Почетна КОЛУМНИ Економија: Корпоративен vs. државнички менталитет

Економија: Корпоративен vs. државнички менталитет

Водење бизнис и водење држава не е исто

 

Според образованието не сум економист, но одамна ме интересира таа област, и веќе со години читам, гледам, слушам и следам сѐ што е поврзано со економски теми, а ќе ми се види интересно. Врз база на тоа стекнато неформално знаење имам дојдено до неколку заклучоци, што ми се чинат интересни, меѓу другото и затоа што неретко отстапуваат од ставовите пласирани во јавноста на таканаречените економски експерти.

Luxury Catering Service

Во овој текст ќе ја елаборирам барем накратко тезата: „Македонија е премал пазар и може да опстане економски само како извозно ориентирана земја“. Со тоа дека мора да имаш извоз, апсолутно се согласувам, бидејќи без постојан и доволен прилив на свежи пари од други пазари, нема градење успешна економија. Она со што не се согласувам е дека Македонија е премал пазар, па „колку и да трошиме, не може да го потрошиме тоа што ќе го произведеме“.

Еве го моето објаснување. Во врска со оваа тема, постојат две логики, две размислувања, што  јас ги подигнувам дури на ниво на менталитет. Едниот е КОРПОРАТИВЕН, а другиот е ДРЖАВНИЧКИ. Првиот се однесува на водење фирма или компанија, а вториот на водење држава. Меѓу овие два менталитета има сличности и допирни точки, но има и уште повеќе разлики. Суштинската разлика е таа дека, кога водиш компанија ти произведуваш еден или неколку производи. Во таква ситуација, ако компанијата, односно производството е многу големо, навистина домашниот пазар е премал. Како пример ќе ја земам зелката, а важи за уште неколку од земјоделските култури. Во меѓувреме го упоропастивме и тоа производство, но додека бевме голем производител на зелка, доколку не се најдеше извоз, макар на Косово или во Јужна Србија, настануваше катастрофа: блокади на патиштата, истурање на родот, очајни и гневни земјоделци… Но и тогаш, а сега уште повеќе сме во дебел минус во трговската размена на прехранбени производи, што се мери со стотици милиони евра годишно. Зелка имавме многу повеќе отколку што можевме да изедеме, но немавме месо, брашно, зејтин, шеќер, млеко…, и од тоа доаѓаше (и доаѓа постојано зголемуван) тој дебел минус.

Тоа е доказ дека држава не е баш паметно да се води со корпоративен менталитет. А за објаснување на државничкиот менталитет ќе ви дадам еден пример. Погледнувајте кога го отворате фрижидерот, и многу веројатно во него ќе видите 20-тина различни производи. Не баш во секој момент, но во текот на цел месец многу веројатно ќе бидат толку. Сувомеснати и млечни производи, овошје, зеленчук, свежо месо, јајца, сокови, пиво…, па на друго место ориз, грав, леќа, грицки… Затоа велам, дека 20-тина различни прехранбени производи ни поминуваат низ домот секој месец. Потоа, одделот за хигиена и козметика, плакарите со облека и обувки, училишниот прибор за децата, електронските уреди и белата техника, па бензин, па некоја книга или друго задоволување на културните потреби итн. На едно просечно семејство, за нормален цивилизиран живот, му требаат околу стотина производи месечно. На држава – ѝ требаат илјадници! Тоа е главната причина зошто корпоративниот менталитет не е соодветен за водење држава, туку треба државнички менталитет.

Сега некој може да праша: а како тогаш ќе дојдеме до извозот и до свежите пари, за кои велиш дека се клучни за градење успешна економија, ако државата се концентрира само на домашниот пазар?

Видете, домашниот пазар е базата, основата, темелот. Од него се почнува, па потоа се оди надвор. Паметам еден дамнешен прилог на MTV (музичката, а не Македонската телевизија), во кој беше прикажана понудата на, во тоа време многу популарните вокмени во Токио. Јапонија беше доминантен светски производител на овие уреди за слушање музика од аудио касети, а водителот Англичанец констатираше дека во јапонските продавници има околу 50 модели, додека на европскиот и на британскиот пазар пристигнале најмногу 15. Значи, „Сони“ и другите компании прво ги тестираа дома, па потоа најдобрите ги пуштаа меѓународно.

Во хипотетички случај на некој таков македонски производ, не значи дека ако овде биде смислено и направено нешто генијално, утре ќе може да се продава во Германија. Не! Прво, постојат многу административни процедури, а потоа и финансиски барања за функционирање на тој пазар, што ние речиси никако не можеме да ги поминеме. Тоа е причината поради која со децении претежно работиме лон-производство. За да имаме вистински, а не само статистички извоз (од лон-производство), мора да го примениме наведениот јапонски принцип: прво се освојува домашниот пазар, па во следната фаза се оди до Ниш, Врање, Приштина, Подгорица, евентуално Тирана. Потоа, до Белград, Сараево, Софија, евенатуално Загреб и Солун, па дури откако таму ќе се етаблираме, може да размислуваме за Германија, Франција, Скандинавија…

Овој „извоз“ што го правиме сега, како и нашиот БДП (бруто домашен производ) во голем процент се само статистички. Пред некој ден гледав емисија посветена на ирската економија, во која беше речено: „Постои разлика меѓу вистинскиот и формалниот бруто домашен производ. Приличен дел од ирскиот БДП само поминува низ Ирска, и не останува во неа“. Тоа е профитот на странските компании, кои дошле во таа земја затоа што тамошната влада им дала разни повластици, пред сѐ ниски даночни стапки, но тој профит си го носат со себе, не го оставаат таму каде што се формално регистрирани.

Истото е со нашиве „директни странски инвестиции“. Суштинското прашање е: кој го собира кајмакот, односно кој го зема профитот? Место одговор ќе ви го дадам примерот преку кој јас го сфатив тоа. Кога во 90-тите години се појави најава дека е можно „Ауди“ да дојде во Македонија и да изгради фабрика, јавноста се возбуди во очекување на нешто многу важно и добро за земјата. Со тогашното знаење, и јас го мислев истото, во почетокот. Но, тогаш си поставив едно прашање, кое ми се чинеше логично: Дали ако „Ауди“ дојде во Македонија и изгради фабрика, тоа ќе значи дека ние сме научиле да правиме „Ауди“? Сигурно не. Па тогаш како може таа кола да е наша? Сигурно дека не е наша. „Ауди“ ќе си ја земе, и ќе ја продава за своја сметка. Нормално, негова е колата! И така е со секој странски инвеститор.

Во никој случај не сум против странски инвестиции, тие се потребни и корисни, но сум против градење на целата државна економска политика исклучиво врз странски инвестиции. Против сум, затоа што наше е само она што ние знаеме да го произведеме, и само од тоа ние ќе имаме право да го собираме кајмакот. Ако странецот донесе капитал, технологија, модели за производство, организација на работа и на крајот обезбеди пласман, а ние само дадеме работна сила, кајмакот е негов. И да имаат некои луѓе одредена корист од таквите проекти (вработените, на пример), за целата држава тоа е недоволно, да не речам капка во море, и една од главните причини зошто Македонците се иселуваат толку масовно. Кога би се поставиле работите обратно: државничкиот, а не корпоративниот менталитет да е доминантен во водењето на државната економија, многу повеќе од кајмакот ќе останува за нас, и далеку помал број луѓе ќе размислуваат за опции надвор од Македонија.

Убаво би било и мене многу драго, ако барем почнеме да размислуваме во таа насока.

Миодраг Мишолиќ