Редакција Поштад: Господине Стојановски, дали е вистина дека одделот при Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово, во кој се сместени штитеници со нарушена здравствена состојба, за кој неодамна се пронесе веста дека е во катастрофална состојба, а чиј раководител во моментов сте Вие – е заклучен за посета и дека посетителите може да ги видат (негуваат, поминуваат време) со своите најблиски само во дворот на домот? На што се должи таа одлука, по статут, правилник за работа, извршно решение…доколку е вистина?
Дејан Стојановски, директор на Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово:
Најнапред би сакал да се заблагодарам за поставеното прашање и можноста да дадам свој одговор на истото. Во исто време, би сакал да изразам и жалење што ова е прв пат Вашата редакција да пројави интерес за пренесување на вести од ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, иако зад нас остана тежок период од Ковид кризата, а пред истата и по неа Домот бележеше подоста активности кои директно се однесуваа на подобрување на услугата за институционално сместување, програмата за работа и целокупната организација. За жал го испуштивте и хроничниот и би рекол политички притисок од страна на МТСП на којшто беше изложена институцијата во делот на голем недостаток на вработени и истиот проблем траеше цели две години за кој јавно баравме помош и поддршка пред се од медиумите.
Како и да е, ние останавме цврсто на патот за задоволување на јавниот интерес и во моментов го носиме најголемиот товар токму на тој интерес згрижувајки 170 корисници во Домот од речиси сите градови од Македонија. Пред да дадам конкретен одговор на Вашето прашање би сакал во интерес на јавноста да ја повторам личната карта на институцијата која располага со капацитет од 82 соби и 170 корисници, којшто капацитет е и максимално потполент и во моментов имаме листа на чекање од над 20 барања за прием. Институцијата функционира од 1980 година. Делот од Домот кадешто се сместени најтешко зависните корисници е на приземјето од институцијата и има капацитет од 11 соби или вкупно до 27 корисници. Веста дека тој дел е во „катастрофална“ состојба ја пренесовте токму и само Вие во ситуација кога Ваш новинар кој претходно најверојатно немал допир со ваков тип на згрижувачки капацитет, немал информации за типот и видот на дијагнози на корисниците кои се сместени во импровизираната „геријатрија“, сензационално започна хајка насочена кон Домот, вработените и вклучително кон мене како директор на институцијата. Морам да кажам дека таквите напади продолжија на Вашиот веб портал и истите беа крајно некоректни, увредливи без нималку потреба да се постават дополнителни прашања, да се обезбедат дополнителни информации за состојбите во Домот со што можеби би се разбрала состојбата во тој дел од Домот.
Засигурно таквите настапи и сензации не одат во прилог и не помагаат да се подобрат работите, особено НЕ кога во институцијата немало година во последните пет години, а да немало капитална инвестиција во унапредување на условите. Делот од Домот на којшто се однесува Вашето прашање е реновиран во 2014/15 година кога во истиот комплетно е сменета столаријата со нова ПВЦ, сменети се водоводните и санитарни јазли, а сменета е и електричната инсталација во целост. Во продолжение бидејќи се работи за импровизиран геријатриски дел поставени се и специјални болнички кревети за корисниците, кои кревети беа донација за Домот од болница во Германија пред 2 години. Тој дел од Домот има и своја занимална со телевизор и истата просторија служи и за јадење, пиење чај и др напитоци. Корисниците редовно, групно или поединечно, се изведуваат во дворот на Домот или во холот во приземјето.
Сепак неопходно е да појаснам дека во тој дел се сместени корисници, подвижни и неподвижни, со најтешки дијагнози од деменција во одминат стадиум до психички нарушувања. Во Македонија не постојат ниту доволно ниту јасно поделени инстиуции кои би згрижувале корисници согласно гореспометатите дијагнози. Законот за социјална заштита не им го ускратува правото на семејствата коишто имаат потреба да згрижат близок од семејството,а е во тешка состојба со потешка дијагноза, да бараат прием во нашата институција и слични институции како нашата, но сепак неадекватни за потребите на самото лице. Следејќи го јавниот интерес ние како Дом колку сме во можност излегуваме во пресрет на ваквите барања, меѓу кои беше и барањето на блиските роднини на Вашиот новинар за згрижување на лице кое е во дементна состојба во поодмината фаза. Оттука категорично го отфрлам како неточно и срамно пишувањето и наводите на Вашиот портал за некакви стравувања и заканувања спрема семејствата кои имаат згрижено корисници во тој дел од Домот или Домот во целост за наводни прекини на договори за престој и сместување, во услови кога како што реков се бориме да згрижиме корисник повеќе!
Се разбира ова се однесува и за корисникот-роднина на Вашиот новинар за кого (и за кого започна случајов) токму неговите најблиски искрено се извинија за навредите и ниските напади кон институцијата. Вашите тврдења дека спорниот дел од Домот е затворен за посети и дека семејствата не можат да дојдат да си ги негуваат најблиските се едноставно неиздржани! По ваквите површни наводи сметам дека сме должни пред се на јавноста да и го дообјасниме секодневието и начинот на работа во дел од институцијата каде што се сместени корисници со најтешки дијагнози.
Имено, корисниците во нашата „геријатрија“ заради здравствените проблеми и состојби со кои се носат многу често знаат да бидат раздразливи, неартикулирани да им недостигаат делови од облека и многу често се случува своите физиолошки потреби да ги извршуваат неподготвени и на несоодветни места. Иако Домот е институција од отворен тип во овој дел од истата движењето е ограничено пред се заради самите корисници кои можат ненајавено да се одалечат од Домот и секако ограничено е ненајавено влегување и посета од надворешни лица токму заради мирот на сместените лица. Ова се причините заради кои е ограничено движењето, а од друга страна како што и самите наведувате, посета е дозволена од страна на семејствата во холот на приземјето или во дворот на Домот. Ова воопшто не е нова пракса во нашето работење и на ваков начин функционирал и ќе функционира Домот со години. Како и за останатите корисници така и за корисниците во спорниот дел од Домот се грижат негователки и медицински сестри кои иако се малку на број совесно и одговорно си ја извршуваат својата работа. Тоа се жени кои се во просек по 7-10 години во Домот, но има и такви кои се пред пензија и со уште подолг стаж и искуство. За хигиената во Домот задолжена е надворешна фирма од Скопје која совесно си ја извршува својата работа и истата ја ангажиравме токму заради недостаток на персонал и подобро Еопслужување на корисниците.
За крај би сакал да ја уверам јавноста дека во Домот од година во година посветено се работи на унапредување на условите за престој и тоа многу лесно се забележува уште од самиот влез на Домот и во внатрешноста. Семејствата на корисниците го препознаваат тоа и многу често се изјаснуваат и на анонимни прашалници кои се однесуваат на условите и работата.
Во моментов за потребите на Домот ЈП „Куманово план“ изготвува два нови проекти за реконструкција, а од пред година дена имаме целосно подготвен проект за реконструкција на приземниот дел каде што е и геријатрискиот дел.
Ви благодарам, се надевам дека одговорот ќе биде пренесен во целост.