Почетна РазНоткривање Анета Стефановиќ, моден креатор

Анета Стефановиќ, моден креатор

Анета Стефановиќ, модна креаторка која зборува на француски, мисли на италијански, живее на кумановски, сонува на есперанто. Три пати мери, еднаш сече. Нејзините модни креации се уникатни, но не повеќе од нејзиниот шарм. Решивме да ја разНоткриеме.

1. Ако модниот дизајн беше јазик, дали ќе беше поблизок до францускиот или некој од германската група на јазици?

Модниот дизајн не е јазик, но секако е форма на комуникација во светот на модата. Да беше јазик, ни во лудило немаше да се дистанцира од романската јазична група во која спаѓаат италијанскиот и францускиот, нека остане каде што му е местото.

Luxury Catering Service

2. Која е една француска фраза која совршено ги сумира Вашите чувства кон дизајнирање облека?

„L’habit ne fait pas le moine“ или „Наметката не го чини монахот“, буквално секогаш кога сум во можност да влијаам на изборот од другата страна. Овде никако не би сакала да ја изоставам легендарната реченица на ѕвездата од Француската модна револуција, Коко Шанел: „Пред да излезете, тргнете го последното нешто што го ставивте на себе“.

3. Кога би можеле да облечете која било позната југословенска икона во Вашите креации – жива или историска – која би била таа?

Би се вратила наназад и би ја облекла за, по мене, најубавата југословенска актерка, Злата Петковиќ.

4. Дали пред да излезете од дома тајно ја оценувате сопствената облека небаре наставникот оценува домашна задача на ученици?

Со оглед на фактот дека вечно кубурам со времето, би рекла огромно ДА, но само за одредени прилики.

5. Ако треба да креирате облека со потпис инспирирана од некое граматичко правило, како би изгледала?

Облеката креирана по граматичко правило би „звучела“ перфектно, онака како што звучи македонскиот јазик кога правилно се изговара, односно би се водела по граматичкото правило – акцентот во македонскиот јазик паѓа на третиот слог, броејќи наназад. Тука првенствено мислам на обувките што мора да кореспондираат со облеката, инаку целиот труд паѓа во вода.

6. Која е најдивата ткаенина или материјал со кој некогаш сте работеле и како испадна?

Свила, секогаш дива за работа, но моделот додатно ѝ дава дивина. Фустан со двојни волани од зелена свила, што за среќа не бараше корекции. Неизбежно морам да ѝ се обратам на Валентина Јовановска. Вале, се сеќаваш ли на прекрасниот фустан од зелена свила?

7. Кога би можеле да преименувате еден моден тренд како да е македонски глагол, како би го нарекле?

Кога сме кај глаголите, вечниот моден тренд кој јас го нарекувам „дупло голо“, со разголени раменици и ултра кратко здолниште…би го нарекла „не оди“, во одречна форма, баш така.

8. Која е најголемата дизајнерска „грешка“ што сте ја направиле, а на крајот сепак изгледаше неверојатно?

Не постои грешка која изгледа прекрасно доколку не се поправи. Разминување на модел (кој бараше два различни материјали) со основниот материјал. Со додавање на трет маетријал изгледаше неверојатно.

9. Која модна куќа и во која европска метропола чека на Вашиот перфекционистички крој?

Хајдер Акерман, натурализиран Французин со либиско потекло. Се надмина себеси со колекцијата есен-зима 2010 година.

10. Што мислите дека е потешко: совладување на „passé composé“ или дизајнирање на совршена облека за ноќно излегување на кумановки?

Со оглед на фактот дека францускиот ми беше прв јазик на катедрата за романски јазици, би рекла дека passè composè е мало дете во споредба со дизајнирањето на вечерните тоалети за кумановки. Признавам дека му посветив повеќе внимание на италијанскиот јазик.

Р.П.