Почетна ГОСТИНСКА СОБА Гунин е од баба Гуна, Драгана е од многу драга.

Гунин е од баба Гуна, Драгана е од многу драга.

Во прво лице еднина, на заминување, ова е една од приказните што мора да ги прочитате! Драгана Гунин, режисер, во гостинската соба на „Плоштад“.

Помеѓу урбаната врева и променливите светла на градскиот театар, таа стои како визија на креативен парадокс: режисер чии идеи се смели, но деликатно исполирани, уметник чиј глас не се слуша секогаш, но кој одбива да биде замолчен. Дневно, таа може со леснотија на психолог да го слуша внатрешниот свет на другите, водејќи ги низ лавиринтот на нивните умови. Ноќе, таа е комфорна на друга сцена, врти плочи како диџеј, спојувајќи ги неспоивите ритмови – исто како што прави авангардна магија на театарската сцена. Во прво лице еднина – Драгана Гунин.

И како што епскиот театар на Брехт суштински го промени односот помеѓу сцената и публиката, така и љубената внука на баба Гуна, Драгана, се спротивставува на традиционалната „суспензија на неверувањето“, што ја вовлекува публиката во емотивна идентификација со ликовите.

Luxury Catering Service

Со Дарко ја почекавме само три минути подоцна од договореното време, за кое непотребно се извинуваше. „Бев во Скопје, трчав по стрмни планински патеки. Ја обновувам енергијата на тој начин“ – седнува Драгана со нас во „Карузо“ и веднаш знаеме: одржувањето рамнотежа во толку исполнителен живот може да биде предизвик, бидејќи креативната работа често бара интензивен фокус, емоционална енергија и одреден степен на ранливост што лесно може да доведе до исцрпеност. Љубител на планините, таа го наоѓа својот мир не во гужви, туку во високите врвови и магливите мугри, каде што воздухот е тенок и искрен. Сепак, и покрај сета нејзина креативна дивина, таа носи копнеж, ранливост што ја издвојува од темпераментниот Лав во нејзините ѕвезди. Уште кога беше прв пат поставена претставата „Прво лице еднина“, Драгана Гунин поттикна поаналитичка, критичка перспектива, од која гледачите би можеле да размислуваат за сложените социолошки пораки на претставата, наместо да бидат емоционално апсорбирани.

Начнуваме тема за дидактика. Ниеден од нас не е сигурен во која мера уметноста ја тера овдешната публика да размислува критички за општествените прашања, неправдите и човечкото однесување. Но сепак сме убедени дека Гунин ќе го освои и тој врв, преку презентирање на ликови и сценарија кои ги пресликуваат општествените проблеми, за поттик на размислување, за инспирирање на промени. „Понекогаш (многу често) е неостварливо да режирам претстава, да речеме, со холограм на сцената. Не поради тоа што некој претпоставен тоа ќе го одбие како  театарски елемент, туку поради вчудоневиденост од потребата воопшто да се користат специфични реквизити за да се пренесат сложени општествени односи и динамика на моќ. И потем сè се сведува на тоа дека народот не би ја разбрал основната порака на таков чин, односно би го восприемил еднократно, како што е научен и да живее, инстантно и импулсивно“.

Нè потсетува на Констракта. На стиховите: „Не знам која је година и што се крећем споро, шта каже ова реч ја, ти, ми, ви, они. Онда узмем па трчим опет споро, трчим, не достижем, не капирам, не достижем, ово није живот, ово је рат, рат, рат“. И свесни сме дека ќе ја изгубиме оти италијанската ренесанса ја повикува Драгана, да се посвети повторно на науката, да докторира на маркетинг студии. И да не обвинува ниту еден од „капо ди тути капи“ поради неставање на пилатес топки во „Бегалка“. Таа го скрши „четвртиот ѕид“ во оној момент кога ја режираше претставата „Заминување“, со двајца Македонски и двајца Албански актери, а која храбро ги допре нашите рак-рани од конфликтот во 2001 г. Не беше тоа провокација на емпатија, никако, тоа беше предизвикувачка критичка мисла нарушувајќи го традиционалниот реализам, дури дрскост да се охрабри публиката да размислува за себе не само како гледачи, туку како агенти на општествените промени.

Вистинската интеракција со терапевтските и уметничките практики Драгана ја воспостави кога го реализираше проектот „Приказни кои треба да ги слушнете“, каде учесниците (сексуално злоупотребени ученички и студентки од свои професори) го доживеаја потенцијалот на психодрамата за исцелување. Гунин не стравува да посегне по стереотипите и клинички поставки во училиштата, факултетите, затворите, па дури и деловните средини каде што разбирањето на човековото однесување и групната динамика се клучни. Така, всушност, и вешто ја преклопува психодрамата со чистата уметност и создава театарска терапија при која крееативното изразување им помага на поединците да поминат полесно низ одредена траума.

Оваа млада жена не е ни свесна колку нејзиниот пристап е интегративен и сочувствителен, му велам на Дарко додека таа срамежливо ги брише своите очила. Сонцето паѓа под перфектен агол врз златокосата режисерка која поседува комплексна сила, проткаена со соништа и волја да биде и слушната и разбрана. И некаде помеѓу непопустливите планински карпи и диско ритамот на ослободувачката музика со која се поигрува како ди-џеј, таа знае дека ќе дојде нејзиното време. Макар во Италија. Погрешно употребен прилог „макар“. Особено во Италија.

Ивана Аткинс и Дарко Даутовиќ