Почетна СТАРО КУМАНОВО Куќата на Тома Глигоријевиќ – бисер на старо Куманово

Куќата на Тома Глигоријевиќ – бисер на старо Куманово

Ако ги разгледуваме старите разгледници за нашиот град Куманово, може да забележиме дека постојат голем број интересни фотографии од оној меѓувоен период, направени од познатите издавачи на разгледници од тоа време. Една таква интересна фотографија, што ми побуди интерес да приредам статија, е фотографијата на Турчинот Муртез Лимани, кој на времето бил еден од најпознатите трафиканти за продажба на цигари и весници, со дуќани во строгиот центар на градот, на влезот кај Соларскиот ан.

Неговата интересна фотографија се однесува на улицата „Шумадијска“, една од најпрометните улици во Куманово за време на Кралството Југославија. Во предниот дел на разгледницата се наоѓа семејната куќа на Тома Глигоријевиќ, а тоа е повод во продолжението да кажеме нешто повеќе за споменатиот Глигоријевиќ.

Сл. 1 Семејната куќа на Т. Глигоројевиќ и ред на старите т.н. грчки куќи

Кој е тогаш Тома Глигоријевиќ ?

Тома Глигоријевиќ бил роден во 1883 година.  Бил учесник на Солунскиот фронт во Првата светска војна и е носител на Албанската споменица.

Luxury Catering Service
Сл.2 Тома Глигоријевиќ (1883-1949)

Поради тоа, го имал прекарот „Солунец“.  Бил богат, имал книжарница и прв во Куманово набавил комплетна печатница. Бил издавач на разгледници со мотиви на Куманово од времето на Кралството Југославија. Мотивите му биле улици, одделни згради, личности, мотиви од природа и друго. Продавал книжарски стоки, во печатница печател обрасци и други материјали.

Тома Глигоријевиќ споменатите разгледници ги печател во Уметничкиот завод „Графика“ во Нови Сад, во техника колор – литографија, со содржина на прославите по повод значајни настани од историскиото минато.

Кумановци секогаш покажувале интерес и имале талент за музика. Kон крајот на XIX в. Георги Малински формира градски хор. Во 1907 г. во градот е формирана прва во неговата историја блех-музика. Свиреле надарени за музиката наши граѓани, меѓу кои и Тома Глигоријевиќ.

Тома Глигориејвиќ со сопругата Јулијана Калчева, која била од богато влашко семејство, и синовите Драгомир, Петар-Фирго и Бранко, живеел во куќата од спротива на Занаетчискиот дом, на ул. „Шумадијска“ (Нова Југославија), инаку изградена во 1926 година, која постои и денес.

Во неа денеска се наоѓа познатата менувачница „Берза“.

Инаку, Јула Глигоријевиќ (моминско Калчева), во меѓувоениот период била и претседателка на „Коло српских сестара“ во Куманово.

Таа, после осветувањето на Соколскиот дом во Куманово, на 6 септември 1931 година, на кумановското соколско друштво му предала убава соколска застава, одржувајќи еден долг говор.

Кога сме кај куќата, треба да се напомене дека тоа бил еден од првите објекти во Куманово на рускиот инженер Владимир Антонов. Во приземниот дел на куќата се наоѓала книжарницата, а во подрумскиот простор печатницата, која била снабдена со модерни машини за печатење „Флак“ и „Тигл“, како и со слагачница, (Арсовски, 2005). Во неговата печатница работеле работници, а прв стручен мајстор бил Миле Исаиловски од Скопје.

Сл. 3 Источната фасада на куќата на Т. Глигоријевиќ

Подоцна типографскиот занает го изучувале и Бока Стефановски, Зоре Бошковски-Пужаљка, Јордан Зафировски, Ацо Пенка и синот на Тома, Драги. Во текот на НОВ, дел од печатарските машини од оваа печатница биле пренесени на слободната партизанска територија, кајшто биле печатени материјалите за потребите на НОБ и партизанските единици. Машините биле транспортирани со воловски коли, денски, а со операцијата раководел Киро Андоновски – Кобасичар. По ослободувањето, работниците со сиот печатарски инвентар на Томовата Печатница станале основачи на Печатницата „Просвета“ во Куманово.

Што се однесува до политичкиот ангажман, Тома Глигоријевиќ извесно време бил претседател на Општина Куманово, во три мандати. Бил познат надвор од Куманово, а ценет во градот, најповеќе поради неговиот добар карактер и пријателскиот однос кон сите луѓе. Првпат станал претседател на општината по донесување на Законот за заштита на државата, некаде есента 1921 г., кога бил назначен на местото на легално избраниот комунистички претседател, Коста Дајлев.

Вториот мандат му траел од 20 август 1926 г. до 9 февруари 1929 г., додека по трет пат бил назначен од Банот на Кралската банска управа на Вардарска Бановина, на 28 март 1935 и претседателствувал до 16 март 1936 година. За неговите мандати, во ноември 1926 г. целосно е завршена и пуштена во употреба првата електрична централа и електричната мрежа во градот, согласно договорот за концесија од јули истата година помеѓу општината Куманово и лесковачкиот индустријалец Живко Стоиљковиќ, (Масевски, 2005).

Инаку, Тома Глигоријевиќ, во Кралството Југославија, имал големи симпатии кон династијата Караѓорѓевиќ.

Еве и една интересна случка, поврзана со кумановскиот шегобиец, Борис Христовски – Љушка и семејството Глигоријевиќ, што во продолжение ја пренесуваме од книгата „Старо Куманово“ на П. Трајковски.

Тој бил шивач, неговиот дуќан се наоѓал каде што сега се наоѓа големиот деловно-станбен комплекс, веднаш до Централна Кооперативна Банка. Борис бил интелигентен, духовит, имал богат речник, добро раскажувал, а бил и талентиран комичар.

Сл.4 Семејната куќа на Т. Глигоријевиќ во 2007 година

„Тој беше комшија и пријател со семејството на Јуле и Тома Глигоријевиќ. Тома беше пријатен и разбран човек, имаше многу пријатели и познати, а во градот уживаше голем авторитет. Неговата сопруга Јуле, по природа весела, слободна во однесувањето со луѓето, сакаше да се весели, да лумпува, да крши чаши и чинии, имаше смелост на некоја свадба или банкет да се качи на маса, да игра и полека да се соблекува, да расфрлува наоколу делови од облеката, па, напати, остануваше само во долната облека. Никој не ѝ замераше, а најмалку нејзиниот сопруг Томо. Напротив, сите ѝ ракоплескаа и ја охрабруваа. Таа често, на својот сопруг и на децата им порачуваше, кога ќе умре да ја погребат со музика што ќе свири севдалинки и весели мелодии, а тие да не тажат и жалат по неа, туку да се веселат.

За овој аманет и желба на Јуле, знаеше и Љушка. Кога таа се разболе тешко, кога долго лежеше во постела и кога се насети нејзиниот крај, Љушка често ја посетуваше. Еднаш ѝ рече:

  • Снашке, како да те закопамо, ако умреш, не дај Боже, да викамо ли владику да те опоје?
  • Свите знаев, ја му кажа на моега Тому, весел закоп сакам, одговорила Јуле.

Еден ден Јуле умре. Вечерта, во домот на Томо Глигоријевиќ се собраа повеќе роднини, пријатели и комшии за да ја „чуваат“ умрената, според овдешниот обичај. Меѓу нив беше и Љушка.

Вообичаено е, навечер, пред погребот, мртвите да ги „опојува“ свештеник. Љушка и Томо се договорија тоа да го изврши поп Трајче, исто така, добар пријател на семејството на Томо. Љушка го повикал, му закажал време кога да дојде и да ја изврши потребната богослужба. Попот дошол на време, па, откако на домашните им изјавил сочувство, ја започнал молитвата за упокоение на умрената Јуле. Читал од книгата, го молел Господа да ја прими душата на покојната но, во еден момент, мртвата се помрднува малку, одвај забележливо, но се помрднува. Свештеникот подзастанува со молитвата, гледа во покојната и помислувајќи дека му се присторило, продолжува со чинодејствието. Нешто подоцна, покојната, пак се мрднува, сега веќе понагласено, сите го забележуваат, па и попот, па престанува со молитвата, гледа наоколу, како да бара потврда од присутните за она што тој го видел но, продолжува да ја чита молитвата. Во еден миг, Љушка, кој пред да дојде свештеникот, се вовлекол под постелата на која почивала умрената Јуле, со плеќи ја покренал постелата, а попот го зграбил за нозете и мантијата. Овој веднаш се сетил во што е работата, па извикал:

  • Љушке, попа ти твојега, ако те дофату!

Иако непристојно и неприкладно за оваа ситуација, присутните се насмеале и со тоа, делумно, ја исполниле желбата на покојната Јуле. Домашните не замериле ништо, зашто познавајќи го Љушка како шегаџија, а и попот Трајче сакаше шеги, и самиот прави шеги, понекогаш и на својата свештеничка професија. За него луѓето зборуваа дека можел да избере било кое друго занимање, но никако свештеничко, зашто беше слободоумен, пиеше, во молитвите што ги читаше не веруваше и пееше песни кои не се во склад и етика на неговиот свештенички позив, (П. Трајковски, 1997).

Инаку, на 7 ноември 1926 г., Општината Куманово на војводата Радомир Путник му приредила парастос на кој говорел прота Јокановиќ. На иницијатива на Тома Глигориевиќ и одборникот Стојан Цветковиќ, тогашниот Романовски сокак (денешна ул.„Илинденска“) ја нарекле ул.„Војводе Путника“.

Тома Глигоријевиќ починал во 1949 година, на 66 годишна возраст.

Користена литература:

Весник „Правда“, стр.4,  8 ноември 1926 година.

Весник „Време“, стр. 3, 7 септември 1931 година.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.

Д. Масевски – Сите први луѓе на Куманово : во пресрет на мартовските локални избори, 2005, Списание корени, (Год. 4, бр. 13, март 2005, стр. 2013-2024).

М. Арсовски – Болто – Стари издавачи на разгледници во Куманово, Списание корени (Год. 4, бр. 14, јуни 2005, стр. 2231-2236)

Фото: flickr.com, delcampe.net

Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник