-голата Србијанка како ѕвезда на вечерта. Арно ама, никој не ни ни ветуваше празничен оброк со ѕвезда на „Мишелин“, зар не? Понудата од фондацијата беше аматерски и пристрасно направена уште пред да ни застане кнедла во грлото. Барем на оние кои слушаат добра музика.
Анкетата да биде уште поголемо фијаско, најмногу гласови доби жената која се нарекува борец за човекови права, особено на ЛГБТ заедницата, жена која мисли дека е подобра од Бијонсе во сценските настапи, жена не змеј, туку емитер на продуховени стихови за змичиња кои се поистоветуваат со неа:
Voli te, voli te, zena zmija voli te
voli te, voli te, zena zmija voli te
bor bez borovnice, djavo bez djavolice
ni ti vise ne mozes bez zmije otrovnice.
Ниту дознавме на колкав примерок се вршела анкетата, ниту колку всушност луѓе гласале за „змијата“. Народот се прогласи за хејтерски, бидејќи не ги почитува правата на нејзините обожаватели. А, многу е важно да се знае, на пример, доколку вкупен број на „гласачи“ бил 1.000 граѓани и ако, да речеме, од нив 650 гласале за Јеца. Би воздивнале барем сите рокери затоа што 650 души е навистина мал процент на луѓе кои имаат ужасен музички вкус. Но, тука сега се поставува едно друго прашање: како тоа одеднаш, пу-пу не се важи што имавме анкета и нам навистина не ни беше важно што вие мислите – а тоа се случи кога дознавме (ние, новинарите, на вибер група) кој е конечно „испазарен“ за настап на празничната вечер. Ни „Ј“ од Јелена, ни „К“ од кумановските анкетирани. Фондацијата како мало дете фатено како краде бонбони низ градот ја врти истата плоча со години наназад: „Ние правиме најдобро што можеме! Вие сите само хејтате!“. Ај што нема никаква основа за нивното постоење, ај што никогаш немале профилирано вкус за музички гости, ај што не им успеало да се поврзат со публиката која тоа го има или разбира, па уште и се дрзнуваат да прават анкети што се бесмислени ако се суди по произведениот број на „хејтери“ по глава на жител.
„Спектаклите“ кои ни ги приредуваат непогрешливо, за секоја годишнина од ослободување, постоење, нечие владеење…е како да сме им нарачале Ламборгини, а тие ни велат: „Извинете, еве 20 велосипеди. Толку можевме. Треба да бидете благодарни и за тоа!“.
Овој град отсекогаш имал чудни методи на јавно ангажирање. Секторот за култура и спорт при Општина Куманово е како некој чир во сите овие организациски, величенствени, мега, ултра и гига настани. Пардон, или тоа сепак е фондацијата која како некој паралелен орган служи да ги „оправда“ парите добиени од Министерствата и Општината за да нè прогласува секоја година за хејтери?
Треба многу да сме поангажирани и ние „хејтерите“. Сме се препуштиле на Горила да ни обелоденува нечии статути , акти за основање, јавни набавки, доделени и распределени средства и само „хејтаме“. Не мрдаме со газот, да ми прости ЛГБТ заедницата, да проверуваме, да пишуваме, да читаме, да дебатираме, да прашуваме каде се парите.
Па, драги наши, тогаш во сето тоа можеби и најневажно е дали ќе ѕирнеме во меѓуножјето на Карлеуша или во каков фустан Тамара ќе прескокне цела строфа од химната. И не заборавајте, на 10 ноември 2024 година доаѓа човекот чии стихови се исто така незаборавни: пуши, пуши, пушиме, гајле си немаме, пуши цела нација со гаранција! Пуши и ќути, за 32.000 евра. Акциска распродажба на културата, кумановски „блек фрајдеј“ на „cancel culture“.
Аирлија, догодина во анкетниот лист да си ја заокружиме пак „змијата“, а да ни дојде Дарио сосе Миг 21 и да хејтаме сите едногласно. Само што попрво?