Во март оваа година соседна Србија составуваше нова Влада. Се очекуваше името на новиот мандатар. Шпекулациите околу името ги прекина претседателот Вучиќ со пост на Твитер. Никој од неговиот кабинет не излезе со официјално соопштение, туку пред полноќ, во време кога највредни се дежурните пандури, курвите и таксистите, со „твит“ кажа дека нов мандатар е Милош Вучевиќ. Јавноста се подели околу начинот на кој веста беше соопштена. Прв пат во историјата на Србија.
Да бидам искрен, јас припаѓам на онаа група која подржува таков вид на комуникација. Модерно време, зар не? Не е прв пат јавни личности и сериозни институции своите ставови да ги кажат преку социјалните мрежи.
Како е кај нас во Куманово?
Кај нас долго време постојат вибер групи преку кои Фондацијата за култура и спорт и Секторот за комуникации на Општина Куманово за своите активности праќаат информации до медиумите во Куманово. Арно ама, во вибер групите нема место за „Плоштад“!
Затоа направивме мала показна вежба да го тестираме капацитетот на дел од вработените во фондацијата и општината. Да видиме колку се транспарентни.
Марио Арангеловски го положи тестот. Веднаш по нашата критика, „Плоштад“ беше додаден во вибер групата. А, Секторот за комуникации падна на испитот. Чист кец. Бандера.
Те, не знаеме дека постоите, па кои сте вие, па што работите. Бла, бла. И тоа од вработена која во неформален разговор кажа дека е редовен читател и дека би сакала да биде гостинка во рубриката „мојата азбука“, само е потребно да добие повеќе време да ја напише затоа што е еден вид предизвик, особено после некои гости кои оставиле силен впечаток во оваа рубрика.
Показната вежба заврши. На нас во „Плоштад“ не ни треба никаква вибер група да добиеме информација што се случува во општината. Само ги тестиравме, а знаевме каков одговор ќе добиеме.
Да се живи и здрави нашите вредни инсајдери. Имаме информации за сè што сакаме да знаеме. А, знаеме многу.
Но, сè уште е рано да се зборува. Наредната година е изборна. Сè во свое време.
Марјан Славко