Плоштад: Во потрага сме по одговор на сосема природните реакции од граѓаните за буџетот, изборот на гости и целокупната манифестација за прославата на „11 Ноември“ оваа година. Дали, кога Вие би биле во организацискиот одбор за чествување на празниците, би го направиле истото (над 30.000 евра за естрадни ѕвезди и огномет, без претходно објавени резултати на спроведена анкета за желбите на кумановци)?
Александар Јовановски, координатор на советничка група на СДСМ Куманово:
„Програмата за одбележување на 11 Ноември предвидува настани и активности во период од цел месец ноември – активности, што според мене дел се сосема во ред, а дел од нив се дискутабилни и не знам колку соодејствуваат со она што претставува Куманово и она што всушност треба да се одбележи. Најголемо внимание привлекува „мега концертот’’ на 10.11.2024г., во недела, односно забавниот дел на одбележување на Денот на ослободувањето на Куманово.
Од она што сум информиран не постои организациски одбор и, за жал, траснпарентното работење е мисловна именка за оваа локална власт. Најпрвин остана нејасно зошто се правеше некаква анкета на социјалните мрежи, по кој критериум беа дадени тие изведувачи и зошто фамозно ја снема? Логично, кога нема организациски одбор, се остава простор за сомневање, но и ексклузивитет на еден или двајца да одлучат во име на останатите. Сметам дека доколку имаше транспарентна постапка и се направеше јасна дистинкција помеѓу желбите и можностите, како и јасна цел и план што треба да биде на репертоарот за достојно одбележување на овој празник, немаше да имаме само „симулација“ на одбележување на Ден на ослободување на Куманово.
Впечатоците ќе ги сумираме по завршувањето на сите манифестации, но сепак ќе остане дилемата дали можело слободно да се ангажира некој музички менаџер да донесе „свои артисти„ кои заедно со стандарните локални изведувачи (бидејќи изгледа некој мисли дека други немаме) и сето ова да изгледа подобро и веројатно за помалку буџетски средства.
Да, треба да се слуша размислувањето на граѓаните, на разни целни групи и здруженија, но празнувањето на Ден на градот никако не смее суштински да биде сменето и да наликува на задоволување на потреби на коалициони партнери или на некој од Фондацијата. Ако целта да се направи настан во кој ќе се повикаме на потрошени 30.000 евра и помпезно најавуван огномет од 2.500 евра, што впрочем не е покриен од спонзори туку од пари на граѓаните, сметам дека суштината на самата манифестација е погрешена.
Да се разбереме, сите настани од програмата за одржување на „11 Ноември“ си имаат своја содржина и цел и немам ништо против нив, меѓутоа во цел репертоар да не се најде место за настан или манифестација која ќе го претстави и прикаже значењето на самиот „11 Ноември’’ и воопшто да не се спомене НОБ, за мене во најмала рака е срамно и недопустливо. Некои здруженија, а сега политичка партија, изгледа само декларативно и популистички се повикуваа на НОБ само кога им одеше во прилог. Очигледно вредностите се сменети, но срамот ќе остане.
11 Ноември треба и мора да биде ден кога сите кумановци ќе бидеме обединети и сплотени. Впрочем и културата и уметноста го имаат истиот императив. Да поврзуваат и да обединуваат. Но, кога имате настан со наслов како на „хуманитарен концерт’’, а прославуваме Ден на ослободување на градот, невозможно е да разберете која е пораката на организаторите. Ако сме објективни – порака нема, а нема ни култура и уметност. Само забава.
п.с. Би сакал да ја искористам оваа прилика, преку вашиот ценет портал да им го честитам Денот на ослободувањето на Куманово, „11 Ноември“, на сите кумановци, со една мисла и аманет на генералот Тодор Атанасовски:
„Да не дозволиме повторно јавување на фашизмот, во било која форма.“
Нека е честит и вековит 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово!“
Р.П.