Почетна СТЕТОСКОП Комуникација – почеток и клуч за сечија брава

Комуникација – почеток и клуч за сечија брава

ДА ЗАПОЧНЕМЕ ОД „КОМУНИКАЦИЈА“

 

Како си? Како се чувствуваш? Да, токму ти што сега го читаш овој текст. Се прашуваш,од каде ми е ова право да „ти“ се обраќам на „ти“!? И, нормално, ќе ти објаснам.

Luxury Catering Service

Ова е првото прашање што го поставувам на почетокот на една психотераписка сеанса.Токму поради тоа што јас сум еден обичен психотерапевт кој не ги љуби ниту истакнува нивоата на степен на едукација, туку ги практикува и цени човечноста и човечките вредности.Односот со моите клиенти се трудам секогаш да биде праволиниски,еднаков и суштински.Сметам дека секој од моите колеги има свој начин на работа, одреден број на сертификати и дипломи, што по правило треба да висат на ѕидовите на нашите работни простории…И висат! Но, она што за мене е битно е непоистоветувањето со истите. Која сум јас без нив?

Јас сум пред сè жена, мајка, партнерка, другарка, пријателка…Баш сè што ме прави човек, личност како и секој еден/на од вас. Затоа, знаејќи ја вредноста на едноставноста и суштината на леснотијата на постоењето, се трудам да ги пренесам секогаш автентично, искрено и во вистинско светло. Па, ве молам со мене на „ти“, зошто јас сум само медијатор, проводник на оваа наука и сметам дека е доволна мојата присутност во процесот, за да ве водам низ лавиринтот на вашата душа, осветлувајќи ви го патот, а вие сте тие што го бараат излезот. На крајот од денот, јас секогаш велам дека подеднакво учам од своите клиенти.

Сметам дека книгите се недоволни за да ја соберат вредноста на уличното и животното школо. Затоа некако спонтано, во текстовите што ќе бидат потпишани „Нестора“, ќе го пренесувам своето видување за феноменологијата на психотерапијата и сè она кое јас го добивам како „фидбек“ од моите клиенти. Сметам дека е премногу важно луѓето кои што доаѓаат од оваа бранша да говорат отворено за реалноста на постоењето.Темите кои што ќе следат ќе бидат во контекст на менталното здравје, а некако спонтано првично ми се наметнува темата „комуникација“, како основа за отпочнување на една сеанса…човечка,љубовна,психотераписка…

Токму мојата психотераписка работа некако спонтано ја отпочнувам од два основни постулата: примарното семејство и љубовта спрема себеси.Сметам дека тука има плодна основа за работа на себе. Ние како народ овде на Балканот, повеќе уживаме во тоа да бидеме храбри и јаки, отколку немоќни и слаби.Типичен балкански синдром. Ова го говорам со право, како некој кој живеел и работел во Париз, па искуствено можам да ја направам оваа паралела. Верувајте, има разлика! Кај нас е тешко да се покаже слабоста, да се искомуницира.Трансгенерациски сме научени така…Молчи…Колку е тешко да се каже „јас имам тежок период“? Колку е тешко да се признае „јас поминав низ ‘тоа и тоа’ во животот“. Да се подели искуството. Секако, секој од нас има проблеми, вакви или онакви, животот не е рамна линија. Амааа, кај нас тоа е забрането и очигледно тешко. Комуникацијата се учи во примарното семејство. Изразувањето на спектарот на емоции се учи во примарното семејство. Ние,тука сме потфрлиле со генерации наназад. Учени да премолчиме, да не искомуницираме, доаѓаме во стадиум на перфекционизам, што од друга страна е еднаков на неуротицизам. Молчи, „што ќе кажат луѓето“, расипало многу животи. А, знаете ли зошто? Само заради тоа да не доживееме осуда, критика, да не речат луѓето „како си можел/ла да си го дозволиш тоа?!?“

Јас често знам да им кажам на моите клиенти:-„Работете на себе, излезете, комуницирајте, грешете. Живи луѓе сте. И пак вратете се и работете на себе“. Само тогаш ќе бидете подобра верзија од претходната. Не постои човек кој не греши, постои човек кој не комуницира и не е во контакт со себе. Многу битен момент на свесност е “да се стои зад сè свое” во животот, да се зборува за тоа. Да се прифати дека некои работи, во некој дел од нашиот живот, сме ги правеле на начин што искуствено сме го поседувале на тоа место и во тоа време.Тоа не се грешки. Некако лошо звучи терминолошки. Едноставно толку биле нашите капацитети. Дополнително, ние генерациски ги влечеме прангите на простицизмот и животот под маска. Желбата за моќ, за перфекционизам, дотераност, статус. “Немојте да ме видите слаб/ба“. Кај нè води ова? Нели е некако полесно и поприродно да имаме желба да ги изразиме чувствата? Отворено да се говори, да се комуницира? Не е нормално човек секогаш да биде јак. Јачината е во изразувањето на слабоста. А овде кај нас за слабост се зема способноста отворено и транспарентно да се говори.

Јас сум секогаш гласноговорник на бруталната реалност. Не ја практикувам позитивната психологија од типот: „Биди јак/ка, можеш ти и сл“. Напротив, многу е нормално да се доживеат и преживеат сите емоции. И тагата е емоција, и за неа треба да се говори. Балканскиот синдром што генерациски се пренесува и ден денес има голем удел во менталниот склоп на општата популација. Комуникацијата ни е на примитивно ниво. Наместо фокусот на контрола да е во нас, ние уште се занимаваме со туѓите животи, па оттука додатно ни се наметнува и срамот од средината. Комуникацијата лошо ја формулираме. Комуникацијата не е трач и судење за туѓите животи, тоа е комплексна наука и предлагам да се позабавиме со истата.

Верувајте, токму моментот „што мислат другите за мене“ е точката на пресврт за промената на глобалните уверенија. И, за да ве охрабрам на чекор напред ќе речам: кога е во прашање својот живот, никој тука не е професионалец. Секој прави грешки, сум ги правела и јас, како и секој од вас. Воопшто не сум поразлична. И многу пати ми било поставено прашањето дали грешам? А, зарем би требала однапред да се програмирам и да предвидам како ќе изреагирам кога се во прашање личности во кои емотивно сум се вложила?!? Просто е. Прашајте еден хирург кога на столот пред себе ќе треба да оперира свое дете дали рацете му треперат. Многу е нормално, живи луѓе сме.

Затоа велам, немојте да се трудите да бидете совршени, само бидете во склад со вашите инстикти, а после корегирајте ги. Контактот со себе подразбира првично ослободување, комуникација и изразување на емоциите. На нашето ментално здравје не влијае само индивидуалното мислење, туку ние имаме реален трансгенерациски општествен проблем.

Да започнеме од комуникацијата!

Гордана Нестора, дипл. социјален работник, сертифициран интегративен психотерапевт, сертифициран тренинг-едукатор, автор и писател