Почетна СТЕТОСКОП Во светот на бајките

Во светот на бајките

Зошто е важно да им читаме бајки на децата?

stetoskop

Отсекогаш ме фасцинирале приказните. Научив да читам на 4 години, за да можам што повеќе да другарувам со книгите. Првин се криев под масата во ходникот, а подоцна кога малку потпораснав, се сеќавам дека имавме зелен кауч, од оние на кои мораше да им се крене седалниот дел, под кој се чуваа разни ќебиња и перници, за да може да се повлече другиот дел и да се спушти. Е, па јас кога потпораснав, го кревав седалниот дел и преку него распостелував чаршав и така скриена, во мојата кауч-куќичка читав приказни по цел ден.

И ден денес читам приказни, а оној дел со примена на метафори во терапија и бајко-терапија ми е омилен и често го применувам во психотераписката пракса.

Luxury Catering Service

Имам две ќерки, ги пораснав и сè уште ги растам со бајки.

А, зошто е важно да им раскажуваме бајки на нашите деца?

Заради поуките, а истражувачите на бајки тоа го нарекуваат „етика“ во бајките.

Етика во бајките

Етиката во бајките не е прост збор од обични морални правила и универзални вредности. Во проучување на бајката, секогаш мора да го земеме предвид и контекстот од каде доаѓа бајката. Со оглед на тоа дека бајките се темелат на усмените преданија, многу од нив во себе содржат порака својствена за подрачјето од каде што доаѓаат. Во германските бајки нагласена е послушноста на слугата спрема господарот, а во руската бајка се забележува религиско влијание.

Новите семиотичари и истражувачи се обидуваат да создадат систем на етички правила. Според руските семиотичари, правилата на однесување за јунакот се следните:

–        Задолжително е да се биде добар спрема дарителите, животните и старите; треба да се избере најнеугледен предмет, најопасен пат, односно да се избере најлошата опција;

–        Кога е запрашан, јунакот мора да даде информација или да одговори;

–        Собирањето информации е секогаш корисно;

–        Ако дарителот бара од јунакот да изврши некоја акција, тогаш таа мора да биде извршена и да води кон позитивен резултат;

–        Слично на тоа, ако дарителот забрани некоја акција, јунакот мора да се покори и тоа води кон позитивност, а непокорувањето кон негативност;

–        Спрема противникот мора да покаже одлучност;

–        Ако противникот го поттикнува јунакот на некоја акција, тој мора да одбие;

–        Ако јунакот не се бори со противникот, туку исполнува тешки задачи, честопати мора да го скрие својот идентитет.

Анилизирајќи ги руските бајки, Возин вели дека јунакот мора да:

–        Ги преврти неочекуваните околности во предности;

–        Постапува брзо во дадената ситуација;

–        Остане буден и да го избегнува сонот во тек на патувањето;

–        Да ги слуша инструкциите на сите кои му помагаат и да ги почитува;

–        Да ги разбере законите во царството и да ги почитува;

–        Да не ја изгуби желбата и покрај потешкотиите;

–        Да биде бестрашен во сите ситуации;

–        Да го избере вистинскиот пат и да не ја избегнува смртната опасност и

–        Да биде спремен да поднесе иницијација во сите нејзини облици и сознанието да го чува како тајна.

Марк Лити не прави список, туку нагласува дека во различни бајки различно се оценуваат особините, како што се скржавост, мрзливост, сожалување. Тоа, според него, докажува дека бајката е жива, а не историска.

Марија Татар, анализирајќи ги бајките кои произлегуваат од перото на браќата Грим и Перо, изведува неколку заклучоци. Доблести (особини) на машките ликови се милосрдие и скромност, а на женските спремност за служење и работливост. Основен грев на децата е нивната палавост. Женски гревови се: гордоста, алчноста, мрзливоста, љубопитноста, непослушноста и тврдоглавоста.

Општо земено, дуалноста е најприсутна во бајките. Доброто и Злото се шематизирани и секогаш две крајности. Ова одговара на чисто наивно размислување, детско или примитивно. Детето размислува: „ Она што е добро за мене е Добро воопшто и она што е лошо за мене е Лошо воопшто“. Во бајката светот се врти околу јунакот, како што и детето кое во овој период размислува егоцентрично, смета дека светот почнува од него. На овој начин размислувал и примитивниот човек.

Во бајката преовладува примитивна моралност, устројството на светот е такво, што доброто секогаш победува, а злото потполно се уништува.

На крајот секогаш постои награда за јунакот. Правдата е секогаш задоволена.

Бајката набљудувана феноменолошки и целосно, дава слика на еден среден, идеален свет, во кој правдата и доброто секогаш победуваат, а јунакот ја добива својата награда, по што станува среќен. Во бајката нема компромис со она што се доживува како зло и неправда.

На овој начин таа пренесува религиска и филозофска идеја, но не по пат на обичен исказ, туку низ слики, патешествија и симболи.

За психолошкото влијание на бајките врз развојот на децата и аналитички толкувања на некои од најпознатите бајки, ќе зборуваме во следните текстови.

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, Европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер