За некогашната Ендек маала и улицата „Поенкарова“
Сè тече, сè се менува (Panta rei), кажал еден грчки филозоф многу одамна, разбирливо и дека Куманово не е она што некогаш било, секој ден се менува, со години наназад. Исчезнуваат старите градски делови, а на нивни места се градат современи куќи, станбено-деловни блокови, асфалтирани улици и булевари итн. Се менувала физиономијата на градот, се менувале имињата на улиците. Па така, денешната улица „Моша Пијаде“, некогаш се нарекувала „Клеменсова“, „Доне Божинов“ – некогаш се нарекувала „Земунска“ и „Никола Спасиќ“, „Народна револуција“ – „Караѓорѓева“…
Се сменило името и на некогашната улица „Поенкарова“.
Улицата „Поенкарова“, била преименувана во ул. „Ленинова“, која била поврзана со Опанчарскиот сокак (некогашна ул. „Студеничка“), а целиот тој простор се наоѓал во некогашната Ендек маала.
Ендек маалата се наоѓала кајшто сега е големиот станбено-деловен блок спроти општинската зграда и Касапскиот круг, и се протегала од двете страни на некогашната Серава, која постои и денес, но е регулирана и покриена со бетон, па веќе не може да предизвикува поплави, како некогаш.
Во оваа маала била изградена Ќурчијаната.
Таа се наоѓала спроти денешната зграда на Општината, во тогаш познатата Ендек-маала.
Напред, на западната страна, се граничела со улица, на исток ѝ била Серава, а од јужната улица биле дуќаните. Ќурчијаната имала три големи влеза, порти со храстови врати, оковани со железо. Ќурчијаната е изградена во XIX век. Не е познато кој ја изградил, но се знае дека нејзиниот прв сопственик бил некој Грк Ташуле – Шуле. Нему мајсторите му плаќале кирија за користење на дуќаните. Подоцна, во почетокот на XX век, побогатите ќурчии ги откупиле дуќаните во кои работеле. Во овој дел на градот, во турско време, имало малку куќи и жители, зашто тука, главно, се наоѓале трговско-деловни дуќани и други објекти.
Ендек маала граничела, како што кажавме, со денешната Ленинова улица, а подоцна во нејзиниот состав е формирано Опинчарското сокаче и една цела станбено-деловна улица (П.Трајковски, 1997).
Кога станува збор за улицата „Ленинова“, и таа си има своја интересна приказна и историја. И на неа уште од минатото се наоѓале голем број на кафеани, меани, чајџилници, крчми, хотели, анови, приватни куќи на познати стари градски семејства итн.
Движејќи се од плоштадот кон денешната улицата „Доне Божинов“, од десната страна на улицата „Поенкарова“, прв интересен објект кој постоел е гостилницата „Караѓорѓе“ на Климентије Џартиќ и некогашен ан за преноќувалиште, а веднаш до неа се наоѓала и куќата на семејството Хаџипоповиќи, што ја имал проектирано рускиот инженер Владимир Антонов.
На нивно место сега се наоѓа голем станбено-деловен објект. Во продолжение од десната страна на улицата се наоѓаше и некогашниот ресторан „Палас“, а во негова близина познатиот хотел „Гранд“, еден од првите хотели во Куманово, кој уште Јован Хаџи Васиљевиќ го споменува во својата книга за Куманово – „Кумановска област“ издадена во 1909 година. Бил изграден уште за време на Османлиите од некој Нејат бег. Инаку, по 1934 година, бил продаден на Благоја Тасевски – Пушкар. Објектот, во мошне руинирана состојба сè уште е во посед на неговото семејство.
Интересно да се напомене е дека во минатото во Куманово егзистирале и јавните куќи или популарните бордели кои се наоѓале во кафеаните или хотелите во градот.
Одредени извори посочуваат дека и хотелот „Гранд“ на улицата „Поенкарова“ („Ленинова“) во втората деценија на минатиот век, имал пред влезот „Црвени фенери“ симбол на борделот, уште повеќе што Куманово сепак било мало место и за градот било интересно кои градски луѓе биле гости на овој локал.
Во 2015 година, горниот дел на овој објект се урна.
Потоа, во продолжение од десната страна се наоѓаат куќите на Денко Бошковиќ (купена во 1964 г. од Славко Паневски – Качар) и на Милан Марковиќ (изградена 1927 година).
Спроти куќите на Денко Бошковиќ и Милан Марковиќ од левата страна се наоѓа куќата на Петко Антев Челопечки, изградена 1927 година, а во продолжение на неа од левата страна и куќата на Лазо Пешев – Чауш, која денеска со одронат малтер и интересна градска архитектура, го свртува погледот на секој минувач по улицата Ленинова.
Лазо Пешев – Чауш, роден Башиноселец, претставувал една од најмаркантните личности во тогашниот кумановски трговски еснаф, уважен во градот, посебно во чаршијата, сопственик на магаза за жито, семејна куќа и продавница на денешната улица „Ленинова“.
Пешеви-Чаушеви доаѓаат во Куманово од Башино Село, меѓу првите кога филоксерата ги уништувала лозовите насади, што и за нив бил основен извор за егзистенција. Само со најнеопходни работи, натоварени на магарица ги напуштиле своите огништа.
Лазар Пешев – Чауш за својата животна сопатничка ја избрал Кева, која му родила седум деца.
Нивното второ дете по ред им било Петар Пешев, познат композитор, човек кој поголем дел од животот по Војната го поминал во Загреб. При ова треба да се спомене дека Петар Пешев е композитор на еден од првите македонски шлагери – „Еден бакнеж“, на текст на Ѓоко Георгиев, кој во исполнение на Нина Спирова е победник на еден од Опатијските фестивали. Има индиции дека дел од музичкото творештво на Пешев го има откупено агентот на познатиот француски шансоњер Шарл Азнавур. Неговата постара сестра Вера била талентирана ликовна уметничка, (М. Арсовски, 2008).
Што се однесува до угостителството, во периодот на Кралството на Југославија (1918-1941) егзистирале преку седумдесетина угостителски објекти распоредени насекаде низ Куманово.
По евиденцијата на Пододбор на „Удружење на гостиничарски, хотелиерски, кафеџиски, механџиски и свих точиоца пића“ од Куманово, од 1927 година, тогаш на „Поенкарова“ (денес „Ленинова“) биле угостителските објекти: меаната на Дима Јанчиќ, на Цветко Илиќ, меаната „Ст. Нагоричане“, меана на Раде Лазаревиќ, „Жеглигово“ на Арса Димитријевиќ, хотел „Гранд“ на Стеван Радоњанин-Сремац, Бајловска кафеана на Јордан Димковиќ, „Караѓорѓе“ на Климе Џартиќ, и подрумите на Лазар Пешиќ, Милан Мирковиќ, Петко Антиќ, Дима Калајевиќ, Јордан Пешиќ, Петар Цаковиќ, Трајко Гаревиќ, Трајко Кара Марковиќ.
Исто така, на „Поенкарова“, освен кафеани, се наоѓале и чајџилници и тоа на: Арсо Ек, Дамјан Атанасовски – Бежунац и на Киро Даривук.
Во периодот меѓу двете светски војни, на улицата „Поенкарова“, познати биле ановите на Климе Џартов и семејството Бајловски.
По Втората светска војна, по сочуваната евиденција на крчми, меани, гостилници, чајџилници и ќебапски дуќани во Угостителската комора од 1946 година, тогаш на улица „Ленинова“ се наоѓале кафаните на: Митре Марковски, Петко Челопечки, Киро Пешевски, Димитар Калејовски, Душан и Мирко Гаревски, Раде Лазаревски, Драган Бајловски, Климентије Џартовски (гостилница), Наранџа Каранфиловска, Родна Јанчева, Киро Стефановски, Савка Шкуртева, Георги Спасовски, Кирил Петрушевски (Нар. кујна), Страшко Пешевски (Д. Масевски, 2016).
Тоа беше кратката историја за некогашна Ендек маала и улицата „Поенкарова“, на кои веќе имињата не им се споменуваат меѓу граѓаните на Куманово.
Користена литература:
П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.
М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).
Д. Масевски – Кумановска кафеана, угостителство во Куманово во XX век (Второ дополнето дигитално печатено издание), Парадигма, Куманово, 2016.
Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.
Фото: flickr.com, delcampe.net
Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник