Ивана Аткинс
Благородните намери на нашиот народен пратеник Бране Петрушевски
Се чини дека имаме визионер меѓу нас, човек кој погледна во бездната на сметките за намирници и, еве, најави спас: 5% намалување на цената на нашите дневни и основни потреби. Овој економски потфат во владеачката политика му ветува на секое домаќинство неверојатни 18.000 денари заштеда годишно, вистинска лавина на просперитет во земја каде што повеќето сè уште работат за месечни примања кои едвај доспеваат 25.000 денари. Значи, нема ни тринаеста плата од заштедата.
Бермудскиот триаголник: Влада, Сојуз на синдикати на Македонија и профит на компаниите – проголта уште еден чамец за спас на македонските бродоломци, работничката класа на која ѝ се смачи да ги споредува економските мерки со „оние претходните“ и да ги штиклира продуктите со различна маржа од списокот за преживување.
Инаку, во листата на производи со ограничена профитна маржа спаѓаат: ориз, брашно пченично тип 400, бел и полубел леб, со исклучок на свежо печен леб во маркетите (што во недела некаде е дури и 70 денари), печени пекарски производи, бисквити, тестенини, потоа масло за јадење од сончоглед, месо (јунешко, свинско и пилешко), салама, чаен колбас, пилешка посебна саламa, паштета, замрзната риба, јогурт, кисело кравјо млеко, павлака, традиционално кравјо бело сирење, кравји кашкавал, мешан кашкавал, свежи јајца, маргарин, јаболка, праски, грозје трпезно, лимони, портокали, банани, исчистени ореви, грав, кромид, компир, морков, спанаќ, зелка, краставици, корнишони, лук, тиквици, боранија, домат, пиперки, карфиол, тиква, модар патлиџан, леќа, магдонос, брокула, праз, зеленчук замрзнат, маслинки, црни, грашок конзервирн, ајвар, краставички, печурки маринирани, џем и мармалад, чоколадо млечно обично, кечап, мајонез, зачин, кафе пржено мелено пакувано од 200гр., сок кашест. Нема тука место за луксуз или непредвидливи трошоци. Има само молитви некој од семејството да не се разболи и грејната сезона да почне во средината на ноември.
Па, зарем не е прекрасно да се слушне дека 18.000 денари годишно ќе остануваат заштедени во „секое едно“ домаќинство, драги сограѓани? Впрочем, „куде ти давав – зимај, куде те мавав – бегај“. Размислете за оваа поговорка. Дури размислувајте од наредната година и да не месите леб во недела, туку во некој „молски“ маркет да си го купувате за неверојатни 70 денари – не од килограм, туку од векна („Чијабата стајл?!?“) или да си ставите гас приклучок што ќе биде за цели 55% поскап оваа зима!
Може само да се замислат непроспиените ноќи што народните пратеници ги преживуваат, пресметувајќи ги нашите идни буџети со прецизност на швајцарски банкари. И додека некои противници на ваквите политики може да се потсмеваат, сомневајќи се како 18.000 денари магично може да го затворат јазот за семејствата фатени во вистинска, непопустлива финансиска тешкотија, ние, верниците, знаеме подобро. Научивме како да се помолиме, не за да имаме што да ставиме на трпезата, туку да дава Господ работа и здравје.
Можеби, во месеците што следат, нашиот Бране ќе ни дозволи да влеземе во тајната формула што ја смислиле експертите – бајковита буџетска трансформација што еден ден би можела сите да нè издигне од нашата скромна заработка во живот со незауздано изобилство. Да не заборавиме и на игрите на среќа, ве молам.
Во општество каде што семејствата веќе се трудат да бидат во чекор со зголемените трошоци, дамнешната скриена епидемија ги зголемува нивните тешкотии: даночно затајување преку готовински плаќања. За многу домаќинства – особено оние со издржувани и пензионирани членови – пополнувањето на месечната кошница со храна останува огромен предизвик. Дури и кога двајцата родители работат, и со дополнителна пензиска поддршка од постар член на семејството, нивниот буџет често е испразнет многу пред „први во месецот“. Но, зошто, во земја полна со потенцијал, основната финансиска сигурност останува неостварлива?
Одговорот лежи, делумно, во бескрупулозните деловни практики. Готовинските плаќања под маса станаа норма во одредени компании. Иако ова може да изгледа како благодет за вработените кои бараат „преко руку“ секој месец, ефектите се поразителни на долг рок. Плаќањата во готовина честопати доаѓаат без придонеси за социјално осигурување, здравствени бенефиции или пензиски заштеди, оставајќи ги работниците ранливи на идна економска нестабилност и еродирајќи ги пакетите за социјално осигурување, дизајнирани да ги заштитат.
Оваа форма на даночно затајување им штети не само на индивидуалните работници, туку и на нивните семејства, на заедниците во кои живеат и на националната економија во целина. Вистинскиот предизвик не е само пополнување на месечната кошница со храна; тоа е наоѓање пат до финансиска издржливост и достоинство во нашиот систем преполн со дупки.
Констатирам дека најдобро се поентира на кумановски дијалект: Дали е Мартин, дали е Бране, кој и да е народан пратеник, од коју и да е политичку структуру, они су на ед’н крај – а народ на друг. Веома врло вероватно дека и од тамо доваѓа изрека: „одвај састављамо крај сас крај“.